ДАЛИ ЗА СРЕЌА Е ДОВОЛЕН ДЕНОВ?

Добивај вести на Viber

Тешко е човек да си признае дека станал комплетно зависен од другите за својата среќа. И покрај сите будистички филозофии и прочитани книги од популарната психологија, во пракса тешко се усвојува мантрата дека среќата зависи само и исклучиво од нас! Ако добро објаснам, под ова „другите“ се мисли на најблиските, чија љубов ми станала главен резервоар за смислата во денот. Денес сум сама дома, мојот сопруг и моето дете заминаа на викенд во Битола. Станата сум од шест часот (а се силев дека ќе спијам до девет) и мислам на тоа зошто чувствувам грутка во грлото кого толку долго посакував да се сетам како е да се биде сама дома и да имам време да направам сè што сакам? За да не бидам погрешно сфатена, ајде да ви раскажам со ред...

Последниве пет години откако станав мајка, сакав максимално да му се посветам на своето дете, не само од аспект на чување долго дома наместо да го пуштиме во градинка (можеби згрешив, не знам), односот кон исхраната (здрава органска храна, не заради мода, туку заради свесноста од опасност од хемиски третираната храна, и кон нашето тело и здравје и кон природата односо целиот еко-систем, но ова е друга тема), огромен број на часови посветени на социо-емоционалниот развој на детето, на игра, читање и раскажување, шетање во природа, секојдневни утрински прошетки во паркот (во време кога најголем дел од родителите се на работа, да не речам во најпродуктивниот период од денот, кога мозокот ти е најсвеж за интелектуален труд). Тука се и летните „одмори“ по два-три месеци (не мислам на скапи „фенси“ одмори по хотели на море, туку на престој во природа, покрај вода, на планина, во село... додека детето ужива на чист воздух, а мајка му работи на лаптопот, ама битно на добра надморска височина и подалеку од зовриениот скопски асфалт). Тука се уште куп други работи кои пет години по ред го притискаат моето копче за издржливост да балансираш помеѓу професијата и домашните обврски. 

Како жена која не сака да се откаже од својата кариера, напротив, сакав да му докажам на светот дека имаме право на избор и во периодот по породувањето и во првите години од растењето на детето, и дека сè се може со добра организација и логистика (а во суштина се работеше за голема жртва, откажување од социјалниот живот, многу хроничен замор и многу обврски врз грбот на нашите родители), мислам дека сум блиску до тоа да прегорам. Ова не е колумна за моето лично „херојство“, туку парче текст со кој ќе се преиспитаме дали го живееме челичниот притисок на перфекционизмот? Знам дека најголем број од вас се препознавате во оваа моја исповед. И колку и да ми е пишувањето еден вид терапија, колумните примарно не ги пишувам за да се ослободам од сопствените демони, туку за да се приближам до туѓите болки и дилеми. Емоционалната идентификација им помага на луѓето да го пронајдат коренот на проблемот, а секое поставување на проблемот е веќе половина решение. Се разбира, денес зборувам за оној дел од проблемот кој зависи од нас, од нашата карактерна патологија, од нашата ментална матрица. Многу пати сум пишувала за системските решенија, за правата и слободите овозможени од политичкиот дискурс, овој пат нема да се повторувам. Значи, да се вратам на мојот проблем од или за слободата во кој верувам ќе се препознаат голем број жени и мајки. 

Имено, често кукам дека ми фали слободно време, односно време за себе, време за релаксација или конечно време во кое нема да чувствувам гризење на совеста ако правам нешто некорисно, чисто за опуштање. Дискутабилно е и тоа што е всушност корисно и што сè влегува под капата на продуктивноста? Во современово хиперактивно и технолошко општество приматот е фрлен на работата и на капиталистичката мантра за поголема заработувачка и профит, а малку слободно време. Тоа се, всушност, мејнстрим струите низ процесот на фетишизација на работата и производството, отелотворена во тоа дека човекот е Хомо Фабер, па на сите страни се создаваат зависници од работа, дури се создаде и терминот „воркохолик“. Но, се смета дека како противтежа на тоа е антрополошката одредба на човекот што го врзува не за работата, туку за играта. Значи, да се вратиме на „играта“! Да се прашаме што би си сервирале на релаксирачката трпеза и какво изгледа времето што ни го намалува стресот? 

Тоа е она време во кое ги разгалуваш своите најинтимни сетила, гледаш романтични филмови (забораваш на Бергман и Тарковски), читаш добра литература со часови, возиш велосипед без да гледаш на часовникот, разговараш со другарките почнувајќи од егзистенцијалистичките проблеми, стигнувајќи до тоа зошто е сè поредок сексот во бракот, време во кое лежиш во бања со морска сол. Таквото време ужасно многу ми фали! Денес, кога моите се заминати на викенд надвор од Скопје, времето го имам на претек. Зошто тогаш не чувствувам среќа? 

Го земам списокот со работи што треба да ги завршам (заостанати обврски за работа), а потоа на него додавам и неколку работи што би ме направиле среќна. Го замислувам денот кој трае 24 часа, а во него нема ниту еден „натрапник“, само мојата слободна воља (се смее). Она што ме плаши, е дека во сите тие убави проекции на мали задоволства ми фали поинтензивно чувство на среќа. Во овие пет години, ова е втор пат да се одвојам од моето дете на неколку дена, а прв пат да чувствувам толку голема празнина. Тишината дома е некако глува. Дури и кучето е тажно. Се чукнувам по главата и се прашувам: Па, нели, драга Ана мечтаеше за тоа да бидеш малку сама, без дете, без маж, без секојдневните обврски? – Немам дилема дека тоа го посакував. На две другарки телефонски им се пофалив дека два дена ќе бидам сама дома. Искрено ми рекоа дека ми завидуваат. Некои жени, пак, ќе премолчат и нема да бидат искрени дека имаат потреба на кратко да се одвојат од своето дете. Не е грев мајките да кажат дека се преплавени и прегорени. Но грев е да не си свесна дека си станала зависна од тоа чувство на „премногу од сè“. Дека веќе само така знаеш да функционираш во овој комплициран свет. Дека динамиката која те истоштува, прави да се чувствуваш корисна на некое друго ментално ниво. Дека се сакаш себе си повеќе затоа што се гледаш себе како жртва. Дека во релациите со другите се чувствуваш битна што тие зависат од тебе... Уф, колку погрешно! Ако навистина сум се претворила во жена-маченичка, крајно време е да се свестам дека животот има и една друга динамика која подразбира грижа за себе и љубов кон себе, која се двои од љубовта кон другите. 

Решавам денес цврсто да се борам против сите мисли и непотребни грижи што ми го навјасуваат мозкот за тоа каде се моите сакани во моментов, што прават, да не се повреди малото, дали добро ќе јаде, како ќе спие без мене… и бројни други стравови кои неконтролирано ми чукнуваат на портите во главата. Решавам да не им телефонирам десет пати во денот. Решавам дека е крајно време да сфатам дека најдоброто нешто што можам да му го подарам на своето дете викендов - е моето отсуство. Со тоа ја поттикнувам неговата самостојност и индивидуалност. Не сум добра мајка ако мислам дека најдоброто може да му се случи само покрај мене!

А за себе… себе си денес ќе си подарам нов список со задоволства на кој ќе ги нема работните обврски. Ја завршувам колумнава и излегувам да возам точак! Можеби и кучето е тажно покрај мене, заради мене.

Дали велосипедот, кучето и сонцево што пробува да се насмее зад облаците ќе ми бидат доволни да бидам среќна денес?

Одам да пробам… 


 За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој