Драгана Батиќ: Книгата „Децата и разводот“ ја обработува психологијата на разводот од перспектива на децата

Добивај вести на Viber

Какво е влијанието на разводот на родителите и на семејната структура врз менталното здравје на децата и на адолесцентите? Како да се надмине оваа стресна ситуација и да се продолжи со нормален живот? Овие и уште многу значајни прашања за психолошката состојба на потомците при пропаѓањето на еден брак ги одговара универзитетската професорка Драгана Батиќ во својата книга „Децата и разводот: Психологија на разводот од перспектива на децата“, која беше промовирана вчера (недела, 8 мај), на главата бина во рамките на Саемот на книгата. Овој научен труд, кој е адаптирана и дополнета верзија на докторската дисертација на професорката, е во издание на „Арс Ламина“. Модераторка на промоцијата беше уредничката на изданието – Бисера Бендевска, а промоторка беше психологот и психотерапевт проф. д-р Димитринка Јорданова-Пешевска.

Бендевска истакна дека проф. д-р Батиќ во оваа книга прави детален преглед на разводот како стресоген животен настан и на карактеристиките на семејствата што настануваат по разводот.
– Од истражувањата што ги спроведува професорката во рамките на својата работна практика, но и од истражувањата на цитираните автори кои се занимаваат со истата тема, може да се заклучи дека менталното здравје на децата и на адолесцентите на разведени родители не е изложено на ризик, односно дека за менталното здравје на децата и на адолесцентите поважни фактори се функционалноста на новоформираните семејства и кооперативниот однос помеѓу родителите, отколку структурата на семејствата.

Заклучокот што го извлекува авторката Батиќ, заснован на истражувања извршени во земјава и истражувања и податоци од релевантни автори на кои таа реферира во својот труд е дека, генерално, децата и адолесцентите на разведени родители не се под поголем ризик по однос на менталното здравје во споредба со своите врсници од неразведени родители. Степенот на невротичност и самопочитта на децата не зависат од структурата на семејството, туку од меѓусебниот родителски однос и од функционалноста на семејството.

– Благодарна сум на „Арс Ламина“ што препозна општествен интерес оваа книга да биде објавена и што сега им е достапна на сите идни психолози и брачни советници, но и на паровите што поминуваат низ бракоразводна постапка. Таа советува како да се пристапи кон децата и да им се помогне полесно да го пребродат процесот на разделба на родителите. Книгата е приспособена да биде поблиска до пошироката читачка публика. Книгата првично беше објавена на српски јазик, па ми беше важно да добие своја македонска верзија, бидејќи тука творам и работам, но и затоа што истражувањата што ги правев, ги извршив со податоци од оваа популација на адолесценти. Бев дел од еден одличен тим на психолошко советувалиште во Центарот за социјална работа, од каде што ги собрав сите овие практични примери и каде што ги применувавме најновите методи. Сакав преку книгата да останат запишани како доказ дека во Македонија постои традиција да се работи со оваа проблематика. Кога луѓето се во некаков стрес, каков што е разводот, потребна им е стручна поддршка. Кога поминуваме низ некоја криза мислиме дека сме сами и дека самостојно треба да поминуваме низ тој процес, но кога имате ваква книга гледате дека не сте сами, дека истражувањата покажуваат дека луѓето ја надминуваат оваа криза. Дека и непријатните емоции се дел од разводот. Искуството ни покажува дека децата некако немаат шанса да зборуваат за своите емоции. Се случувало често деца на школска возраст да не споделуваат, дури ни со своите најблиски другарчиња или браќа/сестри. Но, кога ќе се најдат во група, каде што има и други деца на разведени родители тогаш почнуваат да разговараат. Гледаат дека не се сами. Мислам дека државата мора да им даде шанса на овие превентивни програми – рече авторката Драгана Батиќ.
Таа подвлече дека: „оваа книга е замислена како ’буквар‘ за разводи со оглед на тоа што се занимава со појави и процеси што се поврзани со разводот“.

Во текот на вчерашниот ден на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ се одржа интерактивна дружба инспирирана од светот на Хари Потер. На настанот, кој беше со натпреварувачки карактер, присуствуваа многубројни деца, фанови на книгите и филмовите за Хари Потер. Меѓу нив имаше и многумина маскирани во своите омилени ликови од серијалот. Натпреварот го модерираше Сашко Потер Мицевски (голем фан на Хари Потер, филмаџија-учесник во монтажата на звук на филмот „Фантастични ѕверки“). Денот на Хари Потер беше во организација на „Арс Ламина“, која ги поседува авторските права за книгите од серијалот „Хари Потер“ на македонски јазик, и книжарниците „Литература.мк“, кои се застапници на лиценцирана гифт-програма инспирирана од светот на младиот волшебник. Со овој настан се приклучивме на светските случувања со кои се одбележуваат 25 години од објавувањето на првата книга од серијалот, „Хари Потер и Каменот на мудроста“, од Џ. К. Роулинг и 20 години од првиот филм.

Во продолжение се одржа настанот „На кафе со авторите“, на кој авторите на книги за возрасни потпишуваа примероци од своите книги и се запознаа со своите читатели. Меѓу нив беа: Јана Мишо („Лулу“), Ивана Трајаноска („Деса“), Иво Митев-Жиле („Клучот на животот“), Александар Русјаков („Хотел меѓу две војни“), Мoџо Килингтон („Уништување“) и Мартин Јованоски („Зошто јас?“).

ПР објава