„Девојката со крилја“: Мајка ми ме родила на 19, ѝ рекле нема да преживеам. Се плашев како ќе се снајдам како мајка
Српската вицешампионка на светот во паратаеквондо и сликарка без раце, Дејана Бачко, на крајот на февруари стана мајка и открива како се
справува со предизвиците на родителството и ограничувањата поради физичкиот
хендикеп.
„Ние сме супер. Секој ден по малку се прилагодуваме, но засега навистина ни оди одлично. Марко ми помага, а јас му помагам на Марко, па ние сме вистински партнери во оваа убава нова ситуација“, објаснува Дејана Бачко (28) од Нови Сад.
Кон крајот на февруари стана мајка на малата Лара, а целата приказна немаше да биде необична ниту да привлече медиумско внимание доколку Дејана не беше млада жена родена без раце. Иако нејзиниот животен почеток бил драматичен, таа не дозволила околностите да ја скршат ниту пречките да го одредат нејзиниот животен тек.
Нејзината мајка Сандра пред неколку години на медиумите им ги откри причините зошто девојчето првите пет години од животот ги поминала во дом за запуштени деца. Сандра ја родила Дејана на 19 години, а во тоа време ги слушала лекарите кои велеле дека изгледите за дете со толкави физички оштетувања се многу лоши и дека нема да преживее повеќе од 48 часа. Ја советувале да се откаже од детето по породувањето.
- Рекоа дека не преживеала. После пет години во весникот дознавме дека Дејана е во дом. Отидовме таму и ја однесовме дома, па таа е со семејството од својата петта година - објасни Сандра објаснувајќи дека поради потписот со кој се откажала од детето, на убедување на докторот, никој од домот каде што ја сместиле Дејана не им било дозволено да ја контактира и да ја извести дека малата сепак преживеала.
- Не обвинувам никого. Веројатно Господ сакал да биде така. На крајот сите повторно се најдовме и повторно сме семејство – изјави таа пред неколку години за Нова ТВ.
Дури кога се вратила кај семејството, Дејана почнала да учи како да функционира самостојно - како да се облекува, да ги мие забите, да го мести креветот или да работи некоја работа во кујната.
Дејана пред неколку години раскажа дека тешко се помирувала со својот хендикеп, но успеала да ги надмине сомнежите и да продолжи понатаму, истражувајќи ги сопствените граници.
- Тоа што сум родена без раце никогаш не ме попречи во животот. Со мајка ми Сандра, која ми е најголем поддржувач, можам се‘. Единствено што не можам да го прицврстам копчето на фармерките. Секогаш се прашувам зошто сум родена ваква, но Господ така сакаше, можеби не ми даде раце, но ми даде уште еден талент - изјави тогаш таа откривајќи дека ја привлекува сликањето и дека може да слика со нејзините стапала.
Се запишала во средно уметничко училиште и покрај препреките кои и ги поставувале системот и луѓето, успеала да ја постигне целта и да дипломира. Потоа, во 2014 година се запишала на Академијата во Нови Сад и ги продолжила студиите на Академијата за класично сликарство.
Во меѓувреме, таа откри и дека може да ги надмине спортските предизвици и стана вицешампион на светот во паратаеквондо.
- Мојата приказна со таеквондото всушност започна по разни спортови кои ги тренирав, а се реализираше во 2016 година. Приказната започна пред една година преку Фејсбук. Кога се преселив во Нови Сад, решив да барам теквондо клуб преку социјалните мрежи, бидејќи целта ми беше да продолжам да ги зајакнувам нозете, пред тоа тренирав савате бокс во Бачка Паланка. Најмногу ми се допадна мојот сегашен клуб „Гитрос“ и додека го истражував, испратив порака на профилот на тренерот кој работи таму, прашувајќи дали можам да отидам да тренирам. Во меѓувреме имав многу обврски, заборавив на пораката, отворив нов профил на Фејсбук. По една година влегов во мојот стар профил и го видов одговорот на тренерот: „Дејана сакаш да тренираш теквондо?“ Веднаш одговорив дека сакам и во 2016 година всушност се‘ започна - раскажа таа објаснувајќи дека следувале медалите на Европското првенство, а потоа и на Светското.
