ДЕБЕЛИНАТА Е ГЛАВНА ПРИЧИНА ЗА ДИЈАБЕТЕС, А ВО ПАНДЕМИЈАТА СЕ ГЛЕДААТ ПОСЛЕДИЦИТЕ: Ново Нордиск со иновативна технологија против хроничните заболувања-интервју со Димитар Стојменовски

Добивај вести на Viber

Зачетоците се пред неполни 100 години во Данска веднаш по откритието на инсулинот кој го промени животот на милиони луѓе со дијабетес. Во своето едновековно постоење, фармацевтската компанија Ново Нордиск покренува низа иновативни технологии, а главната амбиција сега е насочена кон победа на дијабетесот и другите сериозни хронични болести како што се дебелината, хемофилијата и нарушувањето на растот. Пристап до лековите и терапиите кои Ново Нордиск ги произведува во повеќе земји во светот имаат милиони луѓе. Свое седиште компанијата има и во Македонија, а годинава Ново Нордиск Фарма ДООЕЛ Скопје го слави 30-годишниот јубилеј. Димитар Стојменовски, специјалист по семејна медицина кој веќе девет години е на позицијата генерален директор на Ново Нордиск Македонија во денешното интервју за Фактор посочува дека грижата за пациентите, етичното однесување, тимскиот дух и здравствените предизвици во државата се главните предизвици на компанијата, а истовремено се и сериозен двигател за сите понатамошни активности.

-Најновата генерација на биолошки препарати за дијабетес и обезност или дебелина игра сериозна улога во превенција на хроничните не заразни болести и нивните компликаци, вели Стојменовски во интервјуто за Фактор.

Македонија е една од 80-те земји во кои глобалната фармацевтска компанија со импресивни иновативни достигнивања има своја канцеларија. Говориме за Ново Нордиск, која токму кај нас сега го  одбележува тридеценискиот јубилеј. Што е клучно за деловниот успех во изминатите 30 години на Ново Нордиск  на чие чело сте вие во последните десеттина години?

Стојменовски: Точно така, оваа година славиме јубилеј 30 години од формирањето на нашата фирма Ново Нордиск Фарма ДООЕЛ Скопје како фирма ќерка на Ново Нордиск – Данска. Нашата фирма е  сериозна странска инвестиција и дополнителна вредност во македонскиот здравствен систем. Исто така сакам да потенцирам дека низ годините и развојот, глобално, прераснавме од фармацевстка во здравствена компанија која во моментов нуди многу квалитетни и достапни решенија за сериозни хронични здрвствени проблеми кои се повеќе ја оптеретуваат популацијата од сите возрасти, а со тоа и националните здравстевни системи. А, што се однесува до деловниот успех со задоволство можам да кажам дека тој се должи на нашата посветеност на работата, пациентот е во центарот на нашето внимание и грижа, општествената и социјалната одговорност, одржување партнерска релација со сите вклучени во процесите, почит кон вработените и нивен постојан развој и секако пример сме за култура на отвореност, чесност и етичкото однесување во секој сегмент од нашата работа. 

Да се вратиме на почетоците на Ново Нордиск, чии корени датираат токму од пред еден век. Практично цели 100 години оваа компанија ги унапредува своите идеи во сè подобри и подобри терапии за луѓето со сериозни хронични заболувања. Она што малкумина го знаат дека создавањето на компанијата почнува со една прекрасна љубовна приказна во Данска. Ќе ни откриете ли повеќе за научниците за Аугуст и Марија Крог и како тие го променија квалитетот на животот на луѓето со дијабетес?

Стојменовски: Ова е многу интересна, како што рековте љубовна приказна, која почнува со големото откритие во Канада од страна на научниците Бантинг и Бест кои во суштина го откриваат инсулинот и неговата улога при дијабетес. За своето откритие Бантинг и Меклеод ја добиваат Нобелова награда и ја споделуваат со Бест и Колип. Истовремено, брачниот пар од Данска, Аугуст и Мари Крог имаат сериозен предизвик со болеста на Мари, која во суштина има дијабетес, болест која во тоа време е смртоносна. Аугуст Крог е исто така научник и заедно со Мари одат во Канада каде одушевени од откритието бараат права за производство на инсулин во Европа. Од тука почнува револуцијата во третманот на оваа болест. Благодарение на упорноста, посветеноста и ентузијазмот на овој брачен пар кој со нивниот потег не само што го спасуваат животот на Мари туку спасуваат и многу луѓе во светот од оваа тивка но, опасна болест. Зачетоците на фирмата се во 1923 година, нецели 2 години од откритието на инсулинот. Наредната година правиме 100 години од формирањето на фирмата мајка во Данска. Во овие 100 години во Ново Нордиск се случуваат сериозни откритија врзани за дијабетесот и ретките болести како хемофилијата и нарушениот раст. Се бележи и сериозен иновативен и автохтон технолошки напредок во производството на биолошки препарати по пат на уникатна технологија, со извонредна ефикасност и продолжува до денешен ден.

