Д како депресија

Добивај вести на Viber

„Арен беше чоекот, ама матната го однесе“, велеше некогаш баба ми додека со комшиките разговараа за некого. Мене па ми беше чудно, мислев дека разговараат за некој што се удавил, па после уште повеќе бев збунета оти Драгор и не беше некоја река во која би можел некој да се удави. Ми требаа години за да сфатам. Матната дека е умот, кој ете, почнал да работи деструктивно и да го уништи човекот. Со големото Д си играме како да е попатна работа. Не ни е погодено на работа и одма стануваме ѕверови дома и се вадиме на депресија предизвикана од колегите или директорот. Дома кога не ни е ок, повторно од ракав ја вадиме депресијата. Некако многу лесно го употребуваме зборот кој е мошне сериозен и опасен.

Дали сум била во депресија? О да. Сум била во состојба кога буквално не сум можела да станам од кревет и да се мрднам. Кога нозете ми откажувале послушност за да се спастрам и излезам од дома. Гледање во една точка, празнотија во умот и чувство на тежина во градите. Место не ме собирало. Каде и да е човек, арно рекле дека сам од себе не може да избега. Дека состојбата на умот ни е како сенката од која не може да се ослободиме. И секогаш се наоѓа некој паметен (сарказам) кој на обидот да кажете како се чувствувате, вели “абе има и полошо”. Ок, фала на просветлувањето. На човек во депресија само му ги подгревате лошите мисли со тоа. И аман, замолчете. Покажете емпатија или воопшто не прашувајте некого како е, ако не сте кадарни да го сослушате или сфатите сериозно.

Отсуството на желба за живот и чувството на безизлезност не се работи за кои треба да си играте доктори. Има луѓе кои се стручни за тоа и кои знаат како да пристапат, а не да тапкаат во темнина и ако им се посреќи, да ве извадат од калта. Нестручноста знае да биде фатална доколку се обидувате да си играте Бог. Велат дека луѓето со нежни души се склони на длабоко преживување на сите дразби, почнувајќи од среќа и завршувајќи со тага. Дека се склони на она што модерно го викаат премногу анализирање (иако ич не ми е јасен терминов). Од дете анализирам. Себе, другите, настани, постапки. Умот ми е една бркотница од мисли и анализи. Колку пати ви се има случено да ви кажат “ај бе па и ти, не го мозгај толку”! Е како? Еве, прифаќам, ама да ми се каже формулата како да престанам да размислувам. Како да го исклучам умот и да го ставам на postpone за да одморам! Мене не ми успеало никогаш.

И гледам околу себе дека се’ повеќе луѓе имаат мака со тоа да се одржат на површина низ годиниве. Уморни од условите во кои живееме, уморно од политика, уморни од лажни љубови и пријателства, лекот го бараат во апчиња за смирување или алкохол, а во најлош случај во мешање на двете. Алкохол не поднесувам многу, од апчиња имам страв, а за мешање на двете ич не праам муабет. Ќерка ми успева да ме држи горе, на некое ниво кое ми овозможува да финкционирам, дури и тогаш кога со сета сила треснувам на земја. И уморна сум некогаш. Се чувствувам слабо и старо, полна стравови и црни мисли.

Тогаш се осамувам. Се тргам од сите за да можам да се слушнам. Дали успева? Некогаш да, некогаш не. Маката ми е кога не ми успева, па ми требаат и последните атоми сила за да го изврвам денот. Знам низ што минувате сите вие кои ми пишувате и за паничните напади и за депресијата. Знам како ви е и колку е полесно кога во морето самоуверени лица кои со своето однесување ви прават да се чувствувате уште полошо, има некој што ви кажува “И ЈАС ИМАМ”. И не, не сте луди. Не, не сте нетокму што не ви е добро. Има начини и има лек. И да знаете дека има многумина како вас. Некои признаваат, некои се срамат од околината, ама ги има. Не сте сами и не сум сама.

