„Да не си ми во кожата“

Добивај вести на Viber

Отстрана гледано, многумина имаат идеален живот во кој тече само мед и млеко. Да, токму онаков каков што секој од нас посакува или (да бидам попрецизна) замислува. Кога станува збор за другите, сите некако имаме погрешна претстава која секогаш оди во насока дека ги идеализираме туѓите животи. И тоа оди дотаму што стануваме константно незадоволни од она што го живееме, чувствувајќи се обесправени или ускратени за убостите кои секогаш не’ одминуваат. И не е толку страшно што имаме слика дека туѓото е идеално, туку страшно е што сликата која е одраз на нашиот живот ја гледаме искривоколчено, црно и неубаво.

Паметам дека на времето кога ќе искоментирав за некој дека живеачката му е таман во се’, повозрасните знаеле да речат “да не си му во кожата”. Не разбирав, оти ми немаше логика зошто да не сум во кожата на некој за кој бев убедена дека има се’ што ќе посака. После, откако потпораснав сфатив дека некогаш зад најнасмеаните лица се крие тага која тешко се додржува или дека најпозитивните ликови преживувале вистинска драма во своите четири ѕида дома. Голем е товарот на она што не’ учат од мали дека никогаш не смее на излезе на виделина тоа што ни се случува внатре и дека е неприфатливо да се говори за маката или да ни се види на лицата дали и колку не сме добро. Судирот меѓу внатрешната болка предизвикана од физички или психолошки проблеми со вкоренетото „нема што да те знаат надвор како се чувствуваш” знае да биде и погубен. Колку ли само познати личности кои имале светска слава, пари, материјални добра, кои биле обожувани ширум светот посегнале по својот живот заради тоа што биле несреќни? И да, знам дека сега некој ќе рече “нашле, па зашле”, „на таа пара аздисале”, а ќе има и низа коментари кои ќе одат во правец на тоа дека на тој живот кој го воделе, немале ни легитимно право да се чувствуваат несреќни или депресивни. Ете, затоа старите го користеле изразот „да не си му во кожата”, оти секогаш во животот барем еднаш сме се соочиле со тоа некој да не’ идеализира во моменти кога сме биле најранливи и најдолу. Имало периоди кога ми идело да се изгризам однатре од што ми било тешко, ама на ликот не ми се познавало или токму тогаш некој ќе ми речел “лесно ти е тебе, имаш се’“. Нејсе, никогаш не разбрав што значи да има човек СЕ’, а уште повеќе сум скептична околу тоа дека е здраво да имаме баш се’, оти каде е тогаш предизвикот?

Да се живее со бремето на мислењето дека животот ви е раскошна ѕуница или дека секое утро се будите насмеани, ведри или во свилена ноќница во која минувате половина ден е исцрпувачко. Но, уште поисцрпувачки е кога се соочувате со различни мислења за тоа како живеете, а притоа само вие си знаете како сте дошле до таму каде што сте сега. Готовиот производ кој го гледаме кај луѓето е резултат на многу труд и работа, но, никогаш не се занимаваме со прашањето како и со каква мака некој постигнал нешто, туку само ја перцепираме моменталната слика. Кога ќе погледнеме актерки, пејачки, модели, жени бизнисменки, не се фокусираме на тоа колку неуспеси имале за да стасаат до таму каде што се, колку пати легнувале и станувале со празен стомак, колку често биле одбивани додека не им се насмевнала среќата, туку само ги впиваме нивните весели лица, витки тела, вилите и плажите на кои ги уловил фотографот, костимите кои им стојат совршено и кожените актовки кои чинат 3-4 просечни плати. Токму таквиот пристап кон животот на другите луѓе не’демотивира да се бориме, убедени дека ќе доживееме неуспех.

И не мора да се во прашање јавни и славни ликови. Се споредуваме со роднините, пријателите, комшиите и секогаш во тие споредби ние сме губитниците. Се пердашиме себе со чувство на вина дека не сме постигнале да имаме 3 стана, 2 викендички (една на планина, една на езеро), неколку автомобили, брендирана облека, оти не ретко дури и домашните знаат да не треснат од земја со „ене го Петре, се’ направи, имаат и од пиле млеко” или „види ја братучетка ти, се’ постигна во животот а ти уште тапкаш во место”. Незадоволството од сами себе е како болест која упорно не’ глода однатре додека не почне да ни се познава и однадвор. И ај што сето тоа ни го прави животот мизерен, туку натрупаното незадоволство не’ менува, карактерот ни го менува. Стануваме завидливи, некогаш отровни во коментарите или мислите. И никогаш, ама никогаш не ни паѓа на ум дека можеби она што го гледаме или што сакаме да го видиме нема апсолутно никаква врска со реалноста или дека ништо не е розово зад затворени врати.

Умот ни доаѓа тогаш кога сфаќаме дека среќата е навистина во малите нешта, а најчесто тоа освестување е после голем стрес или некоја трагедија. Среќа е да се разбудиме сабајлината и да знаеме дека сме уште тука. Среќа е кога ни се најблиските до нас, живи и здрави. Среќа е кога ќе се соочиме со страв од болест и кога после два-три шамари кој ќе ни ги влепи животот, сепак имаме привилегија да постоиме. И додека аздисуваме по многу и премногу, после трагедиите во земјите во кои има војни или земјотреси сфаќаме дека и ова што го имаме е сосем доволно.

Можете да го имате сето азно на светот, ама ако изгубите дете нема да сакате да сте си сами себе во кожа. Можете да мечтаете по луксуз и лагоден живот, ама ако цената е да немате со кого да го делите тоа не верувам дека ќе сакате да сте во кожата на оние кои ги имаат тие поволности.

Можете да им завидувате на најубавите жени на светов, ама првиот миг кога некоја ќе објави дека животот и’ виси на конец, веднаш се чувствувате сосем добро во сопствената кожа.

Не се зема ништо во животот здраво за готово, ниту успесите на другите, ниту своите падови. Животот е маратон, во кој некогаш сте први, некогаш последни, некогаш на средина. И некогаш навистина не е важно на кое место ќе бидете, туку да го истрчате без да се каете за било што. Најголемиот успех е кога човек ќе научи да биде среќен и спокоен со сам себе, без да осудува и без да се осудува. Најголемиот успех е да се живее чесно и да се остави чист образ зад себе. Знам дека во денешно време ова што го зборувам е смешно и многу потценето. Но, знам дека секогаш има циклуси на постоењето и дека еден ден ќе се вратат на пиедестал вистинските вредности.

Дотогаш, уживајте во својата кожа и нека ви биде удобно во неа. Туѓата е можеби на лик поубава, ама никој не гарантира дека ќе ви е точна и дека во неа ќе бидете среќни.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Не суди

Никому да не судиш

Оти секој од нас свој судија е

И секој плаќа за својот избор

По цена која сам ќе ја одреди

Ниту си во нечиј ум

Ниту во туѓо тело си

И не знаеш

Никојпат не знаеш како боли

Кога тешки одлуки се носат

И како со нив се живее

Не само на јаве туку и на сон

Не суди

Оти никому во обувките не си му

И не знаеш чекорот каков му е

Дали лесен ко детски здив

Или тежок ко карпа над вода надвисната

Дали во чевлите свила носи

Или остар камен од кој стапалата му крварат

Не суди на другите

Ниту давај да ти судат оние

Кои во твојата кожа не се

Кои не знаат во душата што носиш

И како мислата ти шета

Дали од цветови направена ти е

Или од трње железни мозокот ти се дроби

Затоа патот твој гледај си го

И молчи над туѓата болка

Освен ако збор иљач за другиот имаш

И дел од болката сакаш да му земеш

За да вдише и издише без тежина

Не суди

И со прст на никој не покажувај

Ниту да дадеш да ти судат

Оние кои само за осуди знаат

Ниту прст нечиј да не даваш да те допре

Освен ако за галење е

И утеха да ти даде

Оти никој не знае

Никој жив на светов не знае

Кој од нас во себе што носи

И колку боли она што те мачи

Колку знае да измачува мислата

И колку секоја одлука го дели чоек надве

Не суди

Никому судија да не си

И подалеку од судии да седиш

Од оние кои ништо за тебе не знаат

А слобода џелати да се си даваат

Оти чоек за чоек тука треба да е

Со љубов и спокој

Со мисла нежна и питома

За да залечи рак рана

И да заздрави место поболено

Не суди

Никому не суди

Дури ниту сам на себе

Оти смртта во многу облици иди

Дури и ко мисла

Дури и ко лоша мисла и осуда