Don’t you MILF me!
Многу сакам саботи, ама ептен. Особено што ги минувам
сама, барем еден дел од денот и некако си доаѓам на себе после се’ што ми носи неделата. А оваа сабота ми беше преубава.
Уште со впечатоци од Амбрела и читањето таму (да се пофалам дека освен
несвестица во првите 10-15 минути, после сум сосем арна), па дојдоа мои драги
луѓе кои ги обожувам, па на крај толку ми се уарни што едвај ме избркаа. Со
еден збор, дете однесено на часови по компјутер а мајката седната на макијато и
кока кола (знам дека е штетна, ама пуст хедонизам). Да пишувам или да оставам
за последен миг, како што знам? Нормално, ќе оставам за денес (недела).
Земам телефонот и вртам на фејсбук. Налетувам на еден пост од мој драг пријател, кој патем речено е одличен адвокат, кој на свој луциден начин соопштува дека лимитот на пријатели му е веќе 5.000 и дека инфото не е за да се однесува како старлета, туку да си каже човекот дека кој сака може да го следи на фб.
Тука ставам коментар во стилот втор поплнет профил и продолжувам со читање на други постови. Арно ама, ова чудово наречено фејсбук, секогаш информира кога отпосле некој коментирал на истиот пост, па за некое време добивам нотификација, која ја отворам. Абе раката да ми се исуши! Под мојот коментар следи дека сите милфици му се пријатели. Еднаш, во една колумна мислам дека ви кажав оти добив таква порака од непознато другарче кој ми искоментира дека сум била добра милфица. И пак ќе речам, не дека сум наивна па не сум гледала филмови за возрасни, ама новиве термини не ги владеев баш скроз. На тоа, како секоја паметна жена, пред да се истрчам со одговор прогуглав што е МИЛФ, па му одговорив дека веројатно и за мајка му некој истото го вели. Добив блок. Поштено, а можеби и не (за мама боли, нели?).
Да се разбереме. Коса на глава ми се крева од такво категоризирање на жените. А фраеров, што имаше ставено коментар кај мојот пријател ми бил замислете, пријател. Едно измазнето, костумосано типче, адвокат и во почетните податоци му стои дека е engaged. Почнав да бројам....1, 2, 3....и некаде кај 8 си реков “Ано, батали броењето, чоеков си го бара”. И оздола најкултурно прашувам што е милфица. Типов уште изгледа не виде дека загазуваме во длабокото, па на тоа добивам ваков одговор:
М-ature
I
L-ike to be my
F-riend
И повторно јас, овој пат без броење, прашувам дали тоа значи дека и тој е милф? Одговор не добивам, освен што мојов пријател, кој патем речено е човек без влакна на јазикот, го шлапосува зборот во своето вистинско значење и го повикува дотичниот измазнет адвокат да се носи со последиците од својата брзоплетост. Да не должам, после моето заблагодарување на појаснувањето (за кое мојот френд знае дека е сарказам наменет за неговиот “пријател”), посочив дека еве јас, како повозрасна, сум застанала до она дека “оделото не го чини човекот”, а попатно и му се обраќам на провокаторот дека баш му е убаво оделото во кое е сликан на профилната слика.
За кратко време, коментарот исчезна од фејсбук, а јас останав покуса за еден “пријател”. Дали бев изненадена? Јок. Она што ме изненади беше дрскоста и непринципиелниот однос кон жената, воопшто. Ќе бев шокирана (од убаво) ако господинот имаше доблест да се извини. Но, како што тоа е добро познато, за големи чекори треба човек да е голем. И она што отпосле ме замисли беше следново. Дека можеби во иднина некоја жена ќе побара правна заштита токму од оној кој жените кои се повозрасни, а изгледаат добро, ги нарекува милфици.
Изгледа е време да повториме некои работи.
1. Респект кон жена.
