Црвено јајце за Велики Четврток: Што велат традициите и обичаите?

Добивај вести на Viber

Со денешниот Велики четврток почнуваат велигенските празници.
Нѐ чека продолжен викенд исполнет со традиционалното боење на велигденските јајца и дружење со најблиските.

Велики четврток е четвртиот ден од Страсната седмица пред Велигден. Погледнете што се традициите за овој празник и што е уште поважно за него.

Велики Четврток е нарекуван уште - чистиот четврток и во верски план е запишан од клучни библиски моменти. На Велики Четврток се одржала Тајната вечера, на овој ден Христос упатил молитва кон Бог Отецот во Гетсеманската градина и денес настанало предавството на Јуда.

Велики Четврток е еден најпрометните денови од подготовките за Велигден. На овој ден се бојадисуваат велигденските јајца кои треба да се црвени.

Првото бојадисано јајце исто така треба да е во црвено - се проценува дека бојата ја симболизира Христовата крв. Со него, додека уште не е скршено најстариот член на семејството црта крст на челото на најмалите, за да бидат здрави во текот на годината. Освен тоа првото јајце се остава пред иконата во домот, за да не штити од зли сили, да носи здравје, среќа и успех.

Според традицијата во минатото на Велики Четврток жените поминуваат најмногу време во кујната. Тогаш највозрасните жена во семејството замесува велигденски леб, нарекуван уште богова пита, велигденски кравај или квасник).

Велигденските леб е обреден леб и се украсува со непарен број велигденски јајца.

Велат исто така, дека на полноќ на Велики Четврток небото се отвора, за да слезат кај своите блиски душите на мртвите, кои остануваат на земјата 40 дена.

Во минатото на Велики Четврток луѓето ги осветувале новите домови.

Главен обичај што се изведува на овој ден и со посебно внимание е вапцувањето на велигденските јајца. Според обичајот најпрвин се вапцувале три јајца, а потоа и другите. В. Кличкова запишала дека во Порече, а тоа го среќаваме и во други краишта на Македонија, првото јајце било наменето на Господ и се викало Господово јајце, второто на домаќинот - главата на семејството, а третото на стоката и бериќетот. Особено повеќе обичаи и верувања се поврзани со јајцето првак за кое се верува дека има магиска моќ. Тоа подоцна стои пред иконата, со него се враќа облак, се лекуваат болести кај луѓето и стоката, тоа заштитува од пожар, гром и сл.

Јајцата ги вапцува домаќинката рано наутро пред да изгрее сонцето, зашто се верувало дека ако тоа се направело подоцна јајцата ќе се засмрдат. Вапцани пред да ги види сонцето, овие јајца, особено првакот, не се расипуваат и по неколку години. Кога ги вапцува јајцата домаќинката мора да има нешто јадено или да има каснато барем еден залак леб, зашто ако тоа го прави на гладно срце, јајцето може да ја разбие, да се разболи или да е несреќна, а и таа ако го разбие тоа ќе ја загуби магиската моќ.

Насекаде во Македонија, на Велики четврток, рано пред изгрејсонце, првото јајце се става во сито и се обесува на дирекот од куќата или на друго место спроти сонце за да го видат првите сончеви зраци. Во некои краишта во ситото ставаат едно во други две или три јајца. Исто така, во некои краишта во ситото ставале и жито, некаде и срп за богат бериќет или сукало, за да се сучи касметот. Ситото било покривано со црвен машки појас или со друга ткаенина но секогаш со црвена боја.

По вапсувањето на јајцата, но пак рано пред изгрејсонце, домаќинката го земала јајцето првак и на децата, уште додека биле в постела, им минувала три пати по лицето зборувајќи: „Црвено бело дебело“ или: „Црвено бело здраво и живо“, што значи да се дебели како јајцето, но и црвени во образите, што е ознака за здравје и напредок.

Во Скопско, јајцата се бојадисувале не само пред сонце туку и пред да удрело клепалото од црквата зашто таквите јајца помалку се кршеле и подолго време не се расипувале. Е. Спространов сведочи дека во Охрид вечерта се носеле во црквата неколку црвени јајца „за да чует дванајсет ванѓељја“, а потоа едно од нив закопувале во нивата или во лозјето „за бериќет“. И Стефан Тановиќ во записите од Гевгелиско сведочи за одење во црквата каде што се слушале дванаесетте евангелија, а за тоа време секој во рацете држел свеќи. Таа свеќа, пак, што се држела додека се читало последното евангелие се носела дома и од неа се палело кандилото пред иконата.

