Доделување на титулата Profesor Honoris Causa на Д-р. Рајнхард Прибе

Добивај вести на Viber

На Универзитетот ФОН денеска се одржа свечена академија по повод промовирање на Рајхард Прибе во титулата Profesor Honoris Causa, почесна титула која се доделува како признание за компетентност и исклучиви дострели на домашни и меѓународни личности во главните домени на човечката активност како што се науката и литературата, културата и општествените дејности, политиката, правото и економијата, администрацијата, финансиите, архитектурата, информатиката, уметноста, спортот…

На церемонијата присуствуваа членовите на Дипломатскиот кор во Република Македонија, Министерот Оливер Спасовски, Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи и голем број на студенти и гости.

Прибе е избран за редовен професор од Меѓународниот универзитетски совет на Меѓународниот универзитет за мир на ОН – Европскиот центар за мир и развој со седиште во Белград, кој има свои активности во повеќе држави од регионот. Во тоа својство тој држи предавања од право на Европската унија и е ментор на последипломски и докторски студии во повеќе единици на Европскиот центар за мир и развој, меѓу кои и во неговиот клон во Република Македонија.


Прибе е покануван како визитинг професор на наши универзитети, а држел предавања и на Првата сесија на Охридската школа на природно право на ЦСИ на МАНУ во Охрид, јуни 2017 година. Особено е значајно вршењето на неговата функција на директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за надворешни работи и Генералниот директорат за проширување на ЕУ (2001–2006 година), што му овозможило најнепосредно да се запознае со состојбите, евроатланските перспективи и проблемите на Република Македонија и соседните држави-кандидати за членство во ЕУ и активно да учествува и помага во забрзување на нивниот евроинтегративен процес. –Во тие години, како и во вршењето на други функции во ЕУ, д-р Прибе се претставува како осведочен и искрен пријател на Република Македонија кој има најобјективен пристап кон проблемите во нејзиниот развој поаѓајќи од политичките, институционалните, економските и правните критериуми за пристапување кон ЕУ.

Врз таа основа, како претседавач на Високата експертска група за системски прашања за владеење на правото во Република Македонија во 2015 година – времето на кулминација на политичката криза во земјата, со своите аргументирани извештаи за причините на кризата и можностите за нејзиното надминување, прифатени од европските институции и политичките субјекти во Република Македонија, д-р Прибе оствари незаменлив придонес во стабилизацијата на македонското општество, враќањето на Република Македонија на патот на евроинтеграции и започнување на длабоки реформи во судството, јавната администрација, системот на безбедност, департизацијата на институциите и другите сфери на општеството.

Свечената реч по повод промоцијата на Д-р Прибе ја одржаа Академик Владо Камбовски и Ректорот Проф. д-р Нано Ружин.