„Четири годишни времиња“ од Вивалди и Пјацола со врвните Анна и Олег Кондратенко
Македонската филхармонија со голема радост го најавува концертот „Годишни времиња - Пјацола/Вивалди“, кој ќе се одржи овој четврток, на 26 април во 20 часот.
Како солисти ќе настапат едни од најдобрите македонски музички уметници денес - врвните виолинисти Анна и Олег Кондратенко!
За првпат во Македонија, ќе бидат изведени, во иста вечер, истоимените дела - „Четири годишни времиња“ - од двајцата истакнати композитори кои твореле во различни епохи - Антонио Вивалди и Астор Пјацола.
Комбинацијата на истоимените дела на Вивалди и Пјацола, ќе донесе сплет од различни расположенија, а и ќе ги нагласи културолошките разлики помеѓу медитеранска Европа и срцето на Јужна Америка.
Олег Кондратенко:
Еден од највлијателните македонски музички уметници – виолинистот Олег Кондратенко (1973) почнува да свири виолина на седумгодишна возраст. Го завршува нижото и средното образование во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје во класата на професорите П. Николов и Р. Димитриев. Студиите ги продолжува во Ротердам, Холандија, во класите на проф. И. Груберт и З. Гилелс, каде што ја завршува првата година. За време на студиите е добитник на повеќе награди од кои се издвојуваат републичка и сојузна награда во рамките на поранешна СФРЈ. Кондратенко дипломира на ФМУ со оценка 10 кум лауде, во класата на проф. Зоран Димитровски, за потоа да замине на Високата школа во Келн каде што завршува постдипломски студии во класата на проф. П. Матцка и се здобива со највисокиот солистички степен „концертегзамен“ во класата на професорката М. Мартин, а камерна музика работи со квартетот „Албан Берг“ и Александар Лонгви.Концертира во Русија, Холандија, Германија, Данска, Египет, Унгарија, Австрија, Хрватска, Полска, на фестивалите „Охридско лето“ и „Скопско лето“, а одржува и повеќе настапи со Македонската филхармонија. Моментно, Кондратенко е редовен професор на ФМУ во Скопје, а во периодот од 2010 до 2014 беше професор и на ФМУ „Гоце Делчев“ во Штип. Неговите студенти се лауреати на интернационалните натпревари: „Етиде и Скале“ – Загреб; „Охридски бисери“ – Охрид; „Интернационално гудачко такмичење“ – Ниш; „Македониум“ – Скопје... Од 2000 до 2007 година, Олег Кондратенко е солист и концерт-мајстор на камерниот оркестар „Јунге филхармоние“ од Келн со кој само во 2005 година во рамките на летната турнеја низ Германија оствари 39 солистички настапи. Од 2008 година е раководител и концерт-мајстор на филмскиот оркестар „Фејмс“ со кој во последните девет години е снимен музички материјал за над 3.000 проекти, меѓу кои се филмови, мјузикли, театарски претстави... награда „Еми“ и номинација за „Греми“. Во 2011 година, заедно со неговата сопруга, виолинистката Анна Кондратенко, го издава нивното прво цеде „Навара“. Во 2015 година, пак, се добитници на наградата „Виртуози“ за најдобар камерен состав. Критиките за Олег Кондратенко ќе напишат: „...суверен солист...“ (Криста Вогел, „Раменауер цајтунг“, Германија), „...технички суверено владеејќи со солистичката делница, Кондратенко со својата голема музикалност во полумрачната атмосфера на композицијата го вовлече и оркестарот и слушателите...“ (Бранимир Пофук, „Јутарњи лист“, Хрватска), „...емотивно допрени во соработка со Олег Кондратенко беа романтичните вриежи и драматичните возникнувања во Јаначековата Соната, а во Бартоковата Втора соната посебно се остварија бурните ескапади ...“ (Е. Х., „Келн штад-анцајгер, Германија), „...публиката синоќа беше обземена не само од неговите изведувачки акробации, ами и од необично цврстиот и прецизен тон, од совршено чистите двозвуци, од кристално јасните пасажи и, пред сè, од емоцијата...“ (Марко Коловски, Македонско радио), „...Кондратенко ја возбуди публиката која беше до солзи одушевена од неговата обработка на тема од македонскиот фолклор...“ (С. Јовановиќ, „Дневник“)...
Анна Кондратенко:
„Виолинистка со фуриозен штрих“... која создава „музика како од оној свет“ се дел од критиките за една од најистакнатите македонски виолинистки Анна Кондратенко (1981), моментно концерт-мајстор на Македонската филхармонија. Родена во Новосибирск (Русија), виолина почнува да изучува на четиригодишна возраст. Музичкото образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на професорите О. Марченко и А. Гвоздев (заслужен артист на Русија), а потоа продолжува во класата на прочуениот В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што и дипломира во 2004 година. Нејзиниот талент за музика е забележан уште од најрана возраст и уште како дете Кондратенко се издвојува со победите на регионалните конкурси. Во 1995 година станува стипендист на Министерството за култура на Русија. Добитничка е на значајни награди, меѓу кои прва награда на Меѓународниот конкурс „Blue Lake“ во Мичиген, САД (1992), втора награда на серускиот конкурс „М. Ерденко“ во Москва, Русија (1995), трета награда на Меѓународниот конкурс „Е. Мравински“ во Санкт Петербург, Русија (1996), трета награда и награда од публиката на Меѓународниот конкурс „Yefrah Neaman“ во Мајнц, Германија (1997) итн. Како солист и како концерт-мајстор, постојано настапува со Младинскиот симфониски оркестар на Новосибирск, Симфонискиот оркестар на Филхармонијата на Новосибирск, Интернационалниот симфониски оркестар на Мичиген, Класише филхармоние во Бон, Германија итн. патувајќи во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, САД, Малезија, Кина, Јапонија. Анна Кондратенко е и концерт-мајстор во оркестарот за снимање филмска музика „Фејмс“. Мошне значајна е нејзината педагошка работа. Нејзините успеси и на ова поле се многубројните награди на националните и на меѓународните натпревари што ги освојуваат нејзините ученици.