Еден ден ти даваат аплаузи, друг ќе те навредуваат- на тастатура секој може да биде јак: Искрено со Тамара

Добивај вести на Viber

Ова е среќен период за поп-ѕвездата Тамара Тодевска. Во одбрано музичко друштво, како претставник на Македонија ќе биде дел од турнејата „Индекси и пријателите“ каде што заедно со Дадо Топиќ, Бранко Ѓуриќ, Фадил Реџиќ...,ќе пее хитови од оваа култна босанска група. Тамара не пее само на скопскиот концет на 28 октомври, туку и низ градовите во регионот.  Ова доаѓа по успехот во Турција, каде што со голема поддршка од мајка ѝ Брана, ја доби наградата за најдобра пејачка од Македонија ја фестивалот „Best od Rumeli“ во Истанбул. Вели дека нејзината врска со мајка ѝ, сега, кога и таа самата е мајка е доста поцврста. Тамара искрено раскажува дека ничиј живот, па и нејзиниот не е како сликите на социјалните мрежи, и открива каква е кога е лута и повредена.

* Настапуваш на концертот „Индекси и пријателите “, во Скопје на 28 октомври, како ѝ се придружи на екипата на славните екс југословенски музичари?

 - Искрено, големо задоволство ми е што сум поканета да бидам дел од турнејата по повод 60. години од основањето на оваа легендарна и култна група „Индекси“. Концертот во Скопје е закажан за 28 октомври, во Македонската филхармонија, каде што ќе направиме убав музички времеплов и ќе се потсетиме на песните со кои сме растеле, и ние како музичари, но и македонската публика. Од секоја земја од поранешна Југославија има изведувачи, а поканата за мене пристигна од компанијата “Music time”, која е и организатор на оваа турнеја. Навистина ме радува фактот што ме препознаа како артист кој може да биде дел од една ваква уникатна турнеја во чест на една легендарна група. Ќе настапувам заедно со дел од некогашните членови на „Индекси“, како Фадил Реџиќ, Нено Јурин, Мирослав Шарановиќ и др., а со нас ќе бидат и Дадо Топиќ, Нено Белан, Зоран Предин, Дејан Цукиќ и многу други. Ќе биде навистина убаво и верувам дека ќе дојдете, барем на концертот во Скопје.

* Кој репертоар ќе го пееш и каде се низ поранешна Југославија ќе настапуваш, има ли песна од Индекси која посебно ја сакаш?

 - Покрај концертот во Скопје, ќе продолжиме со настапи и во Белград, Загреб, Сараево и Љубљана. Значи, ќе направиме една убава обиколка на метрополите кои растеле и созревале со музиката на „Индекси“. Ќе изведеме дел од најголемите хитови на оваа група, кој убедена сум дека ги знаат и поновите генерации. Тешко дека би можеле да одвојам една песна, но посебно ми се драги: “Sanjam“, “Bacila je sve niz rijeku”, “Predaj se srce”, “Moja Hana”, “Sve ove godine” и многу други. Така да, ќе патуваме низ времето, но со една нова енергија и позитивен дух.

* Во Турција зема престижна награда, најдобра пејачка од Македонија на фестивалот „Best of Rumeli 2022 “. Раскажи ни  подетално за твојот претстој таму, третманот од организацијата, реакциите на публиката?

- Навистина секоја награда, признание ми е важно и особено драго. Пред присутните на “Best of Rumeli 2022“ истакнав дека секоја награда е доказ дека нешто добро си направил, си сработил, заедно со својот тим и навистина се чувствуваш гордо, но и мотивирано за понатаму. Среќна сум што квалитетната работа е препознаена и од публиката, но и од музичкиот свет во другите земји. Во Истанбул поминав преубаво. Покрај одличната организација и позитивните вибрации од публиката, направив обиколка и на овој за мене посебен град. Навистина го сакам Истанбул, имам преубави спомени, како професионално така и приватно. Тука за прв пат ја доживеав и евровизиската сцена, кога во 2004 година бев придружен вокал и заедно настапивме со нашиот Тоше, кој ја изведуваше „Ангел си ти“ / “Life”. Уфф, речиси 20 години поминале... преубави спомени, искуства... Да, Истанбул треба да се доживее и секогаш со задоволство се враќам тука.

* Што си велиш самата на себеси кога надвор од Македонија се вреднува твојата работа, што си помислуваш кога ќе слушнеш аплауз од публика која не е домашна?

