Драги мажи

Добивај вести на Viber

Драги мажи, овој месец е традиционално посветен на вашето здравје. И денешнава колумна ја посветувам на вас, вашето здравје и да ве потсетам на тоа дека треба да се грижите за себе, оти ни требате. Пред неколку години на татко ми му беше констатиран карцином на простата, кој за среќа, со успешен оперативен зафат беше отстранет. Навременото откривање и грижата за себе е првата и најосновната работа за успешно надминување на одредени болести. Се’ што имам пишувано во колумните е од сопствено лично искуство и/или од искуствата на моите блиски. Без срам и без страв како ќе бидам сфатена. Она што го постилам пред сите вас, го правам само за да знаете дека ниту еден проблем кој го имате од било кој аспект не ви се случува само вам. Со разголувањето пред вас сакам да ви кажам дека не само што постојат луѓе кои се соочуваат со слични или исти животни предизвици, туку и да знаете дека сочувствувам со вас и дека ја имате мојата поддршка, колку и да е можеби мала во вашите очи.

Мовембар стана помодарство од аспект на неговата улога на социјалните мрежи. Пуштањето мустаци не е поддршка, барем не онаква каква што јас ја замислувам (секако, прифаќам и да не сум во право). Еве, можам и јас цел месец да не си ги издепилирам надусниците (да...и ние жените имаме мустаќи, не превртувајте со очи), но не само што нема ништо да постигнам со тоа, туку и ќе бидам смешна. Мојата поддршка е во гласното и јасно кажување на следното:

Одете да се прегледате!

Не чекајте мовембри и не си барајте изговори.

Водете грижа за себе, оти само така ќе се грижите за вашите најблиски.

Вие сте нечии деца, партнери и родители.

Ни требате.

Ни требате како поддршка и столб, ни требате за да чекориме заедно низ животот и да ни траете, едноставно, да сте тука.

Како што за жените беше наметната улогата да бидат покорни, така и на мажите им беше наметната улогата да бидат силни по секоја цена. А цената е некогаш висока. Од мали ве учат дека машките треба да се силни и да не покажуваат слабости. Каква глупоштина. Од мали сте соочени со потсмев ако заплачете или ако сте полни со внимание кон своите партнерки. Тогаш ви се лепат етикетите на папучари и плачковци. Дури и жените кои се жалат на своите партнери дека се крути и бесчувствителни, некогаш несвесно од своите синови прават материјал од кој ќе се жали нивната идна сопруга.

Не! Силата на мажот или воопшто на било кој човек не е да биде камен и да ги блокира своите чувства.

Не! Силата не е во тоа да сме груби и да глумиме сила додека внатре во себе се распаѓаме.

Не! Машкоста не е во пиењето ракија и мезењето, затоа што свежо исцедениот сок од портокали е за “женски”.

Ве оптеретивме да играте улога која ве прави незадоволни и безволни. Ви доделивме бреме на столбови кои се сепак кршливи. Да заработувате многу, по цена на вашето здравје и моментите поминати со домашните.

Рамноправноста ја гледам во целина. Ако заработувам “како маж”, зошто би требало да е срамота мојот партнер да биде емотивен “како жена”. Колку пати ви се има случено да одите под притисок на работа и да го терате истото темпо, дури и тогаш кога не се чувствувате добро? Да седите на истите здодевни или премногу стресни работни места само затоа што сте добро платени? Како да забораваме на тоа дека сме секаде заменливи, освен во срцата на оние кои не’ љубат.

И јас сум ги употребувала истите шеги дека маж со 37 степени температура е кенкав. Признавам дека сум се потсмевала. До кога? Додека не ми дојде времето за пораѓање, кога на скалата на контракции и породилни болки од 1-10, на 2 го држев докторот за рака (човекот веројатно уште има трауми од мене) и му урлав да ми стави анестезија оти готово, умирам.

Прагот на толеранција на болка не се дели на машки и женски. Имам другарка која роди две здрави и прави машки деца, кои патем речено, излегоа со задниците од неа и не изусти ни збор. А јас плачката, мислев дека ќе се распаднам од болка на нешто што другите жени го минуваат со мало намуртување на челото. Е, откако го искусив тоа, престанав да бидам безобразна и да генерализирам. Престанав да се муртам на машкото офкање, оти сфатив дека потсмевањето е негативен ефект кој може да има и фатални последици од типот “имам болки, ама за да не бидам плачко ќе си молчам”. Додека не стане предоцна!

Ни требате. Додуша, некогаш и за ви ја вадиме душата кога сме во ПМС, или кога ве влечкаме во продавници за да испробаме ама буквално се’ што се нуди на распродажба. Ни требате за да ви се насмевнеме сабајле и да молкум да испиеме кафе заедно. Ни требате како татковци (мојот има 70 години и ми е најдобриот пријател), како партнери со кои староста ќе ја дочекаме и ќе се крепиме заедно.

Ни требате за заедно да ги одраснеме децата кои сме ги создале, па макар и да не сме заедно.

Им требате на вашите деца низ животот, да ги учите, да ве поднаучат и тие нешто, да бидете нивниот грб и поддршка кога нештата ќе станат грди.

Чувајте се и дозволете ни да ве чуваме и да се грижиме за вас, дури и тогаш кога ви се чини дека претеруваме и ве третираме како мали деца.

Оти од љубов е и за љубов е.

Да сте ми живи и здрави. И запомнете...си требаме едни на други. Не џабе е речено дека цело е кога има СЕ’.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Тешко е жена да си

Абе чупе

Да бидиш и мајка, жена

Домаќинка и снаа

Ами на сите да им погодиш

И асално се’ да прајш

Ручекот арен да ти е

Ниту ладен, ниту жежок

Асталот убо наместен

Куќата да ти свети

Абе леб на земја да ти падни

Да не ми е гад в уста да го клајш

Постелата секогаш топла

Мажот спастрен

Оти срамота е да го пуштиш несуреден надвор

Оделото испеглано

И кошулата

Панталоните со цакса напред

А челите да му светат

И умот цело време арен да ти е

Насмеана и весела да си

Да не се џавкаш со домашните

Културна со комшиите

Да си го гризниш јазикот, мед да потечи

Дури и во оние деној ко ти иди “онаа” работа

Не туку се смеј и не потпрашвај која, ко знајш!

Не си терај мајтап со мене!

Знам оти е тешко жена да си

Оф, цел живот глата горе

Без ден да одмориш

Ама па тешко е и маж да си

Така да знајш

И ними не им е лесно

Татко да е, ама татко за пример

Та арен маж в куќа да биди

Не да ми ти ој по кафани и жени

Пупупу, скраја да е

Домаќин да спечали

И да ти биди арен и в кревет

Ами и ними не им е лесно

Да е силен за почитта твоја

А да е мек за да се сакате

В очи со љубов да си пулите

И за раце ко деца да се држите

Абе чупче

Не е лесно чоек да си

И то арен чоек да си

Колку за себе, толку и за другите

Ем мир во себе да имаш

Ем в куќа песна да се пеј

Тешко е во овој свет чоек да станиш

А уште потешко, чоек да останиш

Рака да подајш

Срце да отвориш

Душа да си постелиш

Да не те изеди денот

И ноќта да не те плаши

Тешко е денес извини да речиш

Оти сите со носојте угоре се

И на сите очила им требаат

За да можат подалеку од гордоста да опулат

Такви, ко за греота станвате

Неубај

И мажи и жени

Само децата убај останваат

Дур и нив не ги расипите од малку или многу

Тешко е чупе

Во овој свет стана многу тешко чоек да си

Чоек да бидиш

Чоек, арен чоек да останиш