Човечноста не се програмира
Изминативе две недели ми се погодија толку хаотични,
што мислам дека се уморив колку што се немав изморено цела година наназад. Нина
донесе некој вирус од училиште кој ја врза скоро недела дена во кревет, додека
јас работев од дома за да бидам покрај неа (нели, она мајчинското “за не дај боже”). И
пуста младост, таа се крена на нозе како ништо да не било и почна да
функционира нормално, ама после јас се размрсулавив и во гласот бев како психопатите од хорор
филмови кои им се јавуваат навечер на своите жртви за да ги истресат од гаќи од
страв. И еве, после 15 дена наваму-натаму конечно седиме една карши друга,
секоја со својот доручек...таа со чајот пред себе а јас со кафето и тераме ред
муабет, ред социјални мрежи, па коментираме и дискутираме за сé и сешто, се смееме
и на моменти се инаетиме една со друга. И додека си мислам во главава “Ано, среќна жена си ти што се дружиш вака со детето,
односно што сé уште сака ќере да бидете другарки”, наеднаш Нина ме сепнува со следниот муабет.
“Мамо, ми излезе реклама на youtube за AI chat (за да се разбереме како луѓе оти и јас кубурам со ова новиве изрази, тоа се апликации кои симулираат разговор создаден од вештачка интелигенција) за правење текст кога сакаш да раскинеш со некого”.
Чекај, чекај! Почнавме да живееме во време кога е очигледно дека на човечкиот мозок не само што му се нуди можност да хибернира, туку и да закржлави. Да, супер е сета оваа помош од компјутерите, ама чинам дека она што на прв поглед нé воодушевува и прави да чувствуваме олеснување оти ќе има кој да стори нешто наместо нас, си има цена...и тоа голема. Баш пред некое време гледав едно фантастично видео кое не само што го опфати генерацискиот јаз меѓу мојата генерација и генерацијата на ќерка ми, туку даде и јасна слика дека модернава технологија го убива инстинктот за преживување. На многу оригинален и смешен начин беше објаснето дека новиве генерации ако го освојат светот, а земајќи предвид дека не знаат да цртаат мапи, не знаат да се ориентираат по компас и немаат врска како да стасаат некаде без google maps....ќе биде многу лесно да го вратиме назад.
И шегата на страна, ама еве, пребарајте било што на интернет и користете ја можноста која ви ја дава вештачката интелигенција за да креирате цртеж, текст, поезија, есеј, фотографија. Имам колега на работа со кој редовно се расправаме на оваа тема, бидејќи упорно тврдам дека сепак, човечкиот ум и креативноста која доаѓа како дарба, емотивност, можност да се канализира стравот, болката, радоста, загубата не можат да се заменат, па дури ни со најсовршените алгоритми. И за да ме демантира, тој дава на AI chat насока да направи песна по теркот на Ана Бунте(в)ска (редовно ми го греши презимето). И да, тоа компјутерското чудо извади песна која изобилуваше со емотивни напливи расфрлани наваму натаму и кои иако како изрази можат да се најдат во моите песни, ама без никаков контекст. Башка, архаични зборови ни за лек, оти што знае AI што е ”ми иди ЏЕНЕМ да фатам оти ми КЛАДЕ ЧИВИЈА на неспокој” (факју AI).
Она што повеќе ме уплаши беше дека младите сé повеќе ги користат овие (демек) модерни и неопходни алатки и за време на своето образование. “Напиши ми есеј за...”, “Напиши ми осврт за...”, “Напиши ми текст за...”, додека за навек остануваат сиромашни за еден куп непрочитани книги и развивање на сопствената мисла. И да, јас сум од оние “лошите” мајки кои тапат со тоа дека лектирите се купуваат и се читаат, дека е грев да не се анализираат Достоевски и Чехов, дека е срамота да не се знае да се дискутира за 1984 на Орвел (и Животинска фарма), Процес од Кафка, Сликата на Доријан Греј од Вајлд и ред други дела кои нам (на мојата генерација) ни беа пресвртна точка во формирањето на карактерот и мислата. Ако за нешто сум горда на себе во животот, тоа е дека успеав да разбудам љубов на ќерка ми кон книгите.
