Да се разбереме без осудување: Празнично со Ели Пешева
Со над 100 интернационални награди, маркетинг компанијата „Њу момент“ е неприкосновена во Македонија, па и во регионот. Сашо Пешев е на чело на компанијата, а неговата сопруга Ели е веднаш до него. И двајцата создадоа високи критериуми во областа на кумуникациите, консалтингот, промоциите, креативната работа, стратегиското работење. Ели е жена која е невиден професионалец. Мудра и модерна, посветена и на работата и на семејството. Од неа можете да научите многу корисни работи и да ги примените во животот.
Се неа разговараме за домот, празничниот дух, воспитувањето на децата, желбите, реалноста, надежта...
* Што претставува за вас домот? Во денешно време кога се живее брзо, дали дома го наоѓате мирот?
- За мене мирот се луѓето кои ги сакам, енергијата што ја носат и споделуваат, без разлика дали сме во мојот, нечиј друг дом, на скали пред влез или возиме празни кругчиња низ град за да се доискажеме и посмееме. Изминатиов период сите поминавме многу денови и месеци во своите домови, изолирани од други луѓе, дури и од најблиските, па некако целата таа „инвестиција“ во домот како духовен храм дојде до израз, но секако, не од аспект на материјалните работи и удобности, туку од атмосферата што дома ја создаваме едни за други. Најинтересните разговори кај нас се водеа во градината, под сонце или под греалки, кујната потврди дека може да биде забавна, ако не мораш фанатично да ја чистиш, гардероберот стана место за јога и медитација, а работната соба и библиотеката, скриениот сеф на умствените патувања. Така, се она што едно место го прави дом, може да биде еден мек тепих и маса идеална за играње забавни игри или добро затворена врата и одлична изолација за човек да може да си ги чуе сопствените мисли. А мирот сме ние самите, и љубовта на тие околу нас.
* Дали пред Новогодишните празници имате обичај да го украсите домот? Кога започнуваат подготвките, на што е ставен главниот фокус?
- Да, секогаш. Датумите за китење и раскитување се фиксни, на 1 декември – 15 јануари, новогодишниот сетап е поставен. Се трудам да го избегнам класичното конзумеристичкото однесување пред новогодишните празници, да бидеме умерени и одговорни кон природата, да не купуваме непотребни работи, да не создаваме дополнителен отпад од стари украси, туку се што имаме и се што можеме, да го ставиме повторно во функција. Предизвик ми е да ги користам истите украси, секоја година во различна комбинција, оваа сезона елката е со бели и бело црни лампиони, златните и црните служат за дополнителни украсни елементи, следната можеби ќе биде обратно. Црвените машнички може да се една година на елката, а следната да се дел од надворешното украсување, секогаш е убава играта со свеќите во боја, разните украсни чинии и венци. Со истите украси можат да се направат десетина различни декорации и никогаш да не биде досадно. Елката што ја имаме е врсничка со нашата постара ќерка, има полни 17 години. На прашањето што е во фокусот, би рекла бојата на годината, а таа зависи од заедничкото расположение.
* Кои и какви украси ви се омилени и зошто? Дали некој украс има посебна симболика за вас?
- Не би издвоила ништо посебно, некако убавите спомени ги врзуваме со дружбите, игрите, некои наши семејни традиции, многу повеќе од материјалните работи, украсите или предметите. Со години, најубавиот дел од празничните денови ни е посебниот ритуал на тајно извлекување на мистериозниот Дедо Мраз, а потоа друг ден, цел протокол за отварање на подароците, во кој учествуваат неколку генерации, нашите родители, брат ми и неговото семејство, нашите деца, девојчињата, синовите и нивните партнерки. Секој мора некому да купи подарок и секој мора да си замине со подарок. На некои од нас, кои се „поистинтрани“ од другите, денот им завршува со цели торби подароци, изненадувања, понекогаш лажни, трик подароци за да се видат реакциите. Мислам дека и самиот премин од старата во новата година, не ми е толку возбудлив колку моментот на спонтаната семејна забава.
* Дали и децата помогаат во создавањето на новогодишна атмосфера дома?
