Домашно воспитување и ферплеј

Добивај вести на Viber

Во едно (не толку далечно) време, се знаеја правилата за секоја игра. И кога велам игра, не мислам баш на спорт туку на сите животни ситуации во кои сме се нашле. Ферплејот се учеше дома, тоа беше дел од познатото домашно воспитување кое денес се’ помалку го има. Сега, важат некои нови принципи, нови правила кои се учат од социјалните мрежи, ФБ, инстаграм, онаа грозотија од ТИК-ТОК во која нема што нема. И токму тоа, домашното воспитување беше основата на она во што се изградивме низ животот. Беше едноставно незамисливо да влезеш во продавница, кафеана или било каде а да не кажеш “добар ден/добро утро”. Попреку не’ погледнуваа ако заиграни во играта сме заборавиле да кажеме “благодарам” кога ќе ни донеле сокче. Не дај боже да се скараш со другарче или да направиш некоја ѓурултија, а да не биде епилогот со подавање рака и кажување “извини”. 

Во моето, не толку далечно време а сепак како да беше во некој друг живот, луѓето внимаваа едни на други. Да, токму така. Ако знаевме дека некој од комшиите оди на одмор, обврзно беше да се внимава на неговиот стан за да не биде обиен. Миленичињата беа згрижувани, цвеќето навадено и сето тоа беше сосем нормално да го правиме едни за други. Ако нечии родители беа спречени веднаш после работа да си дојдат дома, се ставаше столче плус на трпезата за другарчето без да се коментира, без збор. И не дека се’ беше идеално, далеку од тоа. Имаше прекажувања, измислени приказни, лажење...ама не дај Боже да те фатат по дома или да дознаат твоите дека си правел мајмунлаци! Најстрашно ми било кога сум добивала молк и прекорен поглед. Таа тишина ми била пострашна од сите викања, оти викањето е бес а молкот бил показател колку сум ги разочарала моите. Манглуплаците беа симпатични и многу бенигни. Кој ќе е пофраер со нови фармерки, кој има нова музика донесена од странство, кој ќе направи најдобра домашна журка. 

После дојдоа некои други, модерни и нови времиња. Во тие времиња многумина не се снајдоа и беа “изедени” од чаламџиите и агресивните, без оглед дали вределе повеќе од нив или не. Се изградија нови вредности според кои “добро утро/добар ден” беа прогласени за “нема бе шо ја да ги поздравувам, они мене треба да ми се клањаат”, “благодарам” стана “види го бе мочко како се лигави”, а “извини” беше само за потсмев, оти меѓу дивјаци смешно е да си питом и културен.

Во овие нови, изместени и сулуди времиња домашното воспитување е заменето со девизата “јас работам, еве ти пари за тоа телефоните и игриците и остај ме на раат”. Децата растат во средина каде што основни вредности станаа како да зае*бам некого, како да покажам надмоќ, како да доминирам. Немањето основна култура не се гледа само преку тоа што не поздравуваат повозрасни, не се заблагодаруваат и не бараат прошка кога ќе згрешат, туку имаат и едно уличарско однесување кое го носат и на училиште. На сиот фраерлук од моето време, беше незамисливо да бидеш дрзок и невоспитан кон наставникот (тоа беа оние за кои дома ни велеа “тоа што сум јас дома, тоа е наставникот на училиште”), додека сега тоа е показател колку си КУЛ.

И нормално, нема повеќе ферплеј за ништо. Се изместија вредностите, се игра валкано, со простотилак кој само може да ве остави подзинати. Во сета таа бркотница за пари, моќ и слава, се издефинираа новите вредности. За потсмев си ако читаш книги, оти е тоа губење време. Но, ако дојде некој славен писател овде, први ќе се нацртаат за автограм тие кои не прочитале 6 книги во целиот живот. На концерти и по филхармонии се оди заради “да видам и да ме видат, оти ќе даваат и на ТВ”, на премиери од истите причини. Ме теши само дека луѓето кои имаа традиција да си одат по сите културни настани уште се присутни на истите, тивки и спокојни за да уживаат во вечерта, без онаа еуфорија за селфиња и инстант стори. Елеганцијата се замени со вулгарност, не само во речникот кој се користи, туку и во однесувањето. “Less is more” веќе не важи за ништо. Мора да блеска, да сјае и да боде очи, да е премногу храна, пиење (нормално дека треба да е MOET, оти на пример кај моите во Прилеп и Битола растевме на шампањ и вина кои и ден денес не знам да ги изговорам!!!!! Да, иронична сум), премногу гласно оти тишината е преценета.