И она што крајно ме изненади и извади од ум, беше следново. Ај што беше и Нина шокирана за тоа дека машини можат да напишат текст за раскинување со некого (пазете, тука имате изрази како “не е до тебе, до мене е”), туку беше и поразена од тоа дека може да се “нарачаат” текстови за изразување сочувство. Да, да! Реакцијата нејзина беше дека што останува од човечката емпатија ако треба да се седне на компјутер за да се пребара/нарача текст со кој ќе кажете некому дека ви е жал за загубата на неговите родители, (скраја да е) чедо, сопруг или сопруга. Како се нарачува утеха или поттик преку алгоритам? Ако сакам да закачам слика во домот, ќе одберам да ја гледам душата на другарка ми Анита, Ивана, Милан или некое дело кое е одбрано од нешто што никогаш нема да научи што е емоција? Како можам да нурнам во себе и да одам едно ниво погоре ако наместо да ја прочитам Галебот Џонатан Ливингстон, прелетам со поглед на AI chat и наидам на тоа дека “оваа приказна порачува дека индивидуалноста и стремежот за саморазвој се клучни за вистинско задоволство во животот”. Како ќе знам дека е сето ова вака и од каде доаѓа ако не ја земам в раце книгата? Зарем писменоста, креативноста и емпатијата се удрија во ѕидот на она што ни го сервира технологијата?
Уште од пред десетина година, одвреме навреме добивам пораки со молба да напишам текст за роденден на саканата/саканиот или за запросување. И не можам. Ај што не можам, туку и не сакам. Добивав и понуди за одреден паричен надомест да напишам семинарски или песни. И тоа не можев, а и не сакав. Секогаш велам дека едно навидум сиромашно “те сакам до небо” вреди многу повеќе од милион зборови кои совршено ќе ја доловат љубовта, ама не се ваши. Секогаш велам дека повеќе сакам да прочитам писмена работа од Нина полна грешки од кои ќе научи како се пишува, отколку мајка да и’ стокми текст за петка која ќе е моја, а не нејзина. На крајот од денот, секогаш сакам кога ќе добијам писмо или порака во која колку и да се оскудни зборовите мене ми прикажуваат еден цел филм во главата, оти можам преку тие неколку реченици да ја почувствувам душата на тој што ми пишал.
Индивидуалноста се гради, стилот исто така. Емпатијата е во душата и во срцето, а не во совршено склопена реченица. Сепак, енергијата на секој од нас, аурата околу нас, топлината на дланката, стисокот кој вели “тука сум, не се грижи”, погледот во кој ја наоѓаме сета љубов која ни е потребна за да сме комплетни, се клучни во она што нé прави луѓе. Нашата кршливост, несигурност, несовршеност се нашите адути, а не слабости. Љубовта не се програмира и нема алгоритам за неа. Оти како и да ги свртите работите, текстот кој вештачката интелигенција ќе го стокми за вас и вашата љубов за некого можеби нема да парира на тоа што вашиот поглед кон личноста го кажува. Едно гушкање кога ви се чини дека светот ви се руши врз глава и дека нема каде подолу има поголема тежина од празни муабети. Едно нацртано срце со треперлива рака кажува многу повеќе од порачана песна која никогаш нема да ја почувствувате оти кога некој ја пишувал наместо вас, пред очи му била некоја негова голема љубов.
Автентичноста е дар...и колку и да е скромен вашиот израз, нека биде одраз на она што го носите во себе. Поголемо богатство од тоа, нема.
Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Сé ќе научиш во животот
Како првиот чекор да го направиш
Како да одиш без да паѓаш
Како да земеш вилушка и нож в рака
И устата со марамче да си ја избришиш
Како моливот да го држиш
И како со него линија да повлечиш
Сé, ете сé ќе научиш
Куќа со покрив да обоиш во различни бои
Од коцки да натокмиш зграда голема
Како сам да се обуеш и собуеш
И врвците од чевлите да ги заврзиш
Та кога ќе пораснеш
Ќе научиш и автомобил да возиш
Сам в кујна некоја убост да си спремиш
Вратоврска да си врзиш
Или копче на кошула да си сошиеш
Сé ќе научиш
Како фризурата сама да си ја средиш
Како да се нашминкаш
Како да сработиш презентации
И како со сигурен глас
Пред полна сала да говориш
Ќе научиш за себе да се бориш
И за својата среќа да се избориш
Сé
Сé може човек да научи
Дури и како да создаде нов свет
Во кој живеачката ќе си ја олесни
Ама пусто има едно нешто
Кое ниту се учи
Ниту се приучува
Ниту пак има прирачник
Во кој формулата за чоештина се крие
Та или си роден таков
Или без душа ќе си поминиш векот
Оти солза во око за туѓа мака
Не можеш да одглумиш
Збор нежен за туѓа болка
Не се учи од никаде
Галеж полн надеж
Не се нарачува по пошта
Оти мекото во душа што ти спие
Уште во мајчината утроба го имаш
И никој не може да ти го даде како подарок
Или да ти го грабне како арамија
Оти сé во животот може да се научи
Освен да си човек
Освен да си добар човек
Оти таквите се раѓаат со ѕвезди во очите
Со благослов на усните
И со срца од памук со мирис на среќа
Со мирис на човечност
Со мирис на убост