- Кога беа помали да, сега со две тинејџерки во полна сила, не ни барам да се ангажираат бидејќи или ќе ја срушиме елката или нема да смееме да запалиме светло дома. Судирот на силни карактери, а различни генерации, вкусови, верувања и стилови е најдобро да се избегне со китење додека се тие на училиште. Кога ќе дојдат уморни, да не им се менува ништо. Нивниот празничен ангажман е во кујна, и тоа е посебен, сладок ритуал на новогодишни колачиња, на руска салата и кифлички, на милиброд...
* Какви се нивните желби... Што би им ставиле под новогодишната елка ( или што сте им купувале изминативе години)
- Од мали им е останата навиката во семејната вајбер група некој суптилно да пушти список со желби, па ако се баш темелни, и цената на тие желби и продавница во која може да се набават. Од една страна малку нескромно, ама од друга па и практично за да не добиваат работи што не им се допаѓаат или да ги мачат останатите да се обидуваат да им го разберат моменталниот вкус. Еднаш кога малото беше стварно мало, на списокот на желби, тогаш до Дедо Мраз, на прво место имаше ставено хефталица. Шокирана, ја прашувам зошто баш хефталица, а она така сериозна ми вика: долг ми е списокот, на две страни.
* И двајцата со сопругот работите работа која бара многу! И сте успешни! Која е тајната на успехот? Дали сте жртвувале нешто?
- Верувам дека после овој предизвикувачки период изминативе две години, како успех можеме да дефинираме ако сме останале ментално и физички здрави, ако се блиските и саканите околу нас, ако сме успеале да задржиме малку ведар дух, ако ни останала сила за книга, филм, претстава, ако сме оддржале вредни релации и ако сме нечија драга нотификација. Во професионална смисла, не верувам дека остана индустрија или сектор кој не помина драматични линии на падови и искачувања. Среќни сме дека ја сочувавме компанијата, дека ги задржавме вработените, дека не изгубивме од креативноста, дека добивме можност во целата оваа ситуација и да пораснеме и да се прошириме. Мислам дека нема посебна тајна, само малку повеќе трпеливост, разбирање и компрописи за се она низ кое поминувавме заедно.
* Дали со сопругот одите на заеднички патувања и кое место ви оставило посебен влечаток и спомен?
- Јас мислам дека животот без никаков проблем би го поминала на пат од дестинација до дестинација, не сум само љубител, јас сум фанатичен патувач, кој детално скенира места, локации, култура, специфична кујна, обичаи, сакам да се измешам со локалното население, ако можам да поднаучам нешто на локалниот јазик, да најдам локален водич или некој кој добро ја познава дестинацијата. Сопругот не го дели мојот безграничен патувачки ентузијазам, преферира да оди само на одредени дестинации кои си ги селектира. Порано патувавме постојано заедно, но со текот на времето правиме и поинакви аранжмани, тој не сака да се враќа на места на кои еднаш бил, јас немам проблем со исти локации, напротив, се одомаќинувам. Затоа често патувам и со пријатели, со девојчињата, со мајка ми. Сонувам да поминам повеќе месеци патувајќи низ секој град во Шпанија, таа е мојата најголема љубов. Да си го извежбам шпанскиот и низ Латинска Америка, Аргентина, Чиле, Перу. Но си ветивме дека во првиот момент штом состојбата се нормализира, Јапонија и Австралија ќе бидат први на заедничката листа.
* На што ги учите децата?
Да бидат свои, да не се плашат да се издвојат од толпата, да сјаат, да си ги препознаат талентите, желбите и љубовта и да си ги следат соништата. Да бидат добри во тоа што ќе го прават и во тоа кои ќе бидат, за да бидат независни, и од нас и од нивните партнери и од нивната работа. Тоа е единствениот пат до безусловна слобода.
* Која е вашата Новогодишна желба?
Првенствено да сме здрави, да го задржиме разумот, да се грижиме за блиските, да се поддржуваме едни со други. Би сакала малку полесна година, за патувања без страв, за гушкање без страв, би сакала можности во кои личностите што ги откривме во себе и во другите во овој период на предизвици, да блеснат, да покажат едни нови, силни луѓе, кои штотуку научија битни лекции за животот, за љубовта, за пријателствата, за осаменоста и стравот.
* Што би им посакале на нашите читатели?
Да погледнеме околу себе, да им помогнеме на послабите, да ја пронајдеме емпатијата во себе, да се разбереме без осудување.
Небојша Толески