Чек да брцнам во ташнава: Фати ја својата мисла на време и згужвај ја како парче хартија

Добивај вести на Viber

Будна сум уште пред два саата, ама се силам да заспијам. Не затоа што ми се спие, туку затоа што не ми се станува. И не затоа што не ми се лежи, туку затоа што, она што треба да го правам денес, ми ја ремети таа комоција на излежување. Чувството на лутина кон себе, овој пат го надминува задоволството.

Со недели на ред го одложував големото чистење. Исто како кога одложувам диета, па дур да почнам ете ти уште 5 кила. Исто како, кога се силиш дека сега ќе му кажам јас нему, се што мислам, а кога ќе дојдеш до тој момент, издувуваш како балон и си велиш ај утре. Исто како кога не ти се оди кај пријателите на вечера, кои веќе не ги препознаваш, оти политиката им се вовлече во сите пори и само за тоа зборуваат, а ти немаш три чисти да речеш НЕ ОДАМ!.., па одиш и мумлаш нешто учествувајки се во муабети за кои одамна знаеш дека изгубиле секаква смисла. Е исто така денеска не ми се станува, зошто треба да се отарасам од сите потпикнати, непотребни нешта секаде каде што имало слободно место низ куќава да се подметнат. 

Фиоката во ходник. Чинијата за овошје на маса.

Просторот помеѓу машината за перење и ѕидот.

Позади врата на тераса. Третата фиока во кујна. Секаде каде што се нашло слободно место, се пикнало нешто што МОЖЕБИ ЌЕ МИ ЗАТРЕБА. А никогаш не затребало. Еднаш дури си помислив, како не дојдат оние добрите самовили од приказните и не ги земат сите овие нешта. Никогаш не би забележала дека ги нема. 

Станувај! Нема и денеска да си се восхитиш од итроштината на твојот ум, кој е многу блиску да те обработи и да ти рече, ај нема везе следната недела. Не! Денеска. Всушност знам што ти е. Не дека си нешто емотивно врзана со купот ќеси од маркет, кој ги чуваш во кујна во ќош, или пак со сите резервни копченца и флекници, кои веќе не знаеш ни од која кошулка се, ниту пак од кои чевличиња. Не, не. Не си ти тој тип, што толку се врзуваш за работите, мајка ти е таква. Ти само не сакаш да се ослободиш од непотребните мисли и емоции. Е тоа ти е. Ти многу добро знаеш дека големото чистење дома од такви работи е чистење по сопственото ѓубре. 

Почнувај! Прво од големите црни ќеси за ѓубре од 150 литри, полни со алишта. Книгите! Сите тие книги кои стојат во кутии на тераса и немаат свое место веќе. Нит се за читање, нит се за на полица. 350-те саксии, со цвеќе кои треба да се пресадат во специјална земја и да се наместат повторно на полиците. Сите оние докази дека си здрава и жива, со кои им кидна на анксиозните епизоди во твојот живот, кои патем сама себе си ги искреира. Наоѓам пораки, напишани сама за себе. Мисла=емоција. Фати ја својата мисла на време, и изгужвај ја како парче хартија. Па после на некое картонче пишува, Кога ќе почнеш повторно да црташ. Седнувам во тој хаос да нацртам нешто, колку само да се испочитувам себе си. Од 1ви Април вежбаш. Го фрлам и тоа. Не си гладна, доосадно ти е. Ова беше за на фрижидер. Во ташните авионски карти од Анталија, влезници за концертот на Стинг. Авионските ги фрлам, овие од Стинг ќе ги сочувам.  Аууу, еве ми го во плакаров стариот чадор за Сонце. Го отварам сред соба. Доаѓа син ми, ме гледа и ми снима видео за на инста.

Само ако си ме ставил, ќе ти го сокријам телефонот. Леле, еве ми ја сликата од матура. И таа оди во кутијата, со влезниците на Стинг. Беџ со Снупи. Го закачувам на тексас јакната. Сега, за сега му најдов место. Цела кеса стари хулахопки. Ги вадам само оние црни со бели точкици, другото фрлам. Ми текнува на роденденот на Марија. Тогаш ги носев.

Сфаќам дека супер се забавувам, а мислев дека ќе ми биде кошмар. Фестивал од докази дека сум живеела, постоела, дека сум зујала таму-ваму и сум го правела, тоа што ми се правело во моментот.

Седам на патос и наоѓам по некоја стара фотографија. 

Одмори, од мајка ми и татко ми млади и среќни. Фотографија со змија околу врат од Египет. Зајдисонце во Рим. Еве го татко ми покоен на гратската плажа на Вардар. Како Џони Вајсмилер е. Час насмевка, Час солзи. Се е ова околу мене живот. Цела оваа прашина и пајажина пикната под тепих. И сега морам од нешто од тоа да се отарасам. Морам да направам еден голем delеte, за да направам место за нови нешта. Не ми е драго, ама морам. Морам да го одвојам важното од неважното, дури и кога ми се чини дека е се важно. Не е!


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:




За Женски Магазин, Тања Трајковска

Претходната колумна, ја имате, тука