- Па, мислам дека нема поголема награда не само за еден уметник, туку и за било кој друг од нас кога твојот успех ќе го препознаат и надвор од твојата татковина. Кога сум почнувала со музика, со пеење, прво ми аплаудирале дома, најблиските (како и кај сите други), после одиш на училиште – и доживуваш нов момент на задоволство, кога добиваш аплауз од десетици други, на поголема сцена. Потоа растеш, се развиваш, созреваш и музички и карактерно и гледаш дека твојата работа ја препознаваат и надвор од границите. Навистина е едно преубаво чувство. Затоа што тоа е награда за тебе, за твоите блиски, за соработниците, но и афирмација на Македонија, на нашата култура и музика. Апсолутно дека и тоа како ми е пријатно кога доживувам аплауз и на меѓународна сцена, но ако сум искрена, а знаеш дека секогаш сум, тогаш ќе морам да кажам дека аплаузот од мојата, од домашната публика секогаш ми е најдраг. И ова не е клише туку навистина е така. Сепак, среќна сум и горда кога гледам како јас, но и моите колеги и пријатели од музичкиот свет се вреднувани и надвор од Македонија. Тоа е награда за сите нас и најголема реклама за земјата.

* Во Турција беше со мајка ти, Брана, како си поминавте заедно?  Имавте ли муабети мајка- ќерка кои поради обврските со твоето семејство дома се можеби поретки откако и ти стана мајка?

 - Да, во Турција бев со мајка ми и поминавме преубави денови. Успеав да ги спојам некако професионалните обврски со приватниот дел и навистина поминавме убаво. Со мајка ми, но и со целото семејство сум навистина блиска. Да, сега и јас имам свое семејство, многу повеќе обврски, но гледам да имам честа и редовна комуникација со родителите. Така да, не можам да кажам дека ретко се гледам со мајка ми. Напротив, откако и јас имам свое семејство можеби уште посилна е таа врска, релација мајка – ќерка. Споделуваме многу работи, имам навистина искрена и отворена комуникација со мајка ми, и верувам дека и Хана и Дарен ќе го имаат истиот однос со мене. Знаеш како, има период од животот кога си нон-стоп со родителите, потоа си во „филм“ дека си голема, дека знаеш сѐ... па почнуваат излегувања, одмори со другарки, па потоа со твоето формирано семејство и доаѓа етапа од животот кога повторно сфаќаш дека сакаш повеќе време да поминуваш со мајка ти, па повторно да имате заеднички патувања, моменти. Прекрасно е! Навистина уживам во секој поминат момент со семејството.

* Како ти поминува еден обичен ден кога не работиш, каква домаќинка си?

 - Независно дали во текот на денот имам работни обврски или не, денот ми започнува со децата, со Хана и Дарен. Се будиме за во градинка и училиште, се подготвуваме... тука е и нашиот нов член Тоби, кој знае утрата да ги направи подинамични. Во зависност од ангажманите, имам работни состаноци, одам во студио, правиме музика... гледам периодов и редовно да вежбам, да посетувам теретана, така да и тоа ми станува еден вид на рутина. Кога сме кај домаќинските работи мислам дека добро се носам со нив. Смената на летна со есенска облека е направена, постојано се грижам за цвеќињата, хигиената во домот... Е, сега не сум велемајстор во кујна, но знам да зготвам некои работи. Се трудам.

* На социјалните мрежи си секогаш насмеана и ведра.Што те лути, растажува, каква си кога не ти е денот и кога некој ќе те повреди?

- Ех, кога сѐ би било како на Instagram и Facebook. Нормално дека има периоди и кога сум лута, нерасположена, не ми се зборува... Знам да покажувам емоции и не ми е срам од тоа. Знам и да се расплачам од среќа, но и од тага. Работам јавна професија, каде што горе-доле си под континуиран „зум“ на јавноста и некогаш тоа може да биде проблем. Сепак, како поминуваат годините, така и јас некако сè помалку реагирам на навреди, омаловажувањa... Ако порано знаеле многу да ме погодат коментари, навреди, невистини, сега некако сум поотпорна. Веројатно искуството си го прави своето. Живееме во дигитална ера, која носи и позитивни и негативни работи. Говорот на омраза кај нас и тоа како e присутен. Еден ден ти даваат аплаузи, друг ден може ќе те навредуваат во коментари по социјални мрежи... Но, на тастатура секој може да биде јак, а аплаудираат најчесто луѓе кои сакаат да шират љубов, кои не се себични и немаат проблем со самодовербата, со околината. Среќна сум што вториве се побројни и за нив и живеам и работам...и создавам музика.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива