Да се биде или не

Добивај вести на Viber

Кога доаѓате до степен на комплетна одбивност кон себе, не е ни до килажата, ни до ноктите, ни до фризурата, ни до шминката.

Во моментов е многу тешко да се биде тука. Сѐ е тешко, грото е настроено кон деструкција или негирање, владее општо незадоволство помеѓу луѓето и според мене сѐ е од една и единствена причина - мотивација. Од дома ни е, не нѐ научија да се бориме, туку да се покориме и да подлегнеме. Нѐ научија на линија на помал отпор, да се помириме и да прифатиме наместо да побараме. Па така, заглавивме во една општествена структура на касаба, каде секој секого познава, со врски е дури и кафето што го пиеш, и сѐ се сведува на платонска дегустација на безживотни физички задоволства. За да на крај еден со друг се толчиме со негативна енергија, завист и зло.

Е сега, лекот. Бар за себе свесните и оние кои се борат со личните демони без да се предадат. Амбиција. Не за кариера дечки, не мора да сте сите алчно настроени кон јавен живот и периодично финансиско задоволство. Има една амбиција за живеење што заборавивме да ја применуваме и се загинавме попатно во лажни профили на социјални медиуми каде секој од нас не е тоа што навистина е. Со изместени лежишта ние жените вежбаме со тешки шминки, вие мажите пребарувате профили за еднократна употреба, и се вртиме во круг на незадоволство и неисполнетост.

Епа ај вака, ај кога веќе сфаќате дека не сте среќни, дека околината, партнерот, семејството, не ве исполнува, а убедени сте дека можете бескрајно многу, оставете сѐ. Макар и да имате повеќе години од очекуваните општествени стандарди за промена, макар и тоа да значи дека ќе сте сами извесен период, без никој околу вас да ве утеши или прифати, оставете сѐ, и започнете одново. Оставете ја работата која повеќе ве фрустрира отколку што ве исполнува, оставете го партнерот кој ве малтретира и емотивно и физички, спротиставете се на сите кои го негираат вашето постоење и ве деградираат како личност, отерајте сѐ во… И започнете одново. Ако треба милион пати започнете одново, ако треба жртвувајте се материјално, само за на крајот на денот да заспиете мирно и среќно.

Знам дека не е лесно, на крајот на денот ништо што е лесно не е вредно. Знам дека се плашиме да живееме, знам дека околината е мала и суди како за пред гилотина, знам дека секој некој околу нас има очекувања што треба да му ги исполниме, знам дека живееме од денес за утре со амбиција на моментално задоволство за една употреба.

Исто така знам дека сме на Балкан, каде еволуцијата тера едно напред, две назад, каде живееме заглавени во некаква Турско Ју Носталгија и секој еден некој раскажува за времињата кои биле, без да сврти глава и да види како е сега.

Масовно бегаме од Македонија за да најдеме подобра иднина, наместо да ја создаваме овде, молчиме со наведнати глави пред реални ситуации кои нѐ прават кукавици затоа што ни е страв. Се гушиме во страв. Пред некој ден сакав да го исклучам телефонот и да ме нема. Легнав во кревет, замижав, се преслушав и станав. Се скоцкав, ставив црвен кармин и отидов на работа. Имав неверојатно успешен ден. Не знам дали беше до црвениот кармин, кој ми служи како на Бетмен што му служи костимот, само знам дека со тоа што станав и решив да се носам со последиците на моите често погрешни одлуки, без да наведнам глава, и да, со огромна количина на страв во мене, успеав да создадам нови позитивни ситуации кои ми донесоа одлични резултати. Бегањето од реалноста, од земјава, бегството во зависности и опијати, насилство и депресија, не се решенија. Само моментални затемнувања со катаклизмички последици. И да знам, не е кул животот да се помине со варена брокула и дестилирана вода, ама од екстремите си патиме. Барем јас.

И заради тие екстреми пропуштам важни моменти на уште поважни луѓе во мојот живот, комплицирам ситуации кои сами по себе се прекритични, и се ставам во комплетно непотребни односи кои доведуваат често до повредување и болка.

Со цел на само дисциплина, во отсуство на мотивација, се обидувам да работам на себе како што секој од нас треба да го прави тоа. Ама прво мора да признаеме што не чини. Без лажно его, без лажни профили, со многу муда и исклучително високи амбиции, ај да не бегаме. Ај да се соочиме со секој вперен пиштол во чело, па макар и да пукне. Ајде да најдеме начин како да се избориме со себе и демоните кои нѐ носат на места каде не сакаме да бидеме, ајде да грешиме без да повредуваме, ајде да почнеме многу да сакаме. Без празни муабети, без непрофитабилни влогови, без површни едновечерни реално непосакувани испади, ајде да пробаме да живееме слободно. Без да му посакуваме најлошо на комшијата, со позитивна енергија доволна да го помести космосот, ајде да создаваме наместо да уништуваме. Дека со љубов се расте бе луѓе, кога сакаш се е полесно. А има љубов за извоз на поднебјево, само не и страв да ја примениме.

Јас сум Ивана Кнез, денес решив да си простам. За да можам да продолжам.

Се читаме следната недела.