Со Велики четврток се поврзани и други обичаи и верувања. Така на пример, во село Мачуково, во егејскиот дел на Македонија, ако црни кокошки ги снесат јајцата, се бележат со конец и се закопуваат во лозјето за среќа. Кузман Шапкарев забележал обичај според кој малите моми замесувале за прв пат тесто, кое потоа со црвените јајца (чиј број бил колку што имало членови семејството) го носеле во црквата за таму да преспие додека се читале дванаесетте евангелија. Со тој квасец по празникот замесувале леб.

На Велики четврток се запотнува, како што тоа се прави на сите Величетвртоци до Спасовден кога и не се работи, како што запишал Е. Спространов „за да не бијат град“. Запотнувањето се прави на тој начин што се става потка на клучките од вратите, потоа на долапите, стомните, грнците, амбарите, каците, бочвите и други места. За потка се користат билки за кои се верува дека имаат волшебна моќ како што се: кукурек, вратика, челинок, понекогаш се запотнува со гранки од леска, дрен, и др. Се запотнува за здравје но и со верување дека на тој начин луѓето, стоката и објектите ќе се заштитат од разни болести, несреќи, елементарни непогоди и сл.

На Велики четврток се изведуваат и други обичаи. На пр. се јаде пресен зелник со зелје, потоа девојките си ги мијат косите, а во водата ставаат црвено јајце и здравец, за здравје. Во Мариово, како што запишал Милан Ристески, овчарите потстригувале неколку овци за потоа да стрижат во четвртоците, жените заплевувале во нивјето за потоа и тие да можат да плеват во овие денови, а мажите уште и оделе по дрва но без секира за да не треска град. 

Што велат преданијата и Библијата за овој ден?

Одлуката за погубување на Христос на Велика среда ја донело Еврејското црковно собрание (Синедрионот). Исус Христос бил пронајден и уапсен кај Гетсеманската градина, по Тајната вечера ноќта меѓу Велики четврток и Великпеток. Ноќта Христос бил мачен и камшикуван за на крајот да биде изведен пред Понтиј Пилат, римскиот намесник за Јудеја. Тој најпрвин изјавува дека не наоѓа никаква вина за која би можел да го осуди Христос. Но, фарисеите гледајќи дека Исус може да биде ослободен, го наклеветуваат дека се прогласил себе си за цар и со тоа всушност се кренал против Рим и императорот. За таков гревРимјаните морале да го казнат сторителот. Бидејќи било Пасха, најголемиот еврејски празник за кој било вообичаено да се ослободи еден затвореник, Пилат го прашал насобраниот народ кој сакаат да биде ослободен? Исус или Варава, разбојник кој убил неколку римски војници. Насобраниот народ потбуцнат повторно од фарисеите барал да се ослободи Варава. На прашањето на Пилат што да прави со Исус, народот извикувал "Распни го! Распни го!". Затоа откако ја изрекол пресудата,Понтиј Пилат ги измил рацете и му се обратил на насобраниот народ со зборовите: "Јас не сум виновен за смртта на овој праведник".

На Христос му бил ставен венец од трње на главата и тежок крст на плеќите кој го носел до ридот Голгота, каде што е распнат. По патот тој бил плукан и навредуван од мнозинството народ. Но се нашол таму и еден добар човек по име Симон од Киринеја кој се сожалил и му помогнал на Исус да го носи крстот. И денес по 2000 години, патот по кој тој одел е познат како пат на болката. На Голгота биле поставени три крста. Крстот на Исус бил во средината а од страните биле распнати двајца разбојници. Дури и на крстот Исус побарал прошка од Бога за своите џелати извикувајќи: "Оче, прости им зашто не знаат што прават". Кога околу три часот попладне ја предал својата душа на Бог, сонцето се помрачило, се отворале гробови, земјата се тресела, пердето во храмот се разделило на половина, карпи пукале со страшен звук. Со тоа се обестиниле Исусовите зборови дека "и мртвите камења ќе сведочат за живиот Бог". Покрај крстот останале Богородица, апостолот Јован, Марија Магдалена и уште неколку жени. Нема и скаменета од болка го гледала Богородица безживотното тело на својот син. Јосиф од Ариматеја отишол кај Пилат и го замолил за дозвола телото на Исус да го симнат од крстот и да го погребаат. Бидејќи утредента било сабота (кога ништо не се работи), за да не стои телото три дена на крстот Пилат дал дозвола да го погребаат. Исусовото тело го обвиткале во платно и го однеле во нова гробница, која Јосиф ја подготвил за себе си. Гробот бил издлабен во карпа, на чиј влез Римјаните поставиле огромен камен и стражи, плашејќи се дека некој може да го украде телото.


Фото: фреепик