Да нѐ крепи умот

Добивај вести на Viber

Порано, кога бев дете имав чуено дека болката му е најдобриот пријател на човекот. “Пффффф, какви глупости” ми верглаше мозокот на некои 7-8 години. Како може болката да биде пријател кога нема ништо убаво, а ни пријателско во неа. Отпосле (што гледајќи низ дома, што од сопствено искуство) ми стана јасно зошто повозрасните го употребувале тој израз. Демек, ако нешто те боли било знак за да појдеш на доктор и ќе спречиш да се случи некоја поголема беља. Дури и лекарите велат дека физичката болка е аларм кој не се става на  “snooze” и дека на тој начин телото си бара помош.

Сега, во овие модерни времиња каде што на секој чекор се подига свесноста на луѓето за важноста на превентивните прегледи, повеќе не чекаме болката да ни тропне на врата. Со тоа, уште повеќе се намалува ризикот од некои болести кои во минатото скоро неминовно завршувале со смртен исход.

Ете, некако и кај нас се одомаќини навиката да се оди на контролни прегледи, но како (се’ уште) да имаме предрасуди кога е во прашање нашето ментално здравје. Тоа отсекогаш ми било чудно. Излегува дека е оправдано да се бара помош само тогаш кога имаме физичка болка или нормално е да се оди на контрола само кога ни е телото во прашање. Кога веќе се навраќам наназад, паметам дека моите покојни баби и дедовци секогаш велеа дека сакаат да бидат живи додека ги крепат нозете и умот. Пазете...И УМОТ. И мене ако ме прашате, не сакам да сум ниту ден отповеќе на земјава без да ме крепат нозете и умот, но двете истовремено. Но, колку и да биле нашите претци свесни дека сепак не сме само коски, месо, мускули и дека умот има подеднакво значење за непречено функционирање на човекот, за ментално здравје се зборувало со шепот.

“Не е арен во глата”, “му се споиле жичките”, “го однесе матната” се само дел од изразите кои сум ги слушала како мала. Ај што мислев оти некој имал големи главоболки и затоа не бил арен во глата, туку она со жичките до толку не ми беше јасно што си го интерпретирав како што дозволуваше мојот детски ум, па си мислев дека се жици од откорнат штекер (оти мене стално ми викаа да не фаќам таму). За “матната” сум ви кажувала...мислев дека некој се удавил во Драгор, ама пусто бев сета со прашалници оти во Драгор баш и немаше вода. И колку што гласно се зборуваше за болестите на телото, притоа секој сугерирајќи некакво чаре што од искуство што од слушање муабети, толку психата беше (и уште е) некаква си сива зона за гласно да се говори за неа. Вистински си болен само тогаш кога имаш температура, кога те вијат коски, кога кашлаш или ти тече носот, оти тоа се симптоми кои јасно се гледаат и кои даваат некаква слика за состојбата на организмот.

А што со умот? Што правиме со психата кај која болката не се манифестира на начин на кој се манифестираат физичките повреди? Има ли ехо за скршено срце? Има ли апарат за мерење тага, анксиозност, депресија? Има ли рентген со кој се гледа стравот од смрт или болест? Има ли воопшто некаков начин со кој ќе се долови што ни се случува зад фасадата која може да излаже?

Симптомите кои укажуваат дека умот/психата/душата патат се често пати потиснувани. Колку пати само сте си кажале сами на себе дека не ви е ништо, додека чувствувате дека не сте свои. Колку пати само сте се терале да станете од кревет и да удрите еден туш, пошто сте се засмрделе во постела. Колку пати сте се фатиле како празно зјапате во една точка, со хаотични мисли кои не можете да ги ставите под контрола. Колку ли само пати сте доживеале напад на анксиозност, притоа мислејќи дека сте се вознемириле од работа или дека не сте спиеле добро од температурните промени. Колку пати ви се случило да си речете или помислите дека баш во одреден момент ќе ви се случи нешто неубаво или ќе умрете.

“Ми падна шеќерот” е една од работите кои ги помислуваме кога имаме паничен напад, оти дел од симптомите се исти. Напнатоста ја потиснуваме, долгорочното незадоволство го игнорираме, се труеме со вести од кои никогаш не ни се подобрува квалитетот на животот, паѓаме во вител на грижи од кои си навлекуваме и физички болести. Па не е џабе кажано оти од умот си патиме. Немојте да мислите дека од ум не може човек да си навлече сериозна болест. Кога целото наше битие ќе се фокусира на некакво црно сценарио, треба да ни текне на изреката која си ја кажуваме кога сакаме нешто убаво да ни се случи “ако нешто доволно силно сакаш, ќе ти се оствари”. Зошто би било поразлично со лошите работи?