Постои ли конкретен податок колку од вкупното произвдство на инсулин во светот е заслуга на Ново Нордиск, односно колкав е процентот на производство на овој лек во фабричките погони на компанијата ширум светот и колкав е бројот на пациенти кои имаат уредно контролирано хронично заболување (дијабетес) што е предуслов за далеку поквалитетен живот?

Стојменовски: Според последните публикувани податоци од независни извори нешто над 50% од вкупниот инсулин во светот се произведува во производните капацитети на Ново Нордиск, а околу 34 милиони пациенти во светот имаат здравствена корист од нашите производи. И не само тоа, нашиот фокус е на сериозните хронични болести од кои се засегнати стотици милиони луѓе во светот и секако неколку стотини илјади во Македонија. Хроничните незаразни болести и нивните компликации се најголем предизвик на сите здравствени системи од аспект на цена на чинење на третманот, квалитет на живот и достапност на соодветна терапија. Со препознавање на нашата иновација од страна здравствените авторитети и властите како партнери во грижата за своето население и комерцијализирање по прифатлива и јасно дефинирана цена овозможуваме достапност на што е можно поголем број пациенти со тешките хронични болести кај кои нашите храбри идеи за третман ќе да ја покажат својата полна ефикасност. Исто така многу важно е да се напомене дека најновата генерација на биолошки препарати за дијабетес и обезност или дебелина игра сериозна улога во превенција на хроничните незаразни болести и нивните компликации што долгорочно гледано за 1 долар инвестиција во превенција добивате 5 долари помалку трошоци за лекување. Правиме долгорочни инвестиции во нови терапии, технологии, дигитализација и новата генерација медицински помагала кои заедно со терапијата на база на матични клетки сигурни сме дека ќе дадат одговор на многу предизвици кои ја загрижуваат денешната медицинска наука.

Што покажуваат податоците за Македонија, има ли загрижувачки број на пациенти со дијабетес во земјава и дали имаат лесен пристап до потребната терапија?

Стојменовски: За жал податоците покажуваат дека бројот на пациенти со хронични незаразни болести се зголемува секаде во светот што значи дека и нашата земја не е одмината од тој тренд, Дијабетес тип 2, покачен крвен притисок, инфаркти, мозочни удари, сериозни оштетувања на бубрезите, слепило, се последица на нашето однесување кон нас самите, кон природата, кон храната, пороците итн. Според независни епидемиолошки извори се проценува дека во Македонија во моментов има околу 125.000 пациенти со дијабетес од кои третина се на терапија со инсулин. Да не заборавиме дека од вкупната бројка пациенти пола од нив не знаат дека веќе ја имаат оваа состојба и не земаат никаква терапија. Истите се изложени на сериозен ризик од компликации доколку не се дијагностицираат на време и не се третираат соодветно. Навремена дијагностика и современ третман ќе спаси многу животи, ќе овозможи по квалитетен живот без компликации. А што се однесува до достапноста до современа и ефикасна терапија можам да кажам дека работите се подобруваат како во светот така и во нашата земја. Властите се посериозно гледаат на овој глобален тренд кој значајно ќе влијае врз трошоците за третман на компликациите, а со тоа и на буџетите и се обидуваат да работат на превенцијата. Здравствените авторитети се трудат да овозможат секој пациент да добие точна и навремена дијагноза, да му обезбеди потребен третман, односно пациентот да го добие вистинскиот лек за својата состојба преку квалитетни и навремени набавки. Со тоа се подобрува ефикасноста на здравствените системи во целост и се стекнува висока доверба од страна на пациентите или населението. Секој проблем врзан за воведување иновативен и ефикасен третман може да се надмине со партнерска релација и доверба помеѓу властите и иновативната индустрија на јасен и транспарентен начин.

Посебен впечаток остава податокот што Ново Нордиск во својот современ развој многу повеќе настојува и својата основна амбиција ја насочува кон тоа да до 2045 година превенираат речиси 100 милиони луѓе да заболат од дијабетес Тип 2. Како компанијата ќе ја оствари целта?

Стојменовски: Краткиот одговор е дека сериозно ќе се бориме против обезноста или дебелината и ќе превенираме да се развијат болести кои се последици на истата. Неверојатно колку работи ни поминале низ годините и како сме гледале на дебелината, а во суштина многу малку сме виделе или направиле. Веќе сите сериозни научно истражувачки центри низ многу студии укажуваат дека дебелината е главна причина за дијабетес тип 2 и сите компликации како покачен крвен притисок, срцеви заболувања, заболувања на крвните садови, на мускулно-скелетниот систем, бубрезите, депресијата и голем број неопластични или канцерогени заболувања. Идејата ни е да го победиме дијабетесот, да ја намалиме драстично стапката на компликации и сериозно да работиме на превенција на дебелината преку иновативна терапија добиена по најсовремена технологија достапна за секој пациен со овој проблем.

