Еден е задолжен за афери, бремена сум од колега, родителите ме форсираат, поранешениот премиер ми е брат: Познатите за озборувањата на нивна адреса

Озборувањето, трачевите, клеветите и сплетките не се искоренети од кога постои светот, па ниту ние, овде на нашите простори не сме исклучок. Очигледно не сме во состојба да го живееме својот живот и да ги оставиме другите да прават што сакаат.

На глобално ниво, кога не би постоеле трачевите, славните би биле досадни како и обичниот народ. Се случува сами да лансираат трач за себе, за да ја задржат популарноста и да добијат повеќе фанови.

Менталниот склоп на луѓето кај нас, не прифаќа и не дозволува на секое озборување да се гледа како на забава. Напротив, осудувањето и непристојните коментари се првите реакции по прочитаната информација. Од тие причини, пејачите Елена Ристеска, Благоја Грујоски, Огнен Здравковски и водителката Јелена Спенџарска велат дека на почетокот од