Со оглед на изминативе години кои на глобално ниво ни ја нарушија психата, а сега со последици како што се депресија и страв од немаштија и несигурна иднина, мора сериозно да се позанимаваме и со менталното здравје. И како и за некои други важни појави-состојби-настани, така и менталното здравје си има свој ден за одбележување, ама си нема година. И на тој ден ќе испоизнаставаме статуси на ФБ за важноста на психичката стабилност, слики на луѓе со лажни насмевки пропратени со некој срцепарателен текст дека позади насмевката некогаш се крие тага и толку! Денот минал, веќе следниот ќе се смееме исто како оној со лажната насмевка зад која ќе си ги јадеме џигерите поради Х причини. И што е најлошо, не само што не бараме помош, туку некогаш и не сме свесни дека ни треба.

Кога имав 20 години одев на Трансакциона анализа. Оттогаш ја засакав психологијата и бев воодушевена од тоа на колку се’ начини човек може и да се саботира себе, но и да си помогне. Некогаш, помошта не можеме да си ја пружиме сами, но е многу важно да препознаеме дека ни е потребна. Секогаш, првиот чекор е сознанието дека мора нешто да се менува. Моето одење на трансакциона (чинам дека можеби бевме и првата генерација која одблиску се сретна со неа) беше нешто за што моите не рекоа “што бараш таму” или “ајде, тоа се глупости”, но не се зборуваше тоа пред пријатели, за да не се помислеше се’ и сешто. А во суштина, трансакционата анализа е себеспознавање и осознавање на некои “игрици” преку кои манипулираме или дозволуваме да не’ манипулираат, наместо да воспоставиме здрав однос со околината и со самите себе.

Знаете, не е срамота и не е крај на светот да не сте ОК. Не е злосторство да сте депресивни или тажни, да не ви се прави ништо, да се чувствувате осамени, уплашени или напуштени. Има периоди кога сум само половина човек, кој функционира механички. Има периоди кога не можам да си ја скротам мислата и мислам дека во главата имам врвулица од мисли кои се преклопуваат една со друга. Има периоди кога да можам (а среќа што не можам) не би станала од креветот со недели. Има периоди кога ме фаќа срам што имам такви периоди.

Но, се’ на се’...додека не почнеме отворено и сериозно да разговараме за умот и психата, ќе не’ крепат само нозете. Впрочем, зборувањето отворено на вакви теми ги ослободува и децата да се отворат пред нас кога нема да се чувствуваат добро во сопствената кожа. Тоа пак, ќе отвори можност како да им се помогне и како сите тие турбуленции да ги минат полесно. И не се залажувајте дека тоа никогаш не може вам да ви се случи или на вашите деца. Оти се случува, ненајавено и удира силно.

Барајте чаре за умот, исто како што ќе побарате чаре ако имате температура. Оти умот, исто како и температурата, може да направи голема беља.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Плетеше баба ми, многу плетеше

ја паметам со чингелакето и конците

со комплицирани шеми кои не ги разбирав

и не ми беше јасно зошто толку време и труд

кога имаше толку други работи кои можеа да се прават

ама ете, таа плетеше

неуморно рацете и’ вртеа

дури и кога ги слушаше вестите или муабетеше со комшиките

кои доаѓаа со плетилата и торби полни конци

та минуваа часови движејќи ги прстите и устите

си разменуваа рецепти и животни совети

малку и се потчачнуваа чија снаа е полоша

ама години и години создаваа украсни чаршафи за маси

прекривки за кревети

миленца кои никогаш не се користеа

“чупче, за чеизот твој ги спремам

оти срамота е да влезиш во нечија куќа така

ко гола да си, ко да немаш фамилија!”

е така велеше баба ми дур ме погледнуваше низ наочари

меѓу две вртења со рацете со брзина на светлината

а мене смешно ми беше

па си велев чуму сите тие дребулии

чуму толку труд и зацрвенети очи

а сега баба ми ја нема

еве, деновиве веќе седма година како е кај дедо ми

а мене ми останаа чаршафите

едниот од нив паметам дека се вика “Изгубениот пат”

спомени ми останаа и еден куфер бели и кремави чаршафи

мирисот нејзин во умов и нијансата на нејзиниот црвен кармин

ама сега знам, сега разбирам

знам оти на овие години рацете треба да ти вртат за умот да не ти се сврти

дека тој сам си фаќа пат ако не го спрегниш ко коњите што ги спрегнуваат

па можеби плетењето на баба ми во тоа време е моево пишување сега

оти и јас плетам

зборови плетам за чеиз на ќерка ми

кој веројатно ќе заврши во некој куфер

или пак таа ќе си го најде своето “плетало”

за умот да си го варди

за да не му дава многу да се расшетува на стари години 

оти со умот никогаш на чисто не си

та пушти го од вид и ене, забегал некаде

и сега ми иди да можам на баба ми да и’ речам

“знам, види дека и јас плетам

малку поинаку, поразлично

ама исто комплицирано, а воедно и едноставно

сега знам и сакам да можеме заедно да си поплетиме

оној твојот Изгубен пат во кој и јас се најдов

во кој ме има, во кој те има”