Двигател во животот ми е помислата дека секогаш може и подобро: Утринско кафе со Анита Ангеловска-Бежоска

Како Ви почнува денот? Со кого го пиете првото утринско кафе?

Секој нов ден е нова шанса да одговориме на предизвиците – шанса да направиме барем уште еден чекор кон остварување на целите коишто ги имаме пред нас. Затоа, се трудам денот да ми започне со позитивна мисла и енергија. А и не може да е поинаку кога започнува со моите три деца и со подготовката тие да заминат на училиште. Потем, одејќи кон Народната банка, веќе преовладуваат мислите за сето она што мора да се оствари на професионален план.

Утринското кафе го пијам во канцеларијата. Најчесто, заедно со колегите и соработниците со коишто е закажан првиот работен состанок за тој ден. Особено ми е слатко и пријатно ако на состанокот заеднички доаѓаме до одговор на некое важно прашање или разговараме за некој од проектите за натамошно унапредување на централнобанкарското работење. Зашто, барем за мене, дел од смислата на пиењето кафе е токму тоа – со другите да споделиме размислувања, видувања, ставови, а некогаш да дојдеме и до заеднички идеи и решенија за нештата за коишто разговараме.

Во текот на викендите, пак, секогаш кога работните обврски овозможуваат да сум во Скопје, дел од утрото е резервирано за кафе со сопругот и за разговор за семејните планови и обврски, по што заеднички сме им посветени на миговите со децата.

Кои се Вашите дневни планови и обврски?

Секој ден е и ново поглавје на професионалната и воопшто, на животната приказна. Состаноци и средби со колеги и соработници, анализирање податоци и показатели, носење одлуки, следење на состојбите во домашното и надворешното окружување, како и следење на новитетите и трендовите во централнобанкарската заедница, учество на настани и стручни дискусии, воспоставување договори за соработка, активности на меѓународен план, одговарање на прашањата коишто се предмет на интерес на јавноста, работа на проекти итн. Сето ова е составен дел од речиси секој работен ден.

Најчесто работното време не завршува во 16 или 17 часот. Трае сѐ дури не се заврши сето она што мора и може да биде сработено во тековниот ден. Остварувањето на целите и задачите коишто ги имаме како централната банка не трпи одложување на обврските. Понекогаш, некои од пријателите знаат да ме прашаат: „Зарем не е напорно, особено за жена?“ Можеби понекогаш и е, но кога ќе се постигне посакуваниот резултат, кога ќе се оствари нешто што претставува нов успех на централната банка, и кај мене, и кај целиот тим, уморот како да исчезнува и веќе сме подготвени да одговориме на нови предизвици.

Што Ве мотивира?

Помислата дека секогаш може и подобро постојано ми е двигател во животот, вклучително и во професионалната сфера. Неспорно, некои од целите коишто си ги имаме зададено, гледано од страна, некогаш може да делуваат и не многу лесно остварливи. Но, само ако сме подготвени и пожртвувано работиме со желба да се успее, и тие цели можат да бидат постигнати. Ова е девиза и на тимот на Народната банка. Секојдневно, кога забележувам со колкаво себевложување е посветен тимот во остварувањето на сето она што е зацртано во нашата програма за работа, мотивираноста да продолжиме со остварување и на највисоките цели кај мене е уште поголема. Зашто знам, со таков посветен и професионален тим, тие сигурно се остварливи.  

Како Ви завршува денот, со кого ја минувате вечерта?

Често се случува дел од работните обврски да ги понесам со себе и дома, но настојувам да поставам рамнотежа меѓу професионалното и приватното откако веќе сум надвор од канцеларијата.

Се трудам завршницата на денот да ми биде резервирана за домот, за семејството и за редовните домашни обврски, а често и за пријателите. Сепак, на приватен план, најважни ми се моментите со децата и разговорите со нив. Времето е минлива категорија и тие навистина брзо растат – не би сакала да пропуштам ниту еден миг од нивното созревање, зашто знам, за тоа и за родителското вложување во нивното правилно растење и развивање нема втора шанса. 

Сакате ли да прочитате книга или да одгледате филм?

Вљубеничка сум и во добриот филм и во добрата книга. Во текот на викендите, со сопругот редовно издвојуваме по некој час за да погледнеме ново филмско остварување, во домашна атмосфера, а понекогаш и во кино-салите ако на репертоарот има нешто интересно. Неретко, во кино знаеме да отидеме и заедно со децата за да изгледаме филм соодветен за нивната возраст, па потоа и да разговараме за него. И морам да признам дека уживам во тие моменти – од една страна затоа што сум со најблиските, а од друга страна затоа што се буди и детето коешто ние возрасните го чуваме некаде длабоко во себе. Кога станува збор за книгите, иако особено изминативе години најмногу читам стручна литература, сепак не се откажувам од белетристиката. Можеби обврските не ми дозволуваат сега да читам белетристика онолку колку што читав во младоста кога редовно ја посетував Градската библиотека, сепак сакам да прочитам добра проза, некогаш и поезија, дури и да се навратам на некоја од книгите коишто сум ги читала пред години. А заедно со помалата ќерка Надја се навраќам и на приказните од детството – мошне често, навечер, пред да заспие, таа ми чита приказни, а потоа заедно разговараме за прочитаното, па дури и смислуваме поинаква, нова – наша приказна. 

Брзото темпо на животот во денешнината често знае да ни одземе од времето коешто би сакале да им го посветиме на ваквите убави нешта. Но, не треба да се откажуваме од нив. Зашто ако не го почитуваме и не го вреднуваме убавото надвор од нас, не ќе можеме ни да го негуваме убавото во нас.