Да се биде Мачка или можеби Пес

Добивај вести на Viber

Откако проговорив јавно за депресија, зависности од секојдневни навидум безопасни супстанци како шеќерот, слабеење, дебелеење, се сликав полугола за да покажам дека телото е само инструмент, доколку е потребно тоа, се поиграв со социјални медиуми и дојдов до дефинитивен заклучок дека сите ние сме телиња што гледаат во шарена врата сервирана од општествени пропаганди, ми се случи нешто што најмалку очекував. Во цел тој социјален експеримент, се издвои една група на млади луѓе кои сериозно се борат со самодоверба во современиов свет, потребна им е поддршка и мотивација, и те како водат војна со лични демони и наоѓаат закрила во моиве колумни и фотографии. За нив, и заради нив, јас постојано ќе се менувам, и ќе дадам се од себе да бидам позитивна, да бидам подобра. Јас заради Вас.

Денес, ќе зборнеме малку за депресијата. Јас ја потценив своевремено. Мислев дека не постои, дека тоа е само состојба на слаб дух, измачен од општествени норми и семејни очекувања. Во еден момент од мојов живот, (кој што се уште не можам цел да ви го откријам, ќе чувам дел и за автобиографија, тек да ве удри шлог), јас верував дека не ми е ништо. Дека можам сама. Тоа што не бев свесна е дека бев се освен сама, бидејќи пет дена пред катаклизмички да ми се промени се она што го знам како свое секојдневие, ми се појави маче во мојов живот. Прво го дадов на оглас, веќе имав две, немаше смисла и начин да се сочува и ова, притоа Радован е возрасен мачор постоеше шанса да го проголта! Мачето се појави на 10.12, татко ми почина на 15.12. Дента на погребот ме чекаше малтене пред врата, ми се фрли во рака, и не ме пушти во следните три дена. Јас не плачев до скоро, си ветив кога тој замина дека само дента ќе го исплачам, и толку, запрев. Ми требаа 3 години работа на себе за повторно да пуштам солза. 

Мачето го крстив Ѓуле, од што беше гладно јадното во првите 5 дена изеде се можно и се отече во мешето како топче. Ѓуле беше дел од мојов живот точно три години. Спиеше со мене, имаше специјален начин на комуникација со мене, не сакаше да ме дели со никој, седеше буден покрај мене во сите можни непреспиени ноќи, работеше заедно со мене, ми носеше подароци како секоја добра мачка, не дозволуваше никој жив да ме допре, ги сакаше само оние за кои интиутивно знаеше дека ми мислат добро, и цели три години не ме остави сама, во ниту еден момент. Поминаа тие три години, мене ми се случија уште милион работи, тоа маче, иако имав уште две, иако имав и две кучиња во истиот период, не се тргна од мене. Мене тие три години ми беа пекол на земјава, емотивен, работен, приватен.. единствена точка за која се држев, а во тој момент воопшто не бев свесна, беше тоа маче. Да имав дете веројатно ќе се проектирав во него, и сега ми е многу драго што го немав. Дури сега сфаќам која е тежината на безусловна ослободувачка љубов, а со човек тешко е да ја научиш. Со животните е поинаку, и да не им дадеш јадење, тие пак ќе те сакаат. Во моментот кога ја добив битката со себе, последната недела, се сеќавам точно и на денот, Ѓуле дојде, без никаква причина ме изгреба на левата рака каде што се мери пулсот, ми остави лузна, и го снема. Две вечери подоцна го сонував како се обидува да дојде до мене а просто не може, трча а не може да стигне и во моменот кога скокна, ми се скрши црвено дијамантско срце. Јас срцето го истетовирав, а таа вечер, после многу долго време, плачев како мало дете. И од тогаш, верувам во ангели чувари, постојат, само формата им е неочекувана. И непредвидлива. 

Додека ви го раскажувам ова, над мене лежи најновата принова во моето семејство, мало маче, овој пат мене не ми треба ангел чувар, но нему му требаше Љубов. Попатно изгубив баба, три кучиња, две мачки, ама ова животов луд е тоа, губиш и добиваш. Жал ми е само што порано не сфатив, дека времето што го имаме исполнето со Љубов, не го цениме повеќе. Ова ви го пушувам вам Љубови мои, што ви е се уште тешко, што се уште се борите со лични демони и не знаете како понатаму. Мој совет, пронајдете место во вашето срце и посвојте животно од улица. Не сте ни свесни која е количината на Љубов која ќе ја добиете за возврат. Не е важно што е, мачка, куче, желка, еже, зајче, пчелка…Секоја можна форма на живот во себе носи безусловна љубов, нас не оштети општеството и очекувањата од комплетно неважни странци во нашиот живот, па така забораваме кои нам ни се приоритетите, што нас не прави среќни, колку е важно да гушнеш некој, да се насмевнеш некому, и некому да дадеш се од себе, без да очекуваш нешто за возврат.

Најдете го својот Ѓуле, верувајте ќе дојде момент кога нема да ви треба никој, тогаш веќе вие ќе требате некому. А ќе имате капацитет да сакате со цело ваше срце.

Јас сум Ивана Кнез, ви ја давам цела моја позитивна енергија денес. Дајте и го денов на Љубовта, без никакви очекувања.

Се читаме следната недела.