Во многуте програми кои ги развива Ново Нордиск, значајно место има програмата Changing Diabetes, на што се однесува ова?

Стојменовски: „Го менуваме дијабетесот“ беше сериозен предизвик во смисол да го промениме одност кон него, кон дијагностицирање на пациентите со дијабетес, во борбата со стигматизацијата, кон неговиот третман и регулација, исхраната, причините и последиците и тука постигнавме глобален успех во смисол на креираната свесност и потребата од соодветен третман. Денес, во овој век зборуваме за тоа дека ќе го победиме дијабетесот, а работиме сериозно да ја победиме и хемофилијата и други болести за кои со новите технологии веќе се гледаат решенија.

Бесценетото наследство кое го оставаат научниците-сопружници Крог ѝ овозможува на компанијата успешна борба и против други хронични болести. Конкретно на кои пациенти им се потребни лековите и терапијата кои ги произведува Ново Нордиск?

Стојменовски: Како што споменав на почетокот Ново Нордиск почнува со примена на првата иновација по откривањето на инсулинот да лечи дијабетес со екстракција на животински инсулин и истиот после одредена обработка да се аплицира на човек. Продолжува со наредната иновација која во тоа време е револуција во технологијата да се направи хуман инсулин по пат на ДНК рекомбинација за да се овозможи масовно производство за што е можно повеќе пациенти, па следат аналог на човечкиот инсулин, современите инсулини и во последно време новата генерација на современи инсулини. Паралелно, научниците и истражувачите на компанијата работат на иновации, прават синергија со познати светски универзитете и во тие лаборатории се развиваат терапевтски решенија по технологии која до сега не биле познати и возможна. Се добиваат решенија за ултра долго дејство на лекови како и нова технологија на таблетарна форма со извонредна ефикасност во лекување на дијабетесот, превенција на срцеви заболувања и намалување на дебелината истовремено. Исто така долгоделувачките фактори за запирање на крвта при хемофилија се дел од оваа приказна за која се надеваме дека и во нашата земја наскоро пациентите ќе ги почувствуваат сите придобивки од неа. Тука не запира развојот на нови молекули на извонредно ефикасни и технолошки напредни биолошки лекови туку Ново Нордиск сериозно се подготвува да влезе и во други  области со свои ефикасни терапии за Алцхајмеровата болест, Паркинсонизмот, кардиолошки пореметувања, бубрежни болести. Стануваме сериозен играч на глобалната здравствена сцена со досега не видени решенија за многу горечки проблеми на националните здравствени системи. Многу скоро, во наредниве неколку години очекуваме регулаторните авторитети да ги одобрат и овие препарати, да се комерцијализираат глобално. Се надеваме и ќе дадеме се од себе тоа да се случи и во нашата земја.

Можете ли да ни кажете дали конкретно обезноста како едно од хроничните заболувања треба да нè загрижат како држава, особено поради фактот што сè помлада популација се соочува со овој сериозен проблем. Имаме примери на деца од 10 години со по 100 килограми, тинејџери со по 130-140 килограми. Воедно, за младите пациенти кај кои настанаа компликациите од корона вирусот и за жал ги изгубија животите, се добија информации дека се обезни. Кои се причините за ова хронично заболување, дали начинот на живот и исхраната се клучни?

Стојменовски: За жал тоа е многу точно. Глобалните статистики се поразителни, но ништо помалку алрмантно  не е и кај нас. Ние сме обезна популација и ја плаќаме сметката за тоа на различен начин. Сега преку последиците и смртноста од ковид на ризичните пациенти со дебелина и пропратните заболувања. Ако не направиме нешто и после ковид пандемијата, сметката ќе биде уште поголема од последиците од развивање на дијабетасот, срцевите заболувања, инфаркти, мозочни удари и сите други последици како резултат на нашата негрижа за своето здравје. Најинтересно во целава оваа тема е тоа што сите овие погоре наведени работи се превенибилни. Сигурни сме дека тоа е возможно само доколку ги смениме навиките, се храниме по здраво, се лекуваме навремено и соодветно, резултатот нема да изостане. Знаеме дека со еден холистички пристап можеме сериозно да го намалиме бројот на овој тип пациенти, да имаме популација која ќе живее поздраво, подолго и поквалитетно и државата која инвестирајќи во здравјето ќе инвестира во посветла иднина за својата популација. Здравјето на популацијата е еден од основните столбови на развиено општесто, на силна држава со развојна економија подржано од доверлив, ефикасен и одржлив здравствен систем. Сигурни сме дека може.

