Ова никако не смеете да го правите денес: Го славиме Свети Харалампиј, заштитник од болести и несреќи

Денешниот ден e посветeн на Светиот свештеномаченик Харалампиј.
Овој голем светител беше епископ во Магнезија и во својата сто и тринаесетта година пострада за Христа. Кога настанастрашното гонење на христијаните во времето на царот Септимиј Север, старецот Харалампиј не се криеше од гонителите, туку слободно и јавно ја проповедаше Христовата вера.
Сите маки ги претрпе како во туѓо тело. А кога уште жив му ја дереа кожата, незлобливиот светител им рече на царските војници: „Ви благодарам, браќа, зашто ми го истругавте старото тело, а ми го обновивте духот за нов, вечен живот“. Изврши многубројни чуда, во верата обрати многумина.
Дури и царската ќерка Галина го напушти незнабоштвото на својот татко и стана христијанка.
Осуден на смрт и изведен на губилиштето свети Харалампиј ги воздигна рацете кон небото и Му се помоли на Бога за сите луѓе, за да им даде Бог телесно здравје и спасение на душите и да ги умножи земните плодови. „Господи, Ти знаеш дека луѓето се месо и крв, прости им ги гревовите и излеј ја Твојата благодат врз сите!“
После молитвата овој свет старец ја предаде својата душа на Бога пред да го спушти џелатот мечот врз неговиот врат. Пострада во 202 година. Неговото тело го зеде Галина и чесно го погреба.
Овој светител меѓу народот е познат и како Чуминден.
Поврзан е со болестите и се смета за чувар од нив, а се врзува со чумата зошто таа се смета за најопасна болест, а народот верувал дека тој е пазител од чумата која ја соборил и победил, а тоа бил ѓаолот .
Верниците кои ја почитуваат традицијата веруваат дека на овој ден не треба да се пцуе, да се расправа или да изговара лоши зборови, бидејќи се верува дека тоа може да донесе несреќа.
Свети Харалампиј остави длабока трага во христијанството, а неговите страдања и молитви сè уште се симбол на истрајноста во верата и надежта во божествената заштита.
Извор/фото: денови.мк