Децата бараат внимание, сѐ друго им е помалку важно: Разговор со Весна Велкова, педагог

Добивај вести на Viber

Она што се случува моментално со младината е загрижувачки, вели Весна Велкова, педагог во средното училиште „Јане Сандански“ во Струмица. По случајот „Јавна соба“ со експлицитните фотографии на малолетнички кој силно одекна во јавноста и повторно се крена дебата за поведението на младите, Велкова за „Женски магазин“ го сподели своето искуство за да ни ја долови сликата на терен.

* Како педагог кој работи со средношколци, како Вие ги коментирате актуелните случувања?

- Она што се случува моментално со младината е загрижувачки. Она што изостанува во воспитувањето на децата е разговорот со родителите.Тоа го кажувам од искуство од работата со нив.

* Дали учениците имаат доверба во училишните педагози?

- Кога се вработив во образовна институција наидов на проблем поврзан со улогата на педагогот во училиштата. Децата имаа страв од мене, веројатно така ги заплашувале од дома. Ми требаше долго време да ја стекнам довербата кај нив. Кога во класот ќе прашав кој разговара со родителите кога наидува на некој проблем, од 25 ученика дигаа раце едвај тројца. Бев запрепастена. Ако во 70-те и во 80-те години на минатиот век моите родители биле отворени за разговор и за се’ што ме мачело во животот, очекувате во денешно време родителите да бидат уште поотворени со децата. За жал, заклучокот е дека родителите имаат се’ помалку време за нив. Се правдаат дека по цел ден се на работа. Оправдување нема. За децата мора да имате време ако сакате да сте упатени во нивниот развој. Се’ почесто кога ќе го повикате родителот на разговор се брани дека не може повеќе да влијае на детето,а истото тоа дете е се’ уште малолетно на возраст од 15 -16 години.

* Можете ли да ни пренесете некој конкретен случај? Дали сега или порано некој ученик Ви се има пожалено дека бил малтретиран или уценуван со видеоматеријали со експлицитна или друг тип на сомнителна содржина?

- Имам работено со многу деца со најразлични проблеми,повеќе лични. Кога ќе проценам дека им треба уште постручна помош, ги известувам родителите каде да се обратат. Имавме еден случај за психичко малтретирање на „Фејсбук“ кое успешно го решивме.

* И покрај апелите осебно да се внимава со користењето на мобилните телефони, во пракса тоа е невозможно, особено кај средношколците. Како тогаш младите да се заштитат за да не завршат во некоја друга „јавна соба“? Која е Вашата препорака?

- Ако мене ме прашувате, треба со закон да се забранат телефоните во училиштето, иако имаме ние места каде ги оставаат. Мојата порака е до родителите. Градете јаки темели во семејството за да може ние во училиштата да подигаме спратови. Од искуството што го имам сакам само едно да им кажам на родителите. Децата бараат внимание, се’ друго им е помалку важно.

Ѓ.Стојанов