Денес се празнуваат „Светите 40 битолски преподобномаченици“: Мистични кажувања за каменот на влезот од црквата на местото викано Кркардаш
Денес православните христијани го празнуваат празникот „Светите четириесет битолски преподобномаченици“. Посебен ден е ова за Битола и битолчани бидејќи овој празник се празнува во православниот храм кој е посветен на „Светите четириесет битолски преподобномаченици“.
Овој храм претставува духовен чувар на градот Битола, кој многу одамна бил нарекуван Обител – толкувано како дом или семејство.
Помеѓу битолчани ова место е познато како Кркардаш. Место за кое постојат повеќе мистични кажувања кои се поврзани со каменот кој се наоѓа на влезот од црквата.
Кркардаш или Крккардаш е легендарен крај во северниот дел на битолскиот - Баир, каде се случила нерамноправна борба меѓу Македонците и турскиот аскер. Според легендите од Марко Цепенков, на тоа место постоела мала тврдина, на феудалниот запоседник Тољо, која Турците, за време на нивното освојување на Битола ја затвориле. Таму, целокупното македонско население пружило жесток отпор. Во крвавата битка паднале сите бранители на тврдината. Поради цврстата и јуначка одбрана Турците тој крај го нарекле Крккардаш, што во превод значи 40 браќа.
Денес на тоа место се Цртквата „Св. 40 маченици“ и „Свети Архангел Михаил“. Денот на црквата е секој прв ден на пролетта.
Светите четириесет битолски преподобномаченици
Кога, според неиспитливото допуштение на Господа, Турците муслимани нападнаа на православните народи на Балканот, по поробувањето на Прилеп, дојдоа да го освојат градот Битола, во 1385 година. По четиримесечна опсада, кога успеаја во освојувањето, се оддадоа на секаков вид убивања, опустошувања, поробувања, насилство, колежи, пљачкање, разорување на домови и свештени храмови, а се зафатија и со насилно исламизирање на православниот народ. Но, откако мноштвото верни покажаа силен и необичен отпор, беззакониците особено се устремија да постигнат одрекување од верата кај најбогобојазливите монаси од свештената обител на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец и кај оние коишто во неа прибегнале. Тие, пак, бестрашно изобличувајќи ја душегубната бесмислица на лажниот пророк преку силни богопознателни докази, и јасно исповедајќи ја тајната на Христовиот спасителен Домострој, привлекоа кон верата еден Турчин преведувач, по име Хасан, којшто исповедајќи ја самоволно православната вера, се причисли кон Светите исповедници. Така, сите благоразумни Четириесетмина, по многу измачувања, беа поведени кон Баирскиот рид, и како невини овци на Господа беа обезглавени, а потоа, тираните ги развеаја нивните чесни останки по најблискиот честак на планината Баба. Затоа, откако Светите славни Преподобномаченици праведно го примија од Венцедателот Христос двојниот невенлив венец, оној на подвигот, а и на страдањето, се покажаа како светли примери на евангелско сведоштво и љубов кон Бога, и постанаа така постојани и смели застапници за оние, коишто со вера ги чествуваат и со благоговение ги просат нивните молитви пред Господа.
Познатиот музичар Крсте Роџески, кој по потекло е од Битола, а живее во Њујорк, напиша песна посветена на Кркардаш со архаични зборови кои ќе ве освојат од прва.
„Топол бран од Јени маало,
темен крст кај Кркардаш,
длабок здив, морници на твојто тело
Ладна пот несоница, Мариовска тресеница
а од надвор благи звуци, ѓупска свадба,
комшиска кавга.
Тука сакам да сум јас,
Стопен в твојте скутови
Со песни од Бадев, Жобин, Сариевски.
И дури заспива, чуден сон да сонувам
Како леташ, па паѓаш, под океан
Меѓу корали, темјан, сончоглед....“