Доволно сум стара за да се чувствувам млада

Добивај вести на Viber

Пред извесно време читав за еден човек (да ме убиете ако ми текнува од каде беше), кој поднел барање до судот да може да си ја смени годината на раѓање. Човекот имал накај 50 години, ама си се чувствувал како за 30 и нешто, а башка бил и во одлична здравствена состојба и кондиција. Барањето кое го дал на судот било воедно пропратено и со образложение дека луѓето над одредена возраст (читајте 40) стануваат полека но сигурно дискриминирани. Така што, човекот уредно имаше наведено дека годините го дискриминираат во однос на наоѓање работа, партнер итн.

Понатаму приказната одеше дека судот најуредно го разгледал барањето, дека го одбил од низа причини (сосем валидни), но дека секако не може да му забрани на човекот да си се чувствува помлад.

И пазете, ова се случува во земја која не е на Балкан. Прво што помислив беше како ли ќе се чувствувал кутриот кај нас, ако таму некаде во Европа ја почувствувал дискриминираноста. Па на прагот на моите 47 (да, за 2 дена е денот кога јас веќе 10 години се чувствувам како за 35) се подзавртив околу мене да видам како кај нас стојат работите.

Прво, факт е дека за оние кои се во раните 20-ти, ние што имаме над 45 сме само вишок на земјава што џабе го арчи воздухот. Вратете се назад и бидете искрени. Па мене оние од 40 и нешто ми беа за во старечки дом! Дека животот веќе ги одминал и дека само треба да се најдат за чување внуци. Секс?! Ма каков секс на тие (овие) години?????

Второ, шансата да смениш работно место е скоро никаква. Зошто се мисли дека креативноста одумира со годините? Никому не му текнало дека искуството+новото време може да донесе убав резултат? Впрочем, барем креативноста нема рок и нема век.

Трето, емотивен живот над 40-та. Отворете фејсбук или инстаграм. Еден куп убави и зрели жени кои заради најразлични причини останале сами низ животот....и уште се сами! Имам добиено порака во инбокс за една фотографија дека сум била права милфица. Хах. Не велам дека низ животот не сум погледнала филмови за возрасни (многу ми се допаѓа овој израз), ама чичко Гугл ми помогна да дефинирам што е “милфица”. И фино лепо прочитав и враќам најкултурно дека веројатно и за мајка му (а на пилиштарецот можеби по години тамам ќе му бев мајка) некој така мисли, а можеби и и’ пишува. Добив блок. Поштено...или можеби и не!

Од друга страна, стварност е и она дека годините си носат одредени работи кои во младоста ги немаме. Јас можеби и следните 20 години ќе се чувствувам како за 35, но во моментов колумнава ја пишувам со чалма на глава, стегната и шал околу врат. Секако, вратот намачкан со онаа чудотворната финска маст. Спондилоза! И боли. И не само што боли, туку и ме тера на пцуење (така ми влијае болката де). Нејсе.

Ми пречи ставањето рамки.

Ми пречело отсекогаш. Ако си мал треба да молчиш пред постарите. Како па да не! Ако имате намера да создадете адаптирано дете кое целиот живот ќе го мине во молк и ќе нема свој став за ништо, повторувајте им го тоа на децата. Децата треба да се бунтовни, да сакаат да се надмудруваат и да им се развива умот.

Ако имате партнер, треба да ги прифатите неговите пријатели кои откако ќе се земете ќе станат заеднички, а вашите ќе станат бивши. Колку пријателства знам кои згаснале заради таа премолчена дефиниција како се функционира во врска. За среќа, времињата од тој аспект се сменија и денес барем жените си ги ценат повеќе своите лични пријателства кои не се врзани со партнерот (ова му иде како пред нашата ера и по нашата ера).