Мака ми е што станавме затворени и себични. Што некогаш и очигледните работи ги прескокнуваме. Што ќе чуеме за некој дека го однела матната и отпосле ќе се присетиме дека последниот пат кога сме го виделе бил чуден. Дека однесувањето, па дури и физичката појава биле различни од порано. И џабе е муабетот отпосле. Сите почнавме да се однесуваме како да водиме милионски бизниси и немаме време некого да загледаме во очи и да чуеме во гласот дали има нешто што ќе не’ вознемири за да обратиме внимание. Па дури и да е така, каде ни отиде човечноста? Наместо да сме тука едни за други, ќе јадеме гурабии дека оваа или онаа сме ја виделе како била несредена или како овој или оној веќе секој ден пие без контрола. Наместо да пружиме рака за да ја дофатиме другата и да повлечеме нагоре, туркаме удолу уште повеќе.

Мака ми е за многу луѓе кои се одлучиле да ја преминат линијата и да ја предадат битката. Мака ми е за нив, за нивните семејства. Мака ми е и за нас, останатите, кои сме станале слепи и глуви.

И повторно ќе ви кажам...не сте сами. И не заборавајте кога ќе ви мине, како сте се чувствувале. Не заборавајте да се видите себе какви сте биле кога сте биле депресивни и изгубени во очите на некого кој е во таа каша. Препознавајте ги знаците, некогаш можеби ќе бидете нечија причина за победа врз депресијата.

А вие кои мудрувате како депресијата и посегањето по себе е слабост и глупост, нека ви текне дека никогаш не можете да знаете дали некој од вашите блиски нема да се соочи со тоа. Можеби ќе е тоа ваш родител или дете, роднина или пријател. Можеби еден ден ќе бидете и вие. Ако не можете да се најдете некому, барем не одмагајте со глупави совети. Сослушајте и упатете онаму каде што ќе може некој да помогне. Татко ми има една мудра изрека која гласи „животот е маратон“, или во превод, никогаш не знаете што може да ве снајде.

Овој понеделнички муабет ми е пишуван на Прочка. Не барам да ми се прости некој поган збор што сум го кажала...сум се извинала на време. Не барам да ми се прости ако сум повредила ненамерно...сум приметила и сум се извинила. Барам да ми се прости ако некогаш од било која причина не сум видела дека некој има некаква мака. Понизно барам да ми се прости ако не сум била тука кога некој немал дури ни сила за да го побара тоа од мене.

Да се чуваме едни со други...за да не нѐ однесе матната, за да се сочуваме.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Му се потсмеваш на животот,

пишувајќи ја смртта на бел ѕид,

со дебели, црни и накривени налево, букви...

И знаеш дека еден ден

дрскоста скапо ќе ја платиш,

тогаш кога ќе помислиш дека конечно се’ е во ред...

Ја бојосуваш косата црвена,

долга ја пушташ,

со мисла да се обмоташ во неа како во чаршаф...

Ете, со часови гривата си ја чешлаш,

со луцидна мисла дека убава перика би била

на нечија туѓа, гола, без мисли- глава...

Правиш планови за години нанапред,

а посакуваш уште утре да те нема,

да се стопиш со првиот дожд...

Чекориш како да имаш цел,

извежбани ти се нозете за лажен од,

а во себе знаеш дека никаде не стасуваш...

Сакаш мир, душата си ја труеш,

а вистината е дека не знаеш што со него,

па во себе тивко се помолуваш да не го најдеш...

Го почнуваш денот со мисла за ноќта,

чекајќи ја како жена, љубовник што чека,

толку долго и трпеливо, што повеќе и не му се радува...

Пекаш за љубов како од филм,

како сите оние кои во зима за летото тажат,

а на лето офкаат за ладовина и дожд...

Си ја труеш душата со мисли за шарени утра,

а срцето ти се полни само со црно и бело,

дур еден ден се’ не ти стане сиво...

И пишуваш, како животот од тоа да ти зависи,

си ја распостилаш тагата како свежо испрани алишта,

надвор на ветрот, пред сите, демек ќе ти олесни...

И покрај сите падови во себе, пак се креваш,

со бес и рака полна облаци како шеќерна волна да држиш,

за да можеш еден ден на раат таму да се сместиш...

И повторно, на животот му се потсмеваш,

инает со него тераш, горделиво и простум му пркосиш,

за да осетиш дека си тука, дека дишеш, дека си свој...дека си жив.