„Четворката“ веќе е дома: Леонтина и нејзините тројца браќа Михаил, Теодор и Ведран ќе ги греат срцата на Зикови од Штип
НАШАТА „ЧЕТВОРКА“ ЈА ИСПРАТИВМЕ ДОМА
Во сигурните раце на мама и на тато, на 29 ноември замина нашата четворка - малата принцеза Леонтина и нејзините тројца браќа Михаил, Теодор и Ведран.“ - објавија денеска од ЈЗУ Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство - Скопје.
Малите но големи борци родени во 31 гестациска недела си заминаа во добра состојба по 38 дена поминати на одделението за интензивна нега и терапија.
Михаил е роден со 1170 грама, а дома си замина со 1860 грама. Леонтина е родена со 1100, а ја испративме со 1810 грама. Теодор е роден со 1200 грама, а дома си замина со 1920 грама. Ведран е роден со 1370 грама, а од ОИНТ го испративме дома, во Штип, со 2000 грама.
Докторите и медицинските сестри и акушерки од Клиниката за гинекологија и акушерство на овие мали јунаци им посакуваат среќно детство исполнето со многу здравје, а на среќните родители Благица и Александар полна куќа детска смеа, многу радости и топлина во домот што ќе им ја донесат овие четири мали сонца.
Доктор Елена Ѓоргиевска Николовска, која „на свет“ ги донесе Михаил, Леонтина, Теодор и Ведран вели дека е прекрасно чувството сите четири бебиња заедно да се испратат дома и порача дека за сите кои беа дел од оваа среќна приказна, тоа било огромен предизвик.
„Чувството да бидеш мајка на четири дечиња е неописливо, ова чудо што ни се случи на нас е волшебно, нешто посакувано долги четири години. Измешани емоции на среќа, радост, преголема желба да станеш родител.
Како велат постарите ако вашата желба е преголема, Господ ви подарува. Нашата желба беше да имаме две дечиња, но Господ ни подари уште две мали душички“ - истакна пак Благица Зикова, мајката на четирите бебиња.