Ова секако е глобален проблем и според податоците на УНИЦЕФ во светот се засегнати повеќе од 40 милиони деца. Каква е сортаботката на Ново Нордиск со организацијата на ОН во насока на спречување на обезноста уште од детската возраст? Што на ова поле се прави во Македонија?

Стојменовски: Ново Нордиск како општествено одговорна компанија секоја година, во континуитет развива низа проекти преку кои ја демонстрира својата посветеност на потребите на пациентите секаде во светот, но со поголем акцент на сиромашните земји и земјите во развој кои не можат или тешко се справуваат со здрвствените предизвици од аспект на едукација, дијагностика, лекување. Од пред некоја година глобален партнер ни е УНИЦЕФ. Идејата е со заеднички сили да се бориме против дебелината и да превенираме што е можно повеќе деца да не влезат во магичниот круг во кој многу лесно се влегува, а многу потешко се излегува без последици. Превенција од најмала возраст е нашата порака. Преку данското министерство за храна кои сесрдно ни понудија помош, ние како држава започнеме идеен проект за здрава исхрана и навики од најмлада возраст како веќе воспоставена добра пракса кај нив. Министерството за труд и социјала во нашата земја покажа отвореност кон овој тип на промени кои треба да се направат и со нетрпение ги очекуваме следните чекори кои треба да ги направиме со кои ќе почнеме да работиме на превенцијата од најмали нозе.

Ново Нордиск е компанија која има 16 производни локации во девет земји во светот, но посебно е горда на својата општествено еколошка одговорност. Кон што се стреми компанијата?

Стојменовски: За нашата компанија не е новина грижата за човековата околина и екологијата за нас не е само термин. Ние сме голем производител, но и голем создавач на отпад. Убавината во целава приказна е дека секој производ, секоја капка лек направен во нашата компанија е направен со користење на зелена енергија и разумно трошење на ресурсите. Само како еден пример, а има повеќе, во технологијата на производство на нашите биолошки препарати се користи квасец или квасна габа од која се екстрахираат протеини се создава голем нус производ или отпад на био маса од која понатаму се прави био гориво кое се користи за свои потребите во технолошкиот процес. Намалувањето на отпад и неговото рециклирање и не е некоја тема за нас. Сега сме фокусирани на циркуларна економија што значи дека ветвивме дека до 2035 година, голбално, Ново Нордиск ќе има 0 емисија на СО2 или поточно нема да загадуваме. Од техношкиот процес во производство до секоја канцеларија во светот и до секој вработен ќе работиме да ја постигнеме оваа цел. А знаеме и како.

Кои се идните планови на Ново Нордиск во Македонија, во која насока ќе го продолжите делувањето и во наредните години?

Стојменовски: Поминаа 30 години напредок и низа успеси, во кои имаше и делекатни периоди со сериозни предизвици за пациентите и за индустријата. Бидејќи сме оптимисти по дефиниција и сакаме да гледаме позитивно на работите, нема да зборувам за неубавите моменти во кои најмногу страдаа пациентите. Тука сме и остануваме додека се препознава нашата мисија, се нудиме партнерски да пристапиме кон горечките проблеми и да понудиме квалитетни и одржливи решенија на задоволство на сите, најмногу на нашиот народ. Важен ни е успехот но важна ни е и репутацијата. Такви сме биле од секогаш и голема заслуга за тоа имаат сите мои претходници и сите вработени до ден денешен кои својата професионална кариера ја граделе во Ново Нордиск посветени на својата мисија. Во нашата земја направивме сериозен исчекор во обезбедување на најновата генерација лекови за дијабетес, обезност, хемофилија и нарушувањата на растот. Нашите доктори и фармацевти, врвните експерти во својата област како и сите лекари кои секојдневно се грижат за овие пациенти ја препознаа иновацијата што глобално се рашири и ги убедија властите дека тоа е неопходно и за македонските пациенти. Ние како локална филијала ги убедивме нашите принципали дека и ние заслужуваме да имаме таков тип на терапија по цена адаптирана за земја во развој како што е нашава. Успеавме благодарение на меѓусебното разбирање и чесните намери на сите кои беа вклучени во процесот на обезбедување на производите во Македонија, од производство, преку нашите дистрибутери кои се грижат за квалитетот и дистрибуцијата до сите оние кои учествуваат лекот да стаса до пациентот. Огромна заслуга за квалтетната грижа и едукација на пациентите имаат и медицинските сестри и фармацевстките техничари кои несебично го посветуваат своето време и внимание.

Им благодарам на сите!

На крај би кажал дека не сакаме да застанеме овде, ќе работиме и понатаму во интерес на пациентите и нашиот здравствен ситем, а со тоа во интерес и на државата да обезбедиме за што е можно повеќе пациенти современа терапија, со одличен учинок и корист за сите.

Анита Буховски

ФОТО: Томислав Стефановски