Добар ти е мажот, штом ти помага по дома!

Добивај вести на Viber

Во четвртокот бев спикер на една регионална бизнис конференција на која меѓу другото имаше и панел дискусија на тема „Жените во бизнисот“. Пет бизнис жени од Балканот дискутираа на оваа тема. Но, интересен беше моментот што пред почетокот на панелот салата скоро и се испразни. Па неминовно беше првото прашање од модераторот, „Зошто ова е случај, зарем овој панел не предизвикува интерес кај присутните?!“. Интересен беше одговорот на Лилјана Вукелиќ, директор на компанијата за производство Приједорчанка, која рече дека генералниот пристап кон темата - Жени во бизнисот е ист како и салата, незаинтересиран. Ми се допадна и цитатот на основачката на HR World, Невена Станисављевиќ која рече дека сите ние имаме лична одговорност, спрема себе, спрема темата, спрема настанот. Колку сме одговорни ние како личности, одговор се нашите постапки.

Неспорно ова беше најинтересниот панел, не поради фактот што можеа да се слушнат жени, туку поради тоа што беше реална слика. Не слушавме за новитети на CRM, како во претходниот панел, туку си погледнавме сами во очи.

Неколку заклучоци кои можеа да се слушнат од панелот се следните:

Дел од проблемот лежи во фактот што жените не се подржуваат меѓусебно.

Дел од проблемот е во перцепцијата на улогите во домот, дали мажот треба само да носи пари, а жената да се грижи за домот?!

Оттука и мислењето „Добар ти е мажот, штом ти помага по дома!“. Дали ова е за поздравување или пак е нормална поделба на улогите на двајца луѓе кои живеат заедно?

Но да не испадне ова само родова колумна би сакала да се осврнам и на една друга тема, а тоа е „Зошто не гледаме жени на менаџерски позиции?“. На панелот слушанвме дека и единствена земја во која жените се дури 48% застапени на менаџерски позиции во бизнисите се токму во Латвија, но што е со Македонија, Србија, БиХ итн.? Гледаме  толку многу стимулации за женско претприемништво, а толку низок раст во соодносот.

Во време на инстаграм старлети, социјални медиуми и нереален живот, но и во време на вентуре капитал каде секој со добра идеја може да најде начин да ја финансира ако е спремен да работи, зошто сѐ уште е престиж да се работи во јавна администрација, а не да си сам свој газда?

* Аријана Коскарова е ко-основач на Creative Hub и Forbes Under 30 Europe 2019