Рамките во врска и во однос на годините ги има многу. Но, познавам луѓе кои ги кршат правилата. Имам добра пријателка која е помлада од мене, но која запиша уште еден факултет. Попатно има две деца и редовна работа. Ама и’ се сака....и и’ се може. И згора на се’, има и фантастичен просек!

Некој ќе рече сега “голема работа”. Вратете се во нашето време на студирање. Се вративте? Повторно имате 20? Е сега замислете дека доаѓа со вас на испити некој скоро дупло повозрасен. Колку  ( од таа гледна точка) нема да бидете дискриминирачки расположени? Јас и’ симнувам капа на мојата пријателка која остана имуна на сите предрасуди (со кои веројатно попатно се соочила) и си го тера филмот.

Романса. Романса за маж над 50 и жена над 50 не е иста, односно не дозволуваме да е иста. Нормално било дека маж над 50 може да се мафта со жена од 30 години, ама жена од 50 е чист блуд и разврат ако има партнер од 30 години. Раскалашена е и мисли само на секс. Ок...така е. А мажот од 50 со жена од 30 мисли на пеперутките на Шар планина. Или можеби разговараат за смисолот на животот. Лично, не знам што муабет би имала со некој со кого разликата во години би ми била толкава. Но, можеби па и ова сега е некоја моја предрасуда и бариера. Не е ли доволно да видиме две насмеани лица кои заедно се надополнуваат и се среќни? Без да им ја броиме разликата во години.

Или еве...дури и двајцата да се слична возраст, веднаш за потсмев е ако се држат за рака и покажуваат емоции во јавност. Е сега, не сум ни јас за тоа да имаат заеднички профил на фб, или на секој пост и фотографија да си гугуткаат, ама па сум непоправлив романтик. (можеби затоа немам дечко!).

Шега на страна, живејте. Не се дефинирајте себе според матичниот број во личната карта. Не сме броеви, луѓе сме. Имаме чувства, топлина во себе, некогаш се лутиме, некогаш се расправаме, некогаш се умилкуваме. Не си ставајте бариери затоа што некои шутраци ве ставиле во фолдер на средовечни. Не знам каде спаѓам со моиве 47. Само знам дека ќе ги прославам. Не нив, туку животот.

Запомнете...

Нема нешто што може да ве спречи да бидете среќни, освен вие самите. А најмалку годините. И да, можеби би било убаво во личните карти да ни стои опција да си напишеме колку стари се чувствуваме.

Иако...најубаво би било да живееме и си го проживееме векот во љубов, мир и спокој со себе.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Тивко се љубиме

ТАА и јас

доволно блиску за да се видиме

како сопернички да се измеркаме

небаре ист љубовник имаме

а доволно далеку

за да не се помирисаме

оти една од друга не ќе се одвоиме

тивко

тивко се љубиме ние две

со години веќе

години наназад една со друга

со шепот се спомнуваме

а никогаш не сме се одважиле

на гости една на друга да си појдеме

да си поприкажеме

ТАА мене, а јас нејзе

душите да си ги отвориме

јадовите да си ги поделиме

со по едно слатко од портокал да се почестиме

и црно, горчливо кафе да се напиеме

тивко се љубиме

потивко здравје

и колку повеќе во умов ми вреска

толку помолчелива сум

во својот свет однатре заклучена

демек на безбедно

демек зад стаклото никој не ме гледа

и ете некогаш малку страв ми е

за да не ја предизвикам рано да ми дојде

или да и’ појдам ненајавено

небаре треба писмо да пратам дека одам...онаму

тивко се љубиме

од првиот мој здив

и секој ден

со секоја воздишка

и брчка

се’ поблиску една до друга сме

тивки и двете

дур ТАА мене ме демне

а јас гледам ќерка ми како расте

како извишува

и на себе заликува

своја станува

и крадешкум зад себе погледнувам

безгласно и’ велам

“да порасне, толку барам

само да порасне за сама да може”

и се насмевнуваме една на друга

дур и двете тивки сме

дур тивко и нежно се љубиме