Дигитализацијата овозможува жените да имаат сѐ поголем пристап до работните места од било која струка
Се наоѓаме во дигитална ера во којашто начинот на кој живееме, работиме и комуницираме се менува суштински на подобро. Дигиталната трансформација доаѓа со низа импресивни придобивки, вклучително и поголем увид на клиентите, подобрено насочување кон клиентите, подобрена ефикасност на работењето во канцеларија и намалени трошоци, меѓу другото.
Додека дигиталната трансформација е врвен приоритет за деловните активности што ја опфаќаат секоја индустрија во последниве години, традиционалните индустрии се бавни со навлегувањето во овие води. Компаниите кои го прифаќаат нарушувачкиот потенцијал на дигиталните пристапи треба да остварат драматични придобивки и да се издвојат од своите конкуренти. Поради оваа причина, компаниите во традиционалните индустрии сега гледаат на дигиталната трансформација како најважна. Прашање кое секако заслужува одговор и анализа е колку жените се вклучени во процесите на дигитализацијата кај нас, но и во странство? Статистичките податоци, говорат дека мажите се помногубројни во професиите со дигитален предзнак. И во светски рамки, присуството на жените во дигиталните индустрии е многу помал, за разлика од мажите. Прашавме неколку наши професорки и инженерки, зошто е тоа така, дали предрасудите за машки и женски професии се наминуваат и како тие се снаоѓаат во индустриите кои генерално важат за машки?
Слободанка Гркова, градежна инженерка во компанијата „КБК Инженеринг" вели дека факт е дека имаме помалку жени инженери, отколку мажи. Според неа, тоа главно се должи на тоа што не е така далечно времето кога жените не студирале и играле потрадиционална улога.
- Оние, пак кои што студирале или работеле ја одбегнуваа инженерската професија заради потешките услови за работа и заради социјалната стигма кон жените, односно градежништвото беше карктеризирано како машка професија. Она што можам со гордост да го кажам е дека сега, тоа полека, но сигурно се менува. Сѐ поголем број на жени се одлучуваат да запловат во инженерските води и сѐ повеќе од студентите на овие факултети се жени – вели таа.
Градежништвото како професија не е лесно, но не само за жените туку и за мажите, најпрво заради условите на работа. Се гради и во лето и во зима, во град но и на автопат.
- Нашата професија не е само во канцеларија. Исто така е и динамична
работа која бара брзо размислување и тимска работа. Градежништвото претставува
врска помеѓу архитектот, градежниот инженер и работникот. Моето професионално
искуство со градежништвото главно е позитивно, благодарение на колегите кои ги
имам во компанијата каде што работам,
кои секогаш ме сослушувале и го ценеле моето мислење, ме насочувале и ме
почитувале, без разлика на мојот пол – вели Грковска.
Но, и таа наишла и на ситуации во кои не се чувствувала удобно, и едноставно ја
почувствувала таа социјална стигма која излегува на виделина и покажува дека
често жените не се прифатени како лица
со авторитет.
- Она што мене ми беше проблем беше фактот дека јас бев надредена на луѓе кои
имаат два пати повеќе години од мене. Мислам дека најголема пречка за нашето
остварување како инженери сме ние самите, тоа што ние како жени повеќе се
сомневаме во себе, се ограничуваме самите себе и се плашиме од тоа дека не
припаѓаме во машкиот свет. Се надевам дека времето ќе ги отстрани тие сомнежи и
несигурности кај нас жените и дека во иднина ќе бидиме инспирација за младите
да продолжат по нашиот пат - вели таа
Професорката Христина Спасевска, која предава на ФЕИТ, но е дел и од обучувачкиот
кадар во новиот Skills Next Центар за
нови вештини, кој е посветен на новите трендови во клучните индустрии, и пред сѐ
нивната дигитална трансформација, вели дека новите технологии и нивната целосна
дигитализација овозможува жените да имаат сѐ поголем пристап до работните места
од било која струка.
- Ако некогаш важеше дека жената е
физички инфериорна во однос на мажот за да работи има дадена професија, на пример
во градежништвото, металната индустрија или енергетиката, сега со
автоматизацијата на процесите и користењето на системи за управување, ова не
претставува проблем. Кога зборуваме за „физички“ тешки професии, кои по правило
се сметаат недостапни за жените, зарем тие не се тешки и за мажите? Едноставно,
табуата не се рушат со закони, туку со поголем професионален ангажман, можеби
работејќи и двојно повеќе од мажите, за да покажеме дека не сме помалку
квалитетни во извршувањето на нашите работни задачи – вели Спасевска.
Таа потенцира дека истражувањата покажуваат дека нашата држава стои подобро од
многу високоразвиени земји кога станува збор за родовата еднаквост во
дигиталната индустрија.
- Најверојатно причина за тоа е концептот на еднаквост што се градеше во сите
социјалистички држави, можеби само формално, но сепак придонесе степенот на
родови баланс во нив да биде многу поголем од другите – вели професорката.
Промената на сликата треба да се случува постепено со градење на вистински и
стабилни критериуми за квалитет при вработувањето на нови кадри, без да се има
предрасуди за полот на кандидатот, како што не треба да влијае брачниот статус
и семејството.
- Внесувањето на „клуч“ во задоволувањето на родовата еднаквост може само да
направи лоши ефекти на долги патеки, иако на почеток навидум се постигнуваат
добри резултати. Освен социјалните мерки, поврзани со породилното и сите други
видови на родителски отсуства, кои се во надлежност на државата, компаниите
исто така можат да имаат значаен придонес, а при тоа да ги изберат
најквалитетните, независно од нивниот пол. Таа предност најмногу ја има
дигиталната индустрија, затоа што може да создаде работни места за работа на
далечина, што веќе во пракса го видовме за време на пандемијата. Исто така,
големите компании сѐ повеќе треба да размислуваат за отворање на градинки и
мали лекарски ординации за децата на своите вработени – вели Спасевска.
Како универзитетски професор и претседател на Инженерската институција
на Македонија повеќе години, преку инцијативата „Жени во индустријата“, со
нејзиниот тим работи на подигнувањето на свеста кај младите девојки дека можат
да го добијат секое работно место за кое имаат стручност и квалитет.
- Нашите истражувања покажуваат дека девојките се подобри студенти, дипломираат
побрзо, па стануваат и подобри научници, ако ја продолжат својата кариера на
универзитетите. Но, потоа како што се качуваат повисоко по скалилата до топ
менаџерските функции, тие се сѐ помалобројни. Некако нивните приоритети се
менуваат или едноставно немаат храброст да бијат битка со вечните табуа, дека
жената треба да роди и биде домаќинка, дека физички е послаба, па не ќе може да
одговори на работните задачи.
Затоа е многу значајно уште од најрана возраст децата да бидат во опкружување, во семејството или на училиште, каде овие предрасуди ги нема. Но и понатаму преку кариерниот развој на младите девојки, огледувајќи се на успешните примери, да се охрабрат да аплицираат за секоја работна позиција.
Дали се менува свеста на нашето општество? Се менува полека, секако
дигиталната индустрија има значаен придонес во тоа со создавање на нови видови
работни места, достапни подеднакво за сите! - вели Спасевска.
Елена Ивчевска е градежна инженерка која заедно со Јасмина Митковска ја
формирале „Делта Воркс“ старт ап компанијата. Работат со една од
најиновативните технологии во градежната индустрија-БИМ моделирање, кој исто
така се изучува во Skills Next Центарот за
нови вештини. Овие две амбициозни жени, секако ги уриваат предрасудите дека
градежништвото е машка работа.
- Можеби во градежната индустрија доминираат мажите, меѓутоа, кога станува
збор за дигиталните вештини кои се користат во градежната индустрија, не би рекла
дека процентот на жени е толку мал. Конкретно во Македонија, мажите се повеќе
процентуално застапени во изведба и надзор на објекти, додека пак жените повеќе
работат на проектирање, урбанизам, ентериери. Можеби, затоа што процентот на
жени на високи позиции во оваа индустрија е мал, добиваме впечаток дека тоа е
машки свет – вели Ивчевска.
За да се успее во дигиталната индустрија, без разлика дали се работи за маж или жена, според Ивчевска, клучна особина е постојаното само-напредување, учење на нови дигитални вештини и технологии, следење на трендовите.
- Доколку личноста не се плаши да се соочи со нови предизвици, да наоѓа нови начини како би се решил некој проблем или би се автоматизирал некаков процес на работа, тогаш ќе биде постојано во тек со новите технологии, континуирано ќе се надоградува и ќе биде успешна во дигиталниот свет – завршува таа.