Дали лагата има боја?
Генерално сум против лажењето, иако низ
годиниве малку ми се смени перцепцијата за тоа зошто и за што лажеме, па некако
лагите ги ставив по фолдери за да можам да ги изанализирам. Ова го напоменувам
оти малку сум тапа кога станува збор за некои принципи и ги гледам работите
црно-бело, иако скоро никогаш не е се’ црно
или бело, па се фатив и себе како се вклопив во некои нијанси за кои не знам
баш дали се лажење или не. Колку и да сум ригорозна кон себе и другите, сфатив
дека секогаш има исчекорување налево или надесно кога се во прашање
меѓучовечките односи. Најчесто тоа скршнување од патот на вистината е заради 2
причини од кои првата е да се заштити човек сам себе, а втората е да го заштити
соговорникот/партнерот/семејството. И да, во сите односи има по некоја лага
која се провлекува, но не секоја е за осуда и не секоја е заради себичлук. Ќе
ви раскажам накратко три случки кои можеби и најпрецизно ќе го објаснат она што
сакам да си го расчистам во главава.
1. ТЕ САКАМ МАМО
Првпат кога ја фатив ќерка ми дека ме лаже (беше некаде петто одделение), бев во најмала рака шокирана. Ма какви шокирана, бев лута, повредена, навредена. Прво што ми падна на ум беше ЗОШТО?????, зошто кога сум и’ кажала дека за се’ можеме да разговараме и да ми каже и дрндрндрн, знаете, сето она што е во прилог на тоа дека вие сте совршен родител кој ќе разбере. Како не бе! Најсмешното е што лагата и’ беше врзана за храната која и’ ја спремав за на училиште. Еден викенд средувам низ дома и разместувам работи одлево надесно, кога во нејзината соба цело време нешто чудно ми мириса, а јас сум на нос ептен осетлива. Не е по плакари, не е во околина на кревет, ми доаѓа од столчето на кое и’ стои ранецот. Отварам внатре и....како да кажам, работава беше до повраќање кога начекав сендвич внатре кој буквално беше во фаза на распаѓање. Со оној нагон за блуење (пропратен со звук), истрчувам до кујна, земам кеса, истурам внатре сендвичот, кесата во чвор, па во друга, па таа во чвор, па во трета. Ранецот експресно пикнат во машина за перење, а детето седнато карши мене за да ја расчистиме работата:
“Добро бе Нина, ќе се отруев бе мама, што е ова со сендвичот. Зошто кога прашувам дали си го изела на училиште, ми велиш ДА?!” јас-смирена и решена да не избувнувам, а Нина-свената и со грижа на совест. Едвај извлеков од детето признание дека нејзе и’ било жал да ги фрла сендвичите оти сум се мачела (таа си купувала ѓеврече за доручек, тоа и’ се јадело), па ги давала по деца, ама ете, овој го заборавила. Ден-денес (а веќе е прва година средно) враќа некогаш сендвич, некогаш чоколатце, а јас се’ повеќе се фаќам себе како и’ велам да не ми продава финти кои ги знам оти и сама сум ги правела. Ама па од друга страна, секогаш ми кажува она што вообичаено тинејџери го кријат, па си велам “не туку мрчи Ано за ситниве лаги, да не те казни Универзумот со крупни”. Нејсе, тогаш скроз ми го сруши концептот на она “ама јас те учам да не лажеш”, затоа што некогаш истото го правам со мајка ми. Кога се слушаме по телефон и кога прашува дали сум јадена и што а јас сум во гужва на работа и главата не знам кај ми е, најлесно ми е да кажам дека јадев двопек и кисело млеко за да не се секира. И сега ова спаѓа во лага или во заштитување на мајка ми (да, секој миг очекувам нејзин повик и прашање дали стално ја мафтам дека сум јадена или е инцидентно)? Дали е ова ист случај со она кога Нина не ми кажуваше за сендвичите? Дали лагата има боја и ако има, кога е бела, а кога е од оние другите бои кои не се баш убави?
2. НАЈДОБРИТЕ (НЕ)ПРИЈАТЕЛКИ
Имав другарка во моите средни дваесетти, која што секогаш ја кажуваше вистината. Така барем мислевме сите кои се дружевме со неа, додека не сфативме дека реченицата “ама јас сум само искрена” е превез за да го каже она што другиот може да го навреди или повреди, додека сосем умешно го прикриваше она што можеше да ја компромитира. Ние бевме одличен материјал за да си ги скрие фалинките, односно преку истакнување на нашите недостатоци да си има слика за себе како совршена. Со тек на време, тоа премина во потешка форма на навреди, кога на една од нас и’ кажа дека е премногу “дебела” (демек, кажано за да се даде поттик за да си ја среди линијата), мене ми посочи дека луѓе ја прашувале дали сум машко или женско (тој период имав многу кратка коса, не се шминкав, а до ден денес деколтето ми е поприлично сиромашно), па на трета и’ раскажа како имала повик за излегување од нејзиниот бивш дечко. Навидум, сосем искрени муабети кои се сосем непотребни и кои ама апсолутно немале никакво значење за ниту една од нас-кои се дружевме со неа. Ниту килограмите беа проблем, ниту мојот неженствен изглед, ниту бившиот...проблем беше што сите тие информации немаа никакво полезно значење за ниту една од нас. Проблемот беше што кажаното беше кажано за да се чувствуваме лошо, да имаме поткопана самодоверба оти ниту линија се средува за еден ден, мене сигурно нит коса нит гради ќе ми пораснеа (пустите до ден денес не се), а ни болното раскинување не беше олеснато со наводната “искреност”. Ама тогаш ја немав таа моќ да застанам два чекори наназад и да ги погледнам работите од друг агол. Тогаш само имав чувство на мачнина и се оддалечив од неа, како што се оддалечија и сите други со кои се дружеше. Остана сама со својата демек-совршеност и совршена искреност во која си најде оправдување за својата суровост.
3. САМО ТИ
Сите ние сакаме да сме едни и единствени во животот на нашиот партнер. Дури, на помлади години сакав со гумичка да го избришам минатото на партнерот за да бидам јас, јас и само јас...пуста младешка самобендисаност! Ок, во сегашницата сакаме да сме единствени и кој ќе каже дека не е така, да знаете дека лаже исто ко што лаже секој кој вели дека не гледа по други мажи/жени. Да, сите гледаме и не, не значи дека ако гледаме ќе изневериме. Ама ај пусто нека ни текне на ова кога ќе помине некоја која изгледа ко од Бурда (така баба ми ги викаше оние ептен убави и модерни жени), без да не’ жегне дали ТОЈ ќе помисли да не’ остави заради некоја таква или се кае што завршил со нас наместо со некоја која изгледа како модел. Од друга страна, еден куп преубави и средени мажи по кои ќе се загледаме и кои немаат вишок стомаче или недостаток на коса, ама па не ни паѓа на ум да го напуштиме оној кој е до нас и со кој имаме минато, сегашност, а иднината и не можеме да ја замислиме без него. Но, малку е безвезе да прашуваме дали гледа по некоја, а истовремено да не сме свесни дека и да каже оти не гледа, лаже и тоа суши. И да се разбереме, некогаш е помудро да не се поставуваат прашања кои ќе го натераат партнерот да излаже оти не сака да не’ повреди, а во суштина баш и не ни е битно да ја знаеме вистината (не, тука не спаѓа неверство за кое секогаш тврдам дека мора да се знае, за да има другиот право на избор за да одлучи дали ќе остане со партнерот или не). Се помирив дека сме визуелни битија, дека сум една и единствена со која легнува и се буди, но повеќе не прашувам дали мисли дека онаа е згодна (а згодна е, оти имам и јас очи и го гледам тоа) или дали мисли дека колешката му е секси (а секси е). Едноставно, САМО ТИ ми е веќе друга димензија во која има љубов, почит, разбирање и лојалност. Само ти ми е зона во која си го наоѓам спокојот и во која не поставувам прашања за да не го “присилам” партнерот да ме излаже од страв да не ме повреди.
Не сакам лажење, барем не лажење од суета, злоба, себељубие и заташкување на гнасотилаци. Не сакам па ни искреност од кое или никој нема корист, или ја има само оној кој ја кажува, единствено за да се возвиши себе. Порано, ќе повлечев остра црта и немаше да имам двојба каде ќе застанев. Сега стојам во една сива зона чие сивило ги има од најсветлите до најтемните нијанси. Не, никогаш нема да излажам за да избегам од кашата во која сум се нашла, особено ако е по моја вина. И не, никогаш нема самоиницијативно да повредам некого размавтувајќи со искреноста како меч кој ќе раскрвари нечија кревка душа. Балансирањето меѓу црното и белото е всушност најголемата умешност и мудрост која се учи макотрпно и долго. Сетете се на јин и јанг, секогаш има црно во белото и бело во црното, а така е и во нас, луѓето.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Да ме прелажеш не можеш
не оти сум поумна од тебе
туку оти душава лага препознава
та наеднаш како да се растреперува
пилето внатре занемува
и боли
боли како првпат да е
прости
но да ме прелажеш, не можеш
ама затоа пак јас можам тебе
да, да те прелажам дека ти верувам
дека секој твој збор жедно го пијам
небаре оставена во пустина без капка вода
дека лагите твои алчно ги голтам
како вкусни залаци кои в грло запираат
за да сме двајцата раат
еве ќе се преправам дека ти верувам
и тебе убо ќе ти биди
оти голем во своите очи ќе станеш
а мене
мене сеедно ми е веќе
ниту горделива ќе сум
ниту пак умов навреден ќе е
да ме прелажеш не можеш
та ако сакаш натопи ги зборовите
еве
во слатко од портокал удави ги
мене исто во стомаков ќе ми горчат
како пелин со шербет озгора
така во телото твоите зборови ќе шетаат
и не знам дал да те мразам
или само да те жалам
дал лута да сум
ил кротка да си останам
оти да врекам џабе е
да плачам веќе видено е
да се дујам смешно е
да колнам не знам
да молам не сакам
само знам дека да ме прелажеш не можеш
ниту пак сама себе можам
како тогаш, како некогаш
та само ми иди парталиве да си ги зберам
во еден врзоп животот да си го соберам
и долго во очи да те гледам
да те бакнам ко првиот пат
долго
гладно
жедно
и на заминување ниту збогум да ти речам, туку
“да ја љубиш ко јас тебе шо те љубев”
доволно ќе е
да ја љубиш до умирачка
до бол
до распаѓање
до живеачка ама онаа без неа
таква живеачката да ти е
и да ја љубиш ко јас тебе
ниту поќе
ниту помалку
таа после мене, ете таа
таа да ја љубиш колку јас тебе шо те љубев