Додека смртта не нѐ раздели
Ви имам кажувано за баба ми и дедо ми. За љубовта нивна. Ама онаа која трае за цел живот, проследена со грижа и почит, страст и спокој. Пиење утринско кафе на балконот во Битола, со поглед кон градината во која цветаа трендафили, пазарење, прошетки по корзото, семеен ручек. И попатно еден куп ситни угодувања и внимание. Ми се чини дека имаше љубов и во подавањето сол за време на ручекот. Пред очи ми е грижата на баба ми со која го спаструваше дедо ми кога одеше некаде. “Панде, шамиче си зеде? Ги испи апчињата за срце, така? Гледај да не стоиш отпоќе да ти се снеарни”. А тој, тој бликаше од среќа. Не паметам било кој од нив да одеше некаде (макар тоа било и до најблиската бакалница), а да не се бакнеа како да не ќе се видат со денови. А Панде, мангуп. Цела градина трендафили, ама пак ќе скинеше и ќе и’ го оставеше на масата. Или ја чекаше да се врати од некаде пред порта. Очите и на старост му засветуваа кога ќе ја видеше. Ја пиеше со очи.
За баба ми и дедо ми, бракот беше светост. Завет со кој се заколнале дека суетата ќе им биде секогаш послаба од љубовта, а љубовта голема за да може да им ги реши сите проблеми. Не беше тоа заради парчето хартија. Не беше заради “народот шо ќе речи”. Наречете ме наивна или глупава (не ви се мешам), ама јас (иако разведена) верувам во таква љубов, во таков брак. Кога велам брак, не мислам на “дипломата” која ја потпишува потполно непознат човек кој не ве познава со партнерот и кој само формално си ја врши својата работа. Мислам на она “во добро и зло, додека смртта не не’ раздели”.
Познавам двојки кои не се земени и кои функционираат фантастично. Токму онака како што тоа ги прави среќни и таа среќа се гледа на нив. Кои се потполно неоптеретени од мислењето на оние околу нив за тоа дали треба љубовта да се круниса со хартија. Познавам и онакви кои се повеќе од 2 децении во брак и кои се јадат меѓусебно за неважни работи. Си ги мерат силите преку терање инает и надмудрување кое само исцрпува и завршува со тивка омраза.
Зошто имаме потреба од формален редослед на работите? Зошто воопшто општеството е организирано за да чувствуваме срам или страв ако треба да родиме дете, а да не сме во брак со некого? Зошто едноставно луѓето не можат да бидат заедно без да има печат од некоја институција?
Зарем тоа гарантира дека сиот живот ќе го минеме заедно и во слога?!
Ме фаќа шубе дека сето тоа е само една голема замка. Ако љубам некого, ама светот ќе го превртам за да го усреќам, без напор и без помпи. Побогу, зарем љубовта е правопрорционална со формализирање на врската?
Завртете се околу себе. Колкумина познавате кои имаат љубовници, а се во брак и заедно поминуваат еден ручек во недела, а остатокот од неделата се којзнае каде. Колкумина знаете што со гордост ќе речат “сопруг/а и татко/мајка на две деца”, а со нив не поминуваат ниту 10 часа во неделата. За жал, знам многу такви.
Сакам работите да ги правам затоа што ми е убаво и затоа што сум во љубов. Ниту повеќе ниту помалку од тоа. Ако е некој борец во животот, ќе се бори за вас и без паѓање на колено и просидба. Ако некој ве љуби, ќе ве љуби и без да се труди тоа да го докаже со тоа што од вас ќе направи “чесна жена и ќе ве земе”.
Да се биде заедно е една од најтешките работи, според мене. Затоа што бара да расчистиме со сопствените демони кои најчесто се во форма на себичлук и да го испотиме задникот за да функционира тој однос. Разбирање, толеранција, премолчување кога е тензично, разговор кој нема да биде обвинување. Да се биде со некого значи да се стави на страна суетата и да се битисува онака како што би битисувале и сам по сам. Тежината на заветот да се дели и добро и зло, не е никако поврзано со законска обврска.
Бракот не е момент кога треба да се здивне од напор за нештата да одат како подмачкани. Ако веќе го има, подразбира ист напор како и претходно. За жал, се опуштаме. Страста се губи, пријателството одумира, обврските стануваат примарни, без да се ужива. Секојдневието кое нагризува е канцерот кој ја јаде романтиката. Па дури и сексот станува нешто што се става под обврски. Немање време, немање желба, умор. Чудно, ама во врските кои не се озаконети тоа го нема. Дали ние сосем погрешно го сфаќаме бракот? Демек, завршив работа и сега можам да се опуштам.
Каде оди она дека го сакаме човекот до нас онаков каков што е? Па започнуваме со забелешки за изгледот на партнерот, демек на шега.