Побогу, имате мајки, тетки, роднини, жени, сестри. Ќе ви биде баш сеедно ако некој така ги нарекува? Не верувам.
2. Ќе имате еден ден ќерки.
И тие ќе си го бараат своето место во општеството. Ќе бидат нарекувани исто така како што вие ги нарекувате жените кои одат по улица, без усул и почит. Ќе ви биде сеедно?!
3. Фејсбук не е наивна работа.
Кога веќе се перчите со одредени позиции и како адвокати сте бранители на човекови права, однесувајте се така. Имате одговорност кон јавноста.
Да бидам искрена, не ме интересира по дома што жанр на филмови гледате. Не ме интересира ни како им се обраќате на своите девојки, вереници или жени. Тие ве одбрале, тие нека му ја мислат со кого фатиле работа. Не ме интересира лично што мислите за мене или за жените на мои години. Ама и те како ме интересира дали сте способни да се носите со мојот гнев и со гневот на секоја жена која ќе се осети загрозено. Ме интересира дали вашиот фраерлук има граница за која сте свесни дека ја поминувате и дека задирате во опасни зони.
Имам пријатели и пријателки кои имаат машки деца. Кои работат на нивното воспитување за да направат чесни луѓе кои ќе имаат респект кон жената. Сакам да кажам, немате оправдување за простотилакот и точка.
Секој пат кога некој ќе се обиде да ме навреди како човек или жена, ќе си го добие по нос.
Секој пат кога ќе сум присутна за да слушнам како некој коментира за жена погрдно, ќе си го добие по нос.
Секој пат кога ќе се обидете да глумите типчиња од видот “знаеш ли ма кој сум јас?”, ќе си го добиете по нос.
И секој пат, ама буквално секој пат кога ќе го добиете по нос, очекувам останатите мажи кои имаат респект кон жената да ми се придружат.
И памтете...кармата е кучка. Второто добивање по нос, ќе ви биде од неа. Можеби и таа е МИЛФ, м?
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ако на чоека немаш нешто убо да му кажиш
Молчи си пиле и не си ја погани устата
Оти чоек сам знај за шо арен не е
И не му треба твојот отров за да го дотепа
Кажи му ја убајната во него
Погали му ја со збор душата
Јазикот да ти биди ко да си го гушнал
Со милост во очите кажи му збор-два
Ама убај да се
Да бидат миризливи ко на доенче здивот
И чисти ко детска игра
Нека бидат невини ко млада невеста
И мудри ко стар чоек
Гали го чоек
Кажи му го убото во него
Оти некогаш оќоруваме
Некогаш, ете така низ животот ослепуваме
Та сами себе не можиме да се видиме
И троа лоши стануваме
Троа полни нетрпение и нервоза
Пиле
На таквите луѓа нешто убо да им кажиш
Оти подзаборајле
Та потсети ги на чоештината
Покажи им ја љубовта
Во твоите очи себе да се видат како во огледало
За да можат да се засакаат
За да можат глата да ја кренат
Над сите јадови да се исправат
И чекорот посигурен да им е
Да знаат оти сами не се
Оти уште некој љубов во срцето за нив има
И ќе видиш
Ех пиле, ќе видиш како ликот им се менви
Како ќе засветат
Како од милост и боја во образите ќе им се врати
И грбот како кроце им се исправа
Та смеата ѕвонлива им станува
Како од болест да оздравеле
А несреќата и тагата болест се
Зато
Ете зато треба чоек со чоек да се чува
И со убост да се гоштева
Со збор и рака подадена
Ама не за да турни и навреди
Туку да го избавиш чоек некогаш од сам себе
Како што некој некогаш и тебе од себе ќе те спаси
Гали ги луѓето
Гали и сакај ги
Оти векот тука на сите ни е краток
А часот дур да дојди, чоек биди
И памти ми ги зборојте
Молчи пиле, молчи и врви си по патот
само молчи и устата не погани ја
ако на чоек немаш ништо убо да му кажиш