А потоа ја пронајде и љубовта. Марко Нежиќ е избраникот на нејзиното срце, со кој реши да основа семејство.
- Се запознавме пред повеќе од шест години на едукација поврзана со исхраната што ја водеше Марко. Неколку години подоцна почнавме почесто да се гледаме и да се забавуваме и се започна од таму. Денес тој ми е сопруг и водиме заеднички бизнис во областа на здрава исхрана и додатоци во исхраната, им помагаме на луѓето да постигнат резултати и тоа е еден од изворите на приходи од кои заработуваме и двајцата, а другиот извор на приход ми е примарна дејност, а тоа е сликарството - вели Дејана додавајќи дека сакале да го прошират семејството.
- Ја планиравме бременоста и ја очекувавме, но колку и да мислевме дека сме подготвени, дополнително чувство на возбуда и благодарност не‘ обзема. Се плашев како ќе помине бременоста, но како и со се‘ во животот, 90 проценти од стравовите никогаш не сме ги исполниле. Се плашев како ќе се снајдам. Во тоа многу ми помагаат семејството и сопругот и засега одлично туркаме се‘ - возбудено објасни Дејана како членовите на семејството и помагале првите десет дена по враќањето од породилиште.
- Имавме поголема помош од семејството додека не‘ научивме како да ги правиме работите, а потоа сами влеговме во ритам. Не ни треба помош за ништо, иако со голема радост ја користиме повремено. На сите им одговара да одвојат неколку часа слободно време во текот на неделата. Најубавите емоции, одговорност и љубов ги носи родителството. Она што можеби беше предизвик беше да најдам начини за да можам и јас сама да се грижам за Лара. Како да ја земам, како да ја носам, да ја нахранам, како да ја пресоблечам. Со малку желба, помош и волја за се‘ може да се најде решение - нагласува оваа храбра жена која претходно за медиумите изјави дека научила се‘ во животот да прави со нозете.
Од друга страна, сексуалноста на лицата со попреченост за многумина е сè уште табу тема, а во исто време секогаш постои страв како ќе помине бременоста и породувањето.
- Јас бев првата која имаше голем страв. Не за тоа дали се‘ ќе биде во ред со бебето, туку за тоа како ќе се снајдам како мајка. Сакам да ги поддржам сите инвалидизирани лица доколку ја имаат вистинската поддршка, волја и пред се‘ чувство на подготвеност, желба и соодветни можности, да се одлучат на овој чекор. За мене сексуалноста не е табу тема, немав апсолутно никаква непријатност, туку знаци на поддршка насекаде. Човек може да има исполнет живот и покрај попреченоста и степенот на попреченост - истакнува Дејана.
Спортската кариера ја запостави и вели дека нема намера да ѝ се врати, а во нејзиниот фокус деновиве повторно се враќа сликарството кое беше во мирување поради мајчинството и планира да продолжи да слика.
- Мајчинството ме промени затоа што добив повисоко ниво на животна одговорност. Кон детето, кон себе. Мајчинството навистина бара многу енергија. Марко всушност напиша неколку постови на таа тема. Влеговме во него доста подготвени и засега добро се справуваме со тоа. Едвај чекаме да видиме како изгледаат следните неколку години. Засега немаме планирано дополнително проширување на семејството за да не брзаме премногу, но никогаш не се знае какви работи ќе планираме во иднина - вели Дејана.
Животот со бебе е предизвик за сите родители, па изгледа како денот да нема крај.
- Јас и Марко си помагаме. Јас сум повеќе тип што сака да спие до доцна, па Марко го презема периодот од ноќна смена до утро. Потоа се приклучувам, ги правиме сите активности околу бебето како партнери - на кои им е полесно и побрзо, како и други обврски во текот на денот. Вечерта следуваат состаноци, капење и подготовка за спиење. Попрво би рекла ноќна смена отколку спиење. И оттаму се врти круг - се смее Дејана.