„Чудна шума“ : Прво е-списание за деца

За само две недели од првата објавена содржина, првото електронско списание за деца „Чудна шума“ го посетиле 5000 посетители со повеќе од 1500 прегледи дневно.

Е-списанието, кое од неодамна може да се посети на адресата www.cudnasuma.com, го стартуваше малата независна издавачка куќа со истото име - „Чудна шума“ - фокусирана на литература за деца и млади, со која раководат писателката Билјана С. Црвенковска и фотографот и креативен директор Кире Галевски.

-Мислам дека порталот или електронското списание за деца, како што милувате, дојде во вистинското време. Прво, бидејќи е прво и единствено во Македонија, наменето само за деца, во кое се презентираат книжевни, забавни и едукативни содржини. Она што досега постои за деца се претежно едукативни платформи или, пак, портали кои се наменети за родителите, а не за децата. Второ - затоа што во ова време кога децата се затворени дома – со „Чудна шума“ добиваат бесплатни содржини за читање, забавни (не задолжителна литература која е дел од образовниот систем), со интересни илустрации, некои од нив дури и анимирани. И, плус на медиум кој ним им е близок – вели Црвенковска за првите искуства со „Чудна шума“.

Во времето на севкупна изолација, кога децата, заедно со родителите, од дома ги совладуваат наставните програми за оваа учебна година, е-списанието добива и нова додадена вредност.  

- За потребата од ваква содржина и за ефектот зборуваат секојдневните позитивни коментари кои ги добиваме од родителите на социјалните мрежи и огромниот одзив на колегите писатели кои безрезервно се вклучија во проектот – вели Билјана.

За „Чудна шума“, кое засега функционира комплетно ентузијастички, секој ден пишуваат некои од најдобрите имиња на домашната книжевна сцена, од сите генерации. Се објавуваат песни и раскази на Ванчо Полазаревски, Петар Андоновски, Владимир Лукаш, Ана Голејшка Џикова, Николина Андова Шопова, Калина Малеска, Лидија Димковска, Славе Ѓорго Димоски, Владимир Мартиновски, Румена Бужаровска...

На овој предизвик му се приклучија и одлични илустратори: Наталиа Лукомска, Катерина Николовска, Ване Костуранов, Наташа Костовска, Сања Симоска, Доротеј Нешовски..., како и стручни соработници за едукативните содржини во областа на природните науки. 

Бројот на прегледи е големо охрабрување за иницијаторите на е-списанието.

- Ова е само почеток, бидејќи подготвуваме уште многу други интересни содржини. Се надеваме дека оваа наша заложба ќе биде препознаена и дека списанието ќе добие и посериозна финансиска поддршка - за и понатаму да расте и да се развива – вели Билјана.

На „Чудна шума“ секојдневно се пласираат книжевни, забавни и едукативни содржини за децата, сите илустрирани, некои анимирани, а викендов се појавија, за првпат – интерактивни гатанки.