Простотилакот води 1:0, за жал. Ако имам, треба сите да видат дека имам. А како ќе видат, освен ако не им бодам очи со тоа. На овие улици и автопатите за кои ич не знам зошто плаќаме патарина ќе се провозам со автомобил од над 30-40 илјади евра, по можност со спуштени прозорци и музика која трешти. Мислам, нели е глупаво на таа пара да си возите нешто соодветно за нашите улици и патишта? Нели е безвезе да поминете некаде, а да не знаат сите дека имате кола-ѕвер? Не ми замерувајте што сум саркастична, но штетата која ја правиме на нашите потомци учејќи ги на вакви вредности ќе не’ чини многу еден ден. Да се учат децата на скромност, а притоа да им се овозможи да се школуваат и да блеснат во своите професии е најголемиот дар кој можете да им го дадете. А сето тоа се прави кога уште од мали ќе им всадите вредности кои не се минливи, ниту менливи. И не мислам дека е глупаво во овие времиња да ги учиме на чесност и ферплеј, оти ќе мине и оваа фаза во која оние што вредат се тивки и си ја гледаат својата работа, а најгласни и најголема моќ продаваат тие кои не вредат ни колку еден мрсул. 

И да расчистиме уште еднаш, колку да биде појасно.

Не си господин ниту госпоѓа ако се накитиш со триста тракатанци, а речникот ти е поган и на кантар не вреди ни колку едно паре.

Не си господин ниту госпоѓа ако имаш исконска потреба и желба да се величаш себе, притоа правејќи ги сите околу тебе безвредни, ситни и мали.

Не си господин ниту пак некогаш ќе бидеш госпоѓа ако плукаш по секој кој и малку има поразлично мислење од тебе.

Во ова време кое е всушност невреме, можеби сега му е мајката да сториме напор и да ги смениме работите. Да престанеме да величаме луѓе кои малку вредат, да престанеме да бидеме сеирџии и да се храниме од туѓата несреќа, да престанеме да живееме за скандали, трачеви, озборувања.

Знам само едно....животот е краток. Вчера имав 20, а веќе денес сум со 51 година. Колку имам пред себе, не знам. Но, колку и да ми е останато до крајот, сакам (наивно и утописки) да се вратат вредностите со кои домашното воспитување беше на пиедесталот, кога честа и чесноста беа доволни за секој да знае со кого отспротива си има работа. 

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска 

чоек е богат онолку 

колку што има да даде од себе

оти ковчежето со љубов треба да е полно

а не со алтани и скапоцен накит

оти срцето од арнина треба да прелева

не со завист да се пои

а умот со убај мисли да се насади

за злото да не му расцути на чоек во глата

чоек е богат толку колку што има да дај

не да земи, не да зграби 

и витвиделија да фати

ниту во себе туѓа уба мисла да закопа

туку да си ја отвори душата

да ја постели ко ливада среде лето

полна полско цвеќе и зеленило

и да ја остај незаградена

без да крени жица околу

без да брои кој колку од цвеќето набрал

или колкумина се растрчале по тревата

остај си ја душата отворена пиле

никој не можи да ми ти ја земи

никој да ти ја изгази не можи

само ти

сама и само ти да си ја испоганиш можиш

ко ќе почниш кусур да фаќаш

на кантар да мериш

и на оние околу да не пазиш

тогаш чоек сиромав станува

тогаш џабе се и пари и слава

џабе облека и светкави дребулии

оти сам остануваш

само кога на душата брана и’ ставаш

без душа остануваш

и на срцето катанец ко ќе му клајш

без срце остануваш

и на љубовта цена ко ќе и’ туриш

без љубов остануваш

и ниту една земска работа тука не помага

ниту да те усреќи можи

со дупка во градите ќе шеташ

и во црна дупка несреќна ќе заминиш

оти чоек е богат...и среќен

само тогаш кога дава

и колку поќе дава

толку е побогат

можеби поосамен

и покревок можеби

ама посреќен

кроток и мил

ликот му се смее

и сиот свети небаре врз глата светилка има

да дајш за да имаш

ете тука е мудроста

да дајш за богат да си

за чоек да си

и свој да си

олеснет од горделивост

од мерење и премерување

да дајш без да земаш

без да бараш

оти чоек е богат онолку 

колку што има да даде од себе