Дали е баш сѐ за простување?!

Добивај вести на Viber

Велат дека големината на еден човек е токму во тоа дали, колку и како умее да прости. Не дека сите не си ја исплакнавме устата вчера барајќи прошка и давајќи ја со насмевка на усните, но прашањето е колку има вистинитост и внесување себеси во “прости ми” и “простено ти е” или накратко...дали е баш се’ за простување?

Во принцип не сакам празници. Не дека не славам, не дека не одбележувам некако, но се’ почесто мислам дека одредени традиции ги земаме само колку да пројдеме од редот. А кога ќе ја свртите паричката и од другата страна, излегува дека верувањата се засноваат на тоа дека со една запалена свеќа или одење в црква и оставање пари на иконите сме си ги испрале гревовите. И да се разбереме, не постои живо битие кое нема сторено некаков грев, дали кон себе или кон некого, сеедно. Целата поента на гревот е колку сме свесни оти го чиниме, колку ни тежи на душата и дали во иднина повторно ќе се сопнеме на истиот камен или ќе знаеме мудро да го прескокнеме или заобиколиме. Впрочем, гревовите се најдобрата ука оти сите сме скроени да си учиме од сопствените грешки и падови. И да, ќе згрешите некому и ќе ви згрешат, но каде е онаа тенка, скоро невидлива линија од која се’ натаму е дискутабилно за простување или е во рангот на непростливи работи.

Тврдам дека никој, ама никој од нас не е до толку возвишен и голем за да прости ама баш се’. Можете да се излажете себеси и оној карши вас, ама стално ќе има нешто што ќе ве чепка и глода однатре дека “ех, мамицата...како можеше да ми го стори тоа!”. Секако, многу е важно да не бидеме ситничари и да се накострешуваме на секој збор, оти сакале или не, секој секому ќе погреши. Но, има грешка и ГРЕШКА. Едната, таа со малите букви е од незнаење, неискуство, немање некојпат осет (оти не сме сите исти во табиетот), а другата со големи и задебелени букви е нешто за што не само што не се дава прошка (оти пак ќе се повтори/повторува во недоглед), туку е дури и дрско да ви ја побараат. Уште поголема дрскост е ако попатно и знаат оти ви стапнуваат на срцето и оти туѓиот поганлак ве остава неспани и насекирани, ама баш ги боли лев глужд за тоа. Зошто? Оти ќе дојде Прочка и ќе си поминат од редот. Дрско, нели?

Порано, кога бев помлада бев покрута и подецидна за работите. Некако, како да имав поставено строги правила, пат по кој се движев и секој што било како ќе ми ја загрозеше рутата го тргав од животот. Попатно, откако малку ми се удри од глава мојата аскетска дисциплина и одбивањето да сфатам дека не само што не се, туку и не можат да бидат другите како мене (исто како што јас не сум можела да бидам како нив, или по нивните критериуми), туку дека е и голема суета и самобендисаност да го очекувам тоа од нив. И омекнав....пак ќе речам, не дека се издигнав над сопствените слабости, туку дека слабостите ме шамараа цело време, па ја научив лекцијата на потешкиот начин. Омекнав оти и онаму каде што јас грешев не ми беше простувано, од проста причина што самата ги наметнав правилата на тешко простување. Абе сам себе што може чоек да си сервира, никој не може да му стокми.

Тоа животно искуство ме натера да се преиспитам, да си седнам малку сама со себе и да видам не само каде, туку и зошто грешам. И почнав грешките на другите кон мене да ги разликувам според тоа каква им била крајната цел, колку се навистина важни во нашиот однос и од кого се. Се фатив себеси како полесно простувам на неважни особи отколку на оние кои ми биле и семејство и блиски колку семејството. Знам дека теоријата гласи ”не може толку да ме погоди збор и дело од непознати, како што може да ме уништи кога доаѓа од блиските”. И до некаде е така, ама не баш целосно оти на непознатите и никогаш не би им кажала дека ме повредуваат, нив само ќе ги тргнам и во себе ќе им кажам чао, толку. Оние кои ми се блиски, не биле во тој круг на најважни без причина и токму заради таа причина нема да дозволам работите да ескалираат до тоа да ги тргнам од себе или јас да се тргнам од нив. Основната грешка ми била оти сум мислела дека треба да знаат каде грешат. Да, и ова е самобендисаност оти никој не може ни да претпостави оти нешто што е за него нормално, вас би ве погодило. Моето непраење муабет и очекувањето дека на стаклена топка или гравчиња треба да гледаат другите за да им се каже самото дека сум се навредила, било не само глупоштина, туку и себеизмачување.

