„Често кога имам голем проблем знам да си шепнам „Ништо страшно, сѐ е тоа рок ен рол“ “: Интервју со актерот и стендап комичар Стефан Николовски
Стефан Николовски е млад актер и стендап-комичар од Велес кој стана вистински хит на социјалните мрежи имитирајќи ги познатите македонски политичари. Тој е дел од новата генерација на млади и талентирани дипломирани актери, кој првата средба со магијата на театарот ја имал на 9 години. Оттогаш се до денес, тој е доста успешен во она што го работи, а публиката го прифати уште од првиот момент кога ја почувствува неговата креативна енергија, смислата за хумор и одлична имитација. Во животот ништо не е случајно, па така и она што е денес, не е случајност, туку нешто што го негува уште од најрани години.
Ж.М. Иако си еден од најпопуларните млади актери кај нас, јавноста речиси и да не знае дека со актерството се занимаваш од 4 години … Како почна твојата приказна?
- Да дефинитивно љубовта за оваа професија започна на 4-5 години иако јас во тоа време не ни знаев дека тоа е професија. Едноставно ми претставуваше лична сатисфакција да забавувам луѓе на фамилијарни собиранки. Најчесто имитирав филмови. Потоа на 9 години за прв пат застанав на театарска сцена во античкиот театар Стоби и откако ја почувствував таа магија не престанав да работам и да го сакам театарот безусловно.
Ж.М. Кои беа твоите омилени ликови кои сакаше да ги глумиш?
- Па глумев и повеќе од тоа што требаше … На почетокот гледав филмови со супер херои и сакав да бидам еден од нив. Конкретно Спајдермен. Моите полудеа кога ме фатија како се качувам по куќата и одлучија да ми даваат да гледам само македонски и српски филмови. Со тоа започнаа моите „шоуа“ и имитации на тие фамилијарни собиранки.
Ж.М. Следствено на настаните се запиша на Драмскиот факултет, велат дека актерството е тешка работа пред сè, затоа што во оваа професија нема цензура ниту граница. Дали тоа ти пречеше на почетокот?
- Не ми пречеше, напротив често знам да им кажам на колегите „колку е добро да си актер“. Знаев каде одам и што точно значи тоа. На академија многу го збогатив своето знаење, но перцепцијата за оваа професија ми остана иста, а ја сакам уште повеќе после академијата.
Ж.М. Колку си задоволен од работата како актер во Македонија, иако си млад, дали некогаш размислуваш да ги прошириш своите хоризонти?
- Сè уште многу на почеток. Некако целото тоа искуство од дете до академија како да беа само кондициони подготовки за патот што тек сега го започнав. Моето мислење е дека ова е индивидуална работа и колку повеќе работиш на себе толку повеќе ти враќа професијата. Јас одлучив да продолжам да работам театар, да правам стенд-ап и да се посветам на социјалните мрежи коишто се алатка која може многу да ти помогне кога се занимаваш со јавна професија. Хоризонтите секако дека би ги проширил. Ако кажеме дека театарот ми е љубовта на мојот живот, филмот дефинитивно би ми претставувал швалерка без која не можам да живеам (се смее). Филмот е нешто во коешто сакам комплетно да се впуштам не само како актер туку и како продуцент.
Ж.М. Кулминацијата во досегашната кариера, ја доживеа откако почна да ги имитираш познатите македонски политичари, од каде дојде до една таква идеја и дали очекуваше дека токму тоа ќе те прослави?
- Искрено не знаев што да очекувам, но постојано верував во идејата за тоа како треба да започне патот. Уште од академија размислувавме јас и моите пријатели што ми помагаат со што точно да се започне. Бев добар во имитации и се роди идејата да имитирам познати личности што на луѓето по се изгледа им се допадна.
Ж.М. Колку е тешко да го насмееш народот во Македонија?
- Македонската публика е најдобра за да сфатиш дали си за ова или не си. Поготово велешката публика. Ако си добар, ќе те награди најмногу што може од душа и од срце, но ако не си … Сам ќе одлучиш повеќе да не застануваш на стенд-ап сцена.
Ж.М. Дали сметаш дека кај нас во изминатите години стендап културата е за некое скалило погоре?
- Да, дефинитивно и сум многу среќен за тоа! Искрено се надевам дека ќе продолжиме нагоре бидејќи хуморот е еден од столбовите на едно здраво општество!
Ж.М. Што мислиш, колку си влијателен на младата популација, дали внимаваш на тоа како ќе се претставиш?
- Искрено, многу повеќе се трудам јас да бидам најдобрата верзија од себе и да не морам да внимавам. Ако јас имам милион пороци, а на младите им кажам „немојте да имате“ не знам колку е тоа релевантно. Бидејќи младината секогаш ќе копира од тоа што е „ин“ или „кул“. Така што се трудам да ги имам оние убави вредности и без никаква задршка да ги комуницирам на младите.
Ж.М. Кое е најсмешното прашање или коментар кое си го добил од минувачи на улица?
-. Па секогаш најсмешни ми се оние кои те препознаваат, но не до крај. Многу ми е интересно кога ќе си ставам очила за сонце за да не ме приметат дека и јас ги гледам и ќе почнам да ги анализирам. Прво имаат збунета фаца додека мислат од каде сум им познат, па во одреден момент ќе се изнасмеат.
Ж.М. Дали сметаш дека имаш конкуренција или пак не гледаш на твоите колеги на тој начин?
- Конкуренцијата е здрава доколку ја перципираш како засилување за да работиш повеќе на себе. Јас искрено не ги гледам така моите колеги. Појачување и мотивација наоѓам во други работи. Како што кажав оваа професија ја сметам за индивидуална и кога 10 индивидуи напорно работеле на себе и ќе се спојат во колектив, можат да направат спектакл. Со колега можам да бидам само тандем, никогаш конкуренција.
Ж.М. Кога последен пат си бил на некоја претстава?
-. На фестивалот Војдан Чернодрински во Прилеп на почетокот од летово.
Ж.М. Што е тоа што тебе те смее?
- Кучиња најмногу и мали деца. Бидејќи сè што прават, прават искрено. Исто така Чаплин и Роуан Аткинсон ме смеат до солзи.
Ж.М. Кој е твојот совет за читателите на Женски магазин?
-. Што и да правите, стремете се да останете со чиста душа и чисто срце! И смејте се. Тоа е најбитно. Јас многу често кога имам голем проблем знам да си шепнам „Ништо страшно, се е тоа рок ен рол!“ Пробајте. Навистина делува и смирува! (се смее)
Елеонора А.