Д-р. Стевановиќ: Дури 10 отсто од новозаразените завршуваат во болница, модуларната на Инфективна можно е целосно да се наполни за неколку дена
Во текот на вчерашниот ден во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести беа примени 15 пациенти, а синоќа во разговор за Фактор, директорката на оваа клиника, д-р. Милена Стевановиќ потврди дека се примни уште најмалку 5 до 6 пациенти. Вели дека со вакво темпо на се повисок број на новозаразени, постои можност и модуларната болница, која е практично резервен капацитет на Инфективна, за неколку дена целосно да се исполни.
-Се рабира дека со ваков број на новозаразени, а последнава бројка е 641, дека ќе има и многу хоспитализации. Возилата на Брза помош кои ги гледаат и ги слушаат граѓаните, во најголем процент носат пациенти на Клиниката за инфективни болести. Искрено се надевав и верував дека нема да дојдеме до степен кога ќе имаме наплив на пациенти на кои исклучиво им треба болничко лекување, но дефинитивно вирусот зема се поголем замав и ситуацијата воопшто не ни е сјајна. Ако се преполни модуларната болница, во која доаѓаат пациенти од цела Македонија, ќе мора да се активираат и останатите болници, но поентата е во тоа што кога има толкав број пациенти, медицинскиот кадар, како и до сега ќе го дава максимумот но нема да биде исто. Тогаш ќе се нема време толку време да се посвети на еден пациент, во смисла да се пресоблечат по неколку пати, да им се сменат пелени, да ги нахранат пополека. Квалитетот секако ќе биде помал. Тоа е маката всушност и затоа сиве изминати месеци апелиравме на почитување на мерките, за да нема огромен наплив на пациенти. А, верувајте, дури 10 проценти од новозаразените завршуваат во болниците, истакнува во разговор за Фактор, д-р. Стевановиќ.
Целото интервју прочитајте го на Фактор.мк/Анита Буховски