Нејсе, за да имате здрав однос со себе, семејството и останатите треба да научите да зборувате јасно и некогаш многу гласно за тоа како се чувствувате, што сакате и што НЕ сакате. Ден-денес тврдам со целосна одговорност дека е многу важно да знаете што НЕ сакате, што НЕ поднесувате и што НЕ толерирате, но и да знаете тоа да го кажете. Баталете она “ама по погледот што го упатив треба да биде јасно” или “се намрштив”, не функционира тоа така. Додека не го кажете, не се важи дека ви сметало, не за друго туку ќе сте чисти пред себе оти не сте оставиле сомнеж дека ви било неубаво. Значи, ако партнерот ве изневерува или е насилен, џабе ќе го гледате намќоресто. Во првиот случај, се кажува и после се преиспитувате дали е за простување или не, а во вториот случај одите директно во полиција и никогаш да не си го дозволите луксузот да простите физичко насилство, ни-ко-гаш! Со пријателите се седнува на маса и се кажува отворено, оти вистинското пријателство подразбира токму таква брутална искреност без мерење на суетите. И да знаете (ова од лично искуство и јадење по глата-на битолски кажано), на тие што сте им важни и на тие што ви се важни, Прочка е само обичен ден-недела.

Секако, ќе мине денот, ќе се изредиме со барање да ни се прости, ќе простиме и ќе остане прашањето колку сме биле искрени во простувањето и колку искрено ни простиле! Оти како и секоја форма, џабе е се’ ако нема суштина. Да изустам “простено ти е” а да не го мислам, не е простување туку лажење, себеси (пред се’).

Простувам секогаш, но само на оние чија душа е чиста и кои немале злоба во себе кога ми згрешиле. Нема да простам на никој кој било што ќе стори со желба и цел да наштети, да поболи. Нема да простам на ниту еден чиј задник се изреди на фотеља во изминативе 30 години и ја доведе Македонија на ова дереџе, нема да простам за сите отселени, прерано починати од негрижа, крадење и јад. Не можам, а и не сакам...не сум и нема да бидам никогаш толку голема, широкограда или со возвишена мисла за да затворам очи пред жедта за моќ и власт која ја надмина секоја човечка емпатија и доблест.

Денес е 18-ти март, ден после Прочка и прв ден на отпочнување на Велигденските пости. Да ми простите ако сум ви грешела, но и да ми кажувате тогаш кога ќе ја оплескам оти никој не е безгрешен.  

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Од месо и крв си

Исткаен од слабости

И никојпат безгрешен

Оти само оние под земја

И тие на небото

Само тие без гревови се

Чоек си

И чоечки е да грешиш

Од незнаење и неукост

Од немање осет и случајно

Оти па некојпат

И од многу арно кога сакаш да сториш

Знае судбината да си поигра

Та да излези нешто друго

Нешто што најмалку арно е

Ќе грешиш

И ќе ти грешат

Некогаш ти повеќе на другите

А ќе има и такви времиња

Кога туѓите гревови ќе те касаат по срце

И ќе ти помине

Ќе им помине и на нив

Со помалку или повеќе лузни

Ама пусто само да се научи е важно

За да онаму кај што си ја оплескал

Да не ти се случи повторно

И тој што на мекото во тебе ќе ти стапни

Никојпат повеќе со нога

Во тебе да не згази, да не те изгази

Ќе грешиш

Ќе ти грешат

Ќе простиш

И ќе ти простат

Ама со дикат да биди

Оти џабе прошката и Прочката

Ако пак истото ти го сторат

И ако пак истото го сториш

Оти пострашно од грев е

Само оној грев кој се повторува

Оти знаеш дека некому неважен си

И ќе знаат оти неважни ти биле

Ако пак солзи пролееш

И солзи некому од око извадиш

Јалова е прошката која се бара

И јалова е прошката која се дава

Ако во себе се’ носи

Освен каење, освен искрено простување