Другото сценарио контра коронавирусот: Сите во изолација, Шведска – во "руски рулет"

Добивај вести на Viber

Шведска избра поинаков пристап во справувањето со коронавирусот – отворени се училиштата, рестораните и баровите. Овој контраст на практиката применета во другите европски земји, кој многумина го нарекоа „руски рулет со шведскиот народ“ – предизвикува многу дилеми.

-Не смее да се дозволи во Шведска да се повтори страдањето на луѓето од Вухан и Бергамо. Тоа е ризик, кој крши еден од главните принципи на општеството – дека секој поединец е драгоцен сам по себе – пишува уредникот на главниот дневен весник „Dagens Nyheter“, повикувајки на поригорозни мерки.

Шведските власти ги повикаа ризичните групи граѓани да останат дома. Но забрана за јавни собири нема. Недозволено е собирање само над 500 граѓани. Во Стокхолм дури вчера се донесени некои одлуки за ограничување на услугите во кафулињата и рестораните, но во најголемиот дел – животот тече вообичаено. Сепак, како и во другите делови на Европа, шведските граници се затворени за сите патувања, освен најнеопходните.

Шведската Агенција за јавно здравство избра поинаков пристап во борбата со коронавирусот. „Имунитет на стадо“ е фраза која се користи кога голем број луѓе ќе ја добијат болеста – во овој случај КОВИД 19 – и ќе станат природно имуни на неа. Генерално се смета дека тие кои ќе се опорават ќе бидат имуни, барем засега.

За да се постигне тн. „имунитет на стадо“, околу 60 % од населението би морало да се разболи и да стане имуно. Шведска, така, го избра патот по кој поретко се оди – со извесни отстапки. Се тестираат ризичните групи, препорачано е останување дома за постарите лица, а не за децата, и се почитува социјалното дистанцирање во рестораните и кафулињата кои и натаму работат.

Така, Шведска, која и инаку е земја со умерен пристап кон работите, практикува умереност и во борбата со КОВИД 19. Но, како што пишува лондонски „Гардијан“, здравствените стручњаци во земјата се многу загрижени зашто сметаат дека владата го жртвува здравјето на нацијата заради здравјето на економијата и жестоко ги критикуваат (не)применетите мерки.

До вчера Шведска, која брои околу 10 милиони жители, имаше 2272 случаи на коронавирус, од кои 36 починаа.