Имаше една многу убава илустрирана приказна за тоа. Накратко, одеше вака. Запознавање, тој брадосан и облечен во фармерки и маица со кратки ракави. Следната илустрација е како таа му вели дека треба да ја потстриже брадата. И се редат илустрациите до моментот кога тој повеќе не личи на себе, а таа го остава затоа што тој веќе не е оној во кој се вљубила!
Не го правиме истото кога веќе стануваме сигурни дека некој ни “припаѓа”?!
Не ме распнувајте на крст за мислењето. Верувам во вистински, а не во вештачки творевини. Верувам во љубовта, слободна и по свој избор. Не ми треба да ми се заколне некој дека нема да ме остави. Сакам да биде тука додека ме љуби, додека сум јас жената на неговиот живот. Не постои удопство кое ќе ми компензира нечија слободна волја да биде со мене. Премногу сум стара за да ме прават среќна празните ветувања. Верувам во човек кој ќе ми ја сервира вистината со истиот мир со кој ми ја сервира и љубовта.
Верувам во оној кој ќе е со мене затоа што сум таква каква што сум, без да сака да ме менува. Кој ќе разбуди во мене желба да се усовршам и да се сменам самата. Верувам во љубов заради која ќе се будиме еден покрај друг затоа што и двајцата така сакаме. Затоа што ни е убаво. Затоа што ќе имаме страст од која ќе ни се тресат колениците, човек кој ќе направи да си ги чувствувам колениците како да ми се од гума.
Човек кој ќе е мој маж, а јас ќе сум негова жена, без да треба да се потсетуваме на тоа со потпис од матичарот. Впрочем, може и сами да си направиме документ. Ете, нека стои на него само “те сакам до небото и назад, во добро и зло, додека смртта не нѐ раздели” и со магнет да си го закачиме на фрижидерот.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Има луѓе по калап еден за друг праени
Или барем така на прв поглед се чини
Ги гледаш отстрана дека ко едно се
Тој косата и’ ја подместува
А таа костумот од трошки му го зачистува
Секое утро кафето заедно го шмркаат
И пред секој низ врата да излези
Под совршен агол по еден бакнеж си делат
Та квечерината дома ко ќе си дојдат
Седнуваат на трпеза
За да си раскажат скржаво
Како денот на секој му изврвел
Да си ги почешаат јазиците со досадни шеги
А потем
Тој весникот в раце го фаќа
А таа панталоните со цакса му ги пегла
И молчат
Дур телевизорот на најсилно пуштен е
Та се лажат еден со друг дека слухот ги напушта
За да не се слуша тишината меѓу нив
Која баботи како на времето срцата ко им баботеа
Дур телата в постела им се потеа
И еве ги спастрени
За меѓу луѓе стокмени
Со заштрафени насмевки и запотени дланки
Тој столчето и’ го подместува
(а напати му дошло во последен миг да и’ го тргне)
Таа му заблагодарува дур забрзано со очите трепка
(а во себе помислува оти можела и подобро да се омажи)
Еден со друг речениците си ги завршуваат
За пред другите
За брука да не пукне
И повторно молкот во срцата им се пика
Кога дома во глува тишина се прибираат
Грб со грб свртени в кревет легнуваат
И двајцата во ѕид се џарат
Без ниту една мисла еден за друг
Празни и уморни небаре уште тројца на плеќи носеле
И личат однадвор ко да се по калап еден за друг праени
Дур не се загреби по површината
За сета тага на виделина да излези
И како разбуден вулкан пеплосани да ги остави
А има
Ете и други, подруги има
Ах
Има и луѓе за кои да се чудиш како заедно се
Различни ко небо и земја
И викаат еден на друг
Како кога таа во ПМС сакаше да го задави
Или кога тој сакаше косата да и’ ја искуби
Викаат и се џавкаат
Како снаа и свекрва гласно се расправаат
Ама пусто
Еден без друг не можат
И заедно секоја ноќ во постела си легнуваат
И тогаш таа ко мачка почнува да преди
А тој како паун пред неа да се дуе
И се љубат
Се љубат со сета сила во нив што клука
И се бакнуваат како никогаш до тогаш со усни да не се допреле
Гладни еден по друг облеката набрзина ја слекуваат
И итаат за да се спојат
Ко никогаш да не ќе се разделат
Има луѓе
Кои едни со други среќни се
И петпари не даваат за комшиите шо мислат
Оти ними арно им е дур се љубат
И од оние другите
Осудени едни со други да остарат
И до смртта да не се најдат
Ниту пак среќни да бидат
Едните во љубовта несовршени
А другите во глумата совршени
Дур завесата со трескот не се спушти
И претставата не заврши
Како животот што бадијала ќе им замини