Чек да брцнам во ташнава: Наздравје или живели како што викаме после третата

Добивај вести на Viber

Еве ги, како под команда. Нит сум ги повикала, нит ми се потребни. Ама не прашуваат. Дрско и безобразно, секое сабајле се тука. Само што ќе отворам очи. Ма уште пред да отворам очи.  Како ненајавени гости во сред домашна кавга. Е такви се. Утринските мисли. Ненајавените гости, или водоводџијата за читање водомер во купатило понекогаш знаат да бидат и супер добредојдени, оти тоа маскирно одело, кое го ставаш на себе во дел од секунда, она за пред гости, заедно со првата ракија, прави да заборавиш за што си се расправал. А кога ќе си отидат, прави да си бидеш сам себе си и глупав и смешен, што си им дозволил повторно и овој пат, по стоти пат, на чорапите од сред соба, или на исфлеканиот штиркан и пеглан чаршав, а најмногу на тоа дека Сандра и Бане, нон стоп одат некаде на викенди, а ние не, да ти го згорчаат животот. Ах тие 10 секунди, тие проклети 10 секунди, за кои сто пати сум рекла, ќе ги ќутам бе, ќе го гледам шарениот лустер за тоа време, нема да ги дишам бе, ќе го мислам Јусеин Болт кој за тие 10 секунди гепардот го претркува… И не!…,пак знаат да ми се провлечат. Е така, исто така секое сабајле. Еве ги… Утринските мисли. Што ќе готвам денеска за ручек, кои сметки не ми се платени, треба да набавам роба за Сончевина, ми снемува омекшивач, треба да се фрли она сирењето од фрижидер, кое го чекам дибидус да се расипе и глумам дека не чувствувам како се почнува да мириса на мувла и се тоа само за грижата на совест од неговото фрлање да ми биде помала…, леле немам веќе кромид, а мислев грашак да правам, зошто никој не ги јаде овие банани на маса, а зошто пак јас упорно ги купувам. Мајку ви вашу од мисли, остај те ме бе барем едно сабајле на раат.

 Ич не сакам кога имам многу работи со кратки рокови.  Како на лента во фабрика сум си. Ти мрдне ли малку умот брдо кутии ти се насобрале. А овие околу мене, си мислат дека имам некој волшебен тастер, кој дава готови решенија во секунда. И дека само треба да го притиснам и на другиот крај од лентата излегува готово материјализирано-идејно решение. И кога ќе им кажеш не може така, следи еее, ај молим те, итно ми е, уште само овој пат. И тогаш сум како робот со две глави и шест раце, додека не се укочам и снемам време, за со точак на кеј, каде обично одам да извозам, за да се откочам.

И така се до викенд. А викендите ми се празници. Уште од четврток си кројам планови, со што се ќе си ја насладам душата. И како бахато ќе си го расфрлам времето. И како ќе си терам ќера. Знам дека саботното утро два саат ќе пијам кафе на тераса, уште од темни зори. Знам дека ќе и се јавам на другарка ми и ќе зборувам со неа додека увото не ми утрне. Знам дека потполно певливо ќе го започнам разговорот. Дека ќе ја прашам, -како си срце и знам дека таа ќе почне да ми се жали за проблемите во бракот, за тоа дека око не склопила до 3 сабајле, додека не се вратиле децата дома. Дека на работа и е лудница, дека нема пари. Се тоа знам. И знам дека во ниедна од тие области не можам да и помогнам. И на крај протнувам нешто од типот, дај си време, се ќе се среди, како што е Господ никој не е, ќе видиш се ќе се среди. А знам дека ништо нема да се среди, туку така кажувам само за да не ќутам. Нема работа, нема пари, се помалку љубов, децата без компас, родителите во агонија… и цело време мумлам нешто како… да, да…. разбирам. И навистина разбирам. Сум била во таква ситоацијаи знам како изгледа кога и со тие дома, ма кога и со сам себе треба да си го зборуваш тоа. Си мислам, ајде дај смисли нешто позитивно и кажи и, а тогаш сфаќам дека немам таква натприродна моќ. 

А се би дала, да ми се јави со ведри мисли, од типот во Македонија најдов работа за одлична плата, со која можам да ги платам сите сметки, на децата да им уплатам 5 дена екскурзија во Париз, со маж ми одиме на викенд во Берово, ај со нас… Уф и тогаш доаѓа она. -Ај облечете се и дојдете кај нас. Ќе играме карти, имам уште од она биеното сирење и од ракијата на Роман од Мрзенци. 

Ова е секогаш последната прифатлива опција.  Го отвараме шишето, заледено со бел слој, а тапата крцка. Вадам и од малиџаното од некња и пропжувам  од пушените кобасички. Живели, наздарве, ај да сме здрави и живи… И им викам…

-Слушај, секогаш кога ќе ви се стегне душа, знаете каде можете да дојдте. И ти и ти… Договорено!? Да! Ај на здравје…  Мања дели. 

Не се договарајте под маса. 

Пиши табла. 

Ејјј, не видов, може да вратам  Не може. Ќор карти не игра. 

Дванаесет плус три од карти. 

Е како не. Пата-пата сме.  Ај преброј. 26-26…  Е добро де. 

Ај наздравје, или живели, како што обично го викаме после третата…



Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

Претходната колумна, ја имате тука