Долго не можев да останам бремена: Поранешната Мис Стефани Борсова се пресели во Србија и чека ќерка
Поранешната Мис на Македонија Стефани Борсова-Стојановиќ веќе седум години живее во српскиот град Сремска Митровица и се занимава со приватен бизнис. Стефани и нејзиниот сопруг Александар имаат слаткарница која ја отворија пред неколку години, а од неодамна се сопственици и на кафе-бар.
Тие го имаат петгодишниот годишниот син Стефан, а за неколку месеци треба да добијат и девојче. Борсова, која е во четвртиот месец од бременоста, во моментов е во Скопје и вели дека многу се радува што чека ќерка.
Стефани со сопругот Александар и со синот Стефан
„Кога дознавме дека носам девојче, решивме дека ќе се вика Александра. Така ќе бидеме комплетни: Стефан и Стефани, Александар и Александра. Синот има слично име со моето, а ќерката да има како на сопругот“, ни изјави Стефани која во 2010 година ја претставуваше Македонија на Изборот за Мис на светот на островот Саниа во Кина.
„Во моментов сум сама во Скопје, малку да се одморам, да се видам со семејството. Ќе имаме уште една шкорпија дома, а терминот ми е во ноември“, додаде Борсова која е поранешна балерина. Откако дознала дека е бремена таа се повлекла од ангажманите околу кафе-барот, сега бизнисот го води нејзиниот сопруг.
„Долго време не можев да останам бремена и кога најмалку се надевавме, тоа се случи. Затоа сега решив повеќе да се чувам и се повлеков од работните обврски“, раскажа Стефани. Таа се присети на времето пред девет години, кога ја доби титулата најубава македонка.
„Имам убави спомени од тој Мис на светот, тоа е искуство кое можат да го опишат само оние кои ја имале можноста да бидат дел од оваа манифестација. Еден месец бев во Кина, имавме посети на многу места. Бевме во Пекинг, во Шангај, отидовме и до Монголија“, се сеќава Стефани. За денешните избори за убавина, таа вели дека не ги следи многу, но смета дека треба повеќе да се инвестира во домашниот избор за Мис.
Во 2010 година, Стефани заплака кога ја избраа за Мис на Македонија
„ Искрено, не следам многу, но колку што знам веќе некое време не праќаме претставнички на Мис на светот. Кај нас никогаш не се вложувало во тој избор, иако тоа е одлично претставување на една земја. Па, како сме организирале, така и сме поминувале“, раскажа Стефани.
Синот Стефан има пет години
Поранешната Мис вели дека не ѝ недостасува работата како модел, а она што ѝ е најважно е грижата за синот кој се интересира за спорт и сака да стане боксер.
М.Џаровска