ДИЈАМАНТОТ НА ЉУБОВТA

Добивај вести на Viber

Најчесно е да си признаеме кои сме или кои сме станале додека сме ја бркале илузијата за себе си. Зошто ја почнувам денешнава колумна со ова? Затоа што додека бев во Битола на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ се сетив на сите изминати години на овој фестивал, дури и на оние бурни денови кога на филмските проекции сум влегувала со очи полни солзи. Ама не поради филмовите, туку поради моите лични животни ситуации…

Секоја љубовна врска има свој почеток. Нашата најинтензивно почна на Манаки пред многу години. Почетокот беше прекрасен, но турбулентен. Толку интензивен што се сеќавам на кавги долги колку шекспировите поеми, на ноќи непреспиени, на трпки во стомакот, не само пеперутки, туку и молци. Се разбира, ова е само едниот дел од приказната, но токму тој дел ме научи на многу животни лекции.


Тогаш се прашував кој е најдобриот пристап во љубовта. Денес знам дека без разлика дали на љубовта ќе ѝ пристапиме западноцентрично и ќе се повикаме на грчката митологија, на Афродита, божицата на љубовта, на Ерос, богот на љубовта, страста и сексот или на римската митологија и нејзиниот Купидон или ќе се потсетиме на мистериите на Толтеците во јужно Мексико, кои биле уметници на љубовта или, пак, на Дервишите и древниот суфизам... сеедно, пак ќе заглавиме во црната дупка на љубовта (се смее). Знаеме дека во астрономијата, црната дупка се дефинира како подрачје во простор-време од кое ништо не може да избега, дури ни светлината. Денес, љубовта ја дефинирам како слободна територија.

Во таа бестежинска состојба на телото и умот не важат правилата на теоријата. Колку книги и да прочитаме, нема да научиме како да љубиме, сè додека сме концентрирани исклучиво на повратниот ефект – задоволството. Задоволството не е во равенка еднаквост со љубовта. Задоволството е последица, а љубовта е причина. Таа е причината за постоењето на животот. А нејзините форми се различни, како и сопките што треба да ги помине, за да искристализира во парче светлина.


Еден битен чкрапец е слободата. Ми се чини дека често љубовта и слободата ги замислуваме оптегнати како лакот и стрелата. Сигурна сум дека сте го слушнале она клише алиби – „Подрага ми е мојата слобода од твојата љубов“. Тоа е оружјето на сите што сакаат да фатат џаде кога љубовта престанува да биде состојба на вљубување и полека станува состојба на истрајување. Но никогаш не сум го разбрала во целост. Можеби затоа што никогаш не сум го сознала ривалството помеѓу љубовта и слободата. Тие две не постојат една без друга. Љубовта без слобода е перверзија на ограничениот ум!

Но, дали би можеле да им ја опишеме светлината на луѓе кои цел живот го поминале во темнина? Така е приближно и со љубовта и љубомората. Дали би можеле да им го опишеме чувството на слобода и бескрај на луѓе кои се заглавени во љубомора? Кристофер Клалов, експерт од Институтот за истражување на браковите во Тависток, вели: „Кога љубовниците се чувствуваат несигурно, тие често се однесуваат неконструктивно, или се обидуваат да го задоволат партнерот или да го контролираат“. И тие често се движат меѓу две крајности - целосна понизност или, пак,  арогантно однесување. Навистина опасно е тоа бришење на својата автономија, како и автономијата на партнерот.


Всушност постојат неколку филтри низ кои треба да минеме за да сакаме чисто и безусловно. Еден од нив е филтерот на стравот. Или, со зборовите на Зигмунт Бауман, еден од најзначајните социолози на денешницата, „љубовта значи отворање кон судбината и таа е највозвишената од сите човечки состојби, каде што стравот и радоста создаваат легура во која не е можно да се одвојат состојките“. А ние, западњаците, згора на сè и Балканци, често сме заглавени во поседувањето. Цветот што ќе го сретнеме по пат, ќе го скинеме за да го имаме, да го поседуваме. За разлика од нас, во источната култура на луѓето им е доволно само да го помирисаат. И додека тие мирисаат и чувствуваат, ние сме веќе во акција и правиме парфем од него.


Имено, стравот дека ќе ја загубиме љубовта е еден од емоционалните отрови што ни го поматуваат умот. Тука на сцена стапуваат и емоционалните уцени. За жал, овие игри на вина се практикуваат многу често. Манипулацијата станува само уште еден од клучевите на љубовта. Но, некои клучеви затвораат врати засекогаш, а некои, пак, отвораат нови хоризонти на умеење и среќа. Низ годините наназад ги одбрав вториве, со широки прозорци во собите. Во нив нема да те фати клаустрофобија. Или, со зборовите на Ерих Фром: „Љубовта му помага на човекот да го премавне чувството на осаменост и одвоеност, а сепак му допушта да биде свој и да го зачува интегритетот. Во љубовта се случува парадоксот две личности да станат едно, а сепак да останат двајца“.


Како и да се обидуваме да ја дефинираме љубовта, јасно е дека таа ни е најмотивирачкиот импулс на сите. Клучното прашање е дали ќе нè мотивира да станеме подобра верзија од себе или ќе нè претвори во алчни и огорчени луѓе. Веројатно од тоа зависи и дали на болката на Фрида Кало гледаме како на катализатор на најдлабокото и најуметничкото во човекот или како на бунар што ги голта и најхрабрите.

Не се сите Пепелашки среќни да го дочекаат принцот на бел коњ, но сите се доволно силни од болката да кристализираат дијамант. Љубовта е парче светлина дури и кога е во темно.


За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој