Ај доста глумиме
Чекајте малку другари. Дали тоа во моментов кога светов се превртува наопачки, буквално не се знае до каде ќе оди и технологија и комуникација и светска конекција, кај нас е табу тема се' уште менструација и сексуални односи. Значи да се разбереме, не зборуваме за родово единство, не зборуваме за првите поставени куќи на Марс, туку за добиено. А да, ќе додадам, и за интимен однос помеѓу двајца партнери. Како бре во 21 век, во момент кога наместо ревиски приказ, гледам холограми, попатно одговарам на прашање: Што е важно за младите девојки да знаат за менструација? Мајки каде ја утнавте? Родители, до кога таблетите и телефоните ќе ви бидат замена за соодветна комуникација и едукација. Уффф, морав, ако е ова тема што е табу, па што правиме за понатаму. Да се разбереме, ако нешто научив во животов е тоа да не судам, само затоа што не знаеш во кој момент ќе се најдеш ти на осуденичка клупа. Па така, се обидувам да најдам разбирање и почит за се што ми е на мене необјасливо, ново и дури и неприфатливо. Но, дали сметате дека тераме во прав правец, со фиксни узди кои самите си ги поставуваме, само заради лични стравови.
Ја започнав колумнава со цел едукација за себе грижа и себе нега најмногу заради една групација на млади девојки кои ме следат и ги мотивирам да бидат подобри за себе секој ден. Од проста причина, колку и да живееме во современ свет, колку и да е светов превагнат кон заштита и женски права, сепак, после пола свет прошетан, пак на еден маж му е тешко да и пружи рака на една жена за бизнис состанок. Пак сме потчинет род, се' уште мајките не учат да наведнеме глава пред сопругот и идниот маж во име на компромис и очајна потрага по брак.
Не сум феминистка, не сум шовинист, јас сум само човек. И не сакам да наведнам глава пред вистина и пред информација. Едно девојче треба да знае што значи тоа менструален период, не на ниво на табу, туку на ниво на нормален животен циклус, без кој никој од нас нема да е тука нели. Однос со партнер, сексуално преносливи болести кои веќе се и повеќе од секојдневие, кои не се екстрема како ХИВ вирус, за кој ви гарантирам дека пола младина не ја знае правата вистина, како до оргазам, што е оргазам, што се потребите на еден маж, а што на една жена во зеднички однос. Како е можно се' уште, покрај се што е поминато и се што е достапно, покрај се' што се има случено, поголемиот дел од нашето опкружување да молчи и наведнува глава пред нормални работи кои постојат од моментот на свест на човечкиот род?!
Ајде вака, за да не глумам психолог, ќе се обидам да посветам дел од колумниве на ментално здравје, кое за жал некако се заобиколува и се сведува на главата забулена во телефон или компјутер. Сфатете ме како сакате, ама ако сакате личен развој, напредок, или животна промена, нема да ви се случи без да прочитате барем една книга на три месеци. Жално е што генерациски од мене надолу, Шекспир го знаат само како цитат од инстаграм или приморана Ромео и Јулија. Жално е што секојдневно слушам како Скопје не чини, како е здодевно, мртво и дури и почнав да верувам во тоа. А од друга страна и те како има живот и случувања.
Не е Скопје мртво, ние сме. Се усравме од тоа што ќе помислат сите околу нас, што ќе каже комшијата и како ќе преживеам ако се променам. Кој има право да ти се налути ако денес ти текне дека сакаш да оставиш се, да продадеш се, и да одиш да спасуваш китови во Норвешка на пример. Кој има право да ти се лути, ако ти собереш храброст и се спротиставиш на очекувањата на твоите родители за тебе, што најчесто се проекција на лични неуспеси во животот, и се решиш да живееш аскетски живот. Или пак на крајот на денот, кој има право да не верува во тебе, ако ти веруваш во себе.
Во момент кога се е достапно и информацијата е владеечка сила, обидете се да дојдете до правата информација со предходно подигната свест за перцепција. Сто пати сум напоменала, уште толку ќе напоменам, ништо на светов не е лесно, а како стареете има да ви биде се потешко. Ама не ги оставајте децата слепи пред секојдневието, внимателно како ги воспитувате идните генерации, сепак следи иднина, а не минато, време тече оп стоп. Во момент кога на глобално ниво, најважна е таа индивидуална перцепција на информации, не им ставајте узди на нашиве идни генерации. Едуцирајте ги, дајте им потребно знаење и искуство за да може да се снајдат во генералнава сеопфатеност што ни се случува. И не ги учете да се плашат од нормалното. Девојчиња, нормално е да имате циклус и да не го криете тоа, жени нормално е да доживувате ненормални оргазми и да се пофалите на другарките за тоа ако вие сакате. Нормално е да одите на гинеколог наместо да местите нокти, нормално е да одите на забар наместо на фризер или шминкер. Не ме ставајте во ситуација да ви го куцам ова, ставете се себе пред се на светов погрижете се за себе прво од внатре, па потоа поработете на фасадата. Џабе ви се Гучи каишите, кога кипи сало или хијалурон под нив.
Јас сум Ивана Кнез, ај доста глумиме. Одете некаде за празников во природа, седнете на ручек со семејството и не сликајте, туку јадете. Јас знам, мимоза и садење кактуси, па има ли нешто подобро!
Среќни празници, се читаме следната недела.