Даниела Митеска - Македонка со вонземска убавина: Не се откажува од сонот и покрај непредвидливите работи кои ѝ ги сервирал животот
За себе ќе каже дека е максимално динамична личност. Секогаш незадоволна од постигнатото, но со енергија и самодоверба кои храбро ја движат напред. Нејзината цел е да стане успешен артист каде до израз би дошол нејзиниот талент за танц, музика и глума и не се откажува од сонот и покрај непредвидливите работи кои ѝ ги сервирал животот.
Даниела Митеска е родена 23 октомври 1979 година во Малме, Шведска каде што е израсната и до ден денес живее. Нејзините родители се Македонци кои се иселиле од Македонија во раните 70-ти години.
Детството го поминала во како што вели типична балканска фамилија, а иако живеела во шведска средина, балканскиот дух за музика и игра секогаш бил присутен кај неа. Уште од 6 години се надградувала со македонскиот фолклор и џез балетот, а како дете сонувала да стане артист и секогаш се гледала во улога во некој мјузикал.
Даниела завршила средно уметничко училиште во насока на танц и театар, паралелно одела на часови за соло пеење и танцување, а финансиите за овие додатни часови сама си ги обезбедувала со работа во кафулиња и ресторани.
Благодарение на фолклорот имала можност да прошета и запознае различни култури, но, вели македонштината во неа била најизразена и многу се израдувала кога во 1997 година добила шанса да учествува на избор за најубава Македонка во дијаспората каде убедливо победила и се стекнала со правото директно да учествува во финалето на Мис Македонија во организација на Екран.
Таму се закитила со титулата прва придружничка и стекнала право да учествува на Мис Интернешнал, но поради непоседување на македонско државјанство немала право да учествува на тој избор.
- Поради непоседување македонско државјанство кое до ден денес не го поседувам, од неразбирливи причини за мене, немав право да учествувам на тој избор. Но, сето тоа ми помогна да го запознаам професионалниот свет и да се надградувам понатаму - вели Даниела која ни раскажа дека во меѓувреме школувањето го продолжила на факултетот за сценски уметности во Стокхолм и конкурирала на кастинг за популарното шоу „Wallmans Salonger“ каде што била примена во конкуренција од над 1000 кандидати.
Така наредните две години ѝ биле исполнети со музика и шоуа па се почувствувала како вистинска уметница подготвена да го освои и Холивуд. Заминала за Лос Анџелес каде се запишала во филмското школо New York Film Academy во Universal Studios каде имала можност да се запознае со многу познати холивудски ѕвезди.
Сепак, како што вели судбината ги помешала прстите и во Америка не ѝ ја продолжиле визата, па се вратила во Шведска каде во наредните 12 години ѝ се случиле многу непредвидливи работи од кои единствено сака да запамети дека станала мајка на две ќеркички, по два неуспешни брака.
Замрзнатата желба за кариера во неа повторни се разбудила оваа лето кога решила да го исконтактира врвниот фотограф Дејан Миличевиќ кој веднаш ја прифатил соработката и за кратко време почнале да работат на проекти. Таа веќе работи на снимање на два музички видео записи, а прави и кастинзи за филм и модни агенции со желба конечно да се реализира како артист.
Даниела не се откажува од својот сон, а на 43 години, во својата петта деценија може да се гордее со својата природна убавина.
Таа за Женски магазин сподели и како се негува и кои се нејзините дневни ритуали кога станува збор грижата за себе.
- Дневниот козметички ритуал ми е многу едноставен, затоа што едноставно секоја вечер легнувам со исчистено лице и преферирам што повеќе да сум природна.
Препаратите кои ги користам важно ми е само да ми годат на моето лице. Во последно време употребувам препарати од Excuviance - лосион за чистење на лице, дневна крема со заштитен фактор и ноќна крема.
Таа вели дека козметички салони посетува, но некогаш почесто, некогаш поретко, во зависност од приликите и обврските.
Кога е во прашање нејзината коса, вели дека употребува производи кои се на природна база и кои нема да ѝ наштетат на косата, па меѓу омилените такви производи ѝ се од колекцијата на шведската компанија „Under you skin“.
Даниела секогаш преферира благ мејкап, но постојат работи што сака да ги сокрие, најчесто тоа е заморот. А секогаш сака да ги истакне очите и јаболчниците.
Нејзини омилени козметичките производи од Excuviance, пудрата Studio Fix од МАС, Clinique маскарата и руменилото од Clarins, во несесерот секогаш носи специјална крема за усни и за сува кожа, како и руменило. А нејзин омилен парфем во последно време е Nomad од Chloѐ.
Даниела ја одржува нејзината совршена линија водејќи сметка за храната која ја внесува, да биде почесто, а помалку, но и вежба.
- Одбегнувам брза храна, бело брашно и шеќер. Не пушам и не консумирам алкохол, редовно вежбам танц и во последно време пилатесот стана дел од мене, благодарение на него постигнувам психофизички баланс.
Даниела смета дека надворешната убавина е пресудна за оставање на прв впечаток, но ако ја немате внатрешната убавина која е огледало на вашата состојба и здравиот дух, првиот впечаток ќе исчезне. Затоа спојот на надворешната и внатрешната убавина остава најсилен впечаток - вели таа и дополнува дека се восхитува на дамите од постарите генерации кај кои доаѓаше до израз природната убавина и заложбата за респект на нивниот карактер.
За современата жена, смета дека е банално да се каже дека треба да биде добра сопруга и мајка, според Даниела, современата жена пред сѐ треба да биде своја, подготвена да се бори и да ги победи предизвиците на животот без да го изгуби својот карактер и своето јас.
Љ.И