„Династија“ некогаш и сега: Блејк, Кристл и Алексис Колби Карингтон се вратија
Римејкот на фамозната сапуница „Династија“ од 1980-ите години, која неодамна почна да се прикажува на Фокс лајф, се бори да врати барем дел од планетарната популарност што ја имаше нејзината претходничка пред 40-ина години. Во меѓувреме, ТВ-пазарот драматично се промени, но секогаш е забавно да се направи барем споредба на оригиналната и новата верзија.
Новата серија, која се прикажува и кај нас преку Фокс лајф, не е целосна копија на оргиналната приказна, но сепак помеѓу нив има многу очигледни сличности. Оригиналната серија беше позната по гламурот, раскошните костими и фризури, а прикажувањето на новата верзија доаѓа во време кога многу модни додатоци од 1980-ите повторно стануваат актуелни.
Но, промените во новата „Династија“ не се само модни. Многу ставови на тогашното време, особено расни и сексуални, според денешните стандарди се, најблаго речено, проблематични, па затоа во новата серија се осовременети или променети. Еве ја нивната паралелна приказна.
Патријархот Блејк Карингтон, кој во оригиналната серија го играше Џон Форсајт, во обновената верзија го игра Грент Шо.
-Оригиналниот Блејк на другото време имаше предрасуди, не се согласуваше со хомосексуалноста на својот син, имаше цврти ставови и не беше лесно на гледачите да им биде симпатичен. Новиот Блејк уште не ја прифаќа хомосексуалноста на синот, уште има расизам во себе, но знае дека тоа е погрешно и се бори со тоа – вели Шо за својот лик.
Неговата нова сопруга, дотогашна секретарка, Кристл Карингтон ја играше Линда Еванс во оригиналната серија. Во обновената „Династија“, Кристл е темнокоса, со што е урнат уште еден стереотип од 80-ите, и ја игра Nathalie Kelle. Потполнките на рамениците од тогаш - останаа и сега.
Најголем предизвик во кастингот било пронаоѓањето на новата госпоѓа Алексис Колби Карингтон, која во 1980-ите маестрално ја одигра Џоан Колинс.Всушност прашањето беше кој ќе ја игра Џоан Колинс како Алексис? Првата сопруга на тајкунот Блејк Карингтон и мајката на неговите деца Фелон и Стивен, во новата серија, по долги дилеми, ја игра Никол Шеридан, позната кај нас по улогата во серијата „Очајни домаќинки“. И многумина се согласуваат дека изборот е одличен – Шеридан е речиси идеална наследничка на опасниот карактер на ликот на Џоан Колинс.
Оригиналната американска сапуница „Династија“ се емитуваше од 1981 до 1989 со непобедиви рејтинзи и стана поп-арт и културен феномен во САД. Во екс-Ју се прикажуваше од јуни 1984 година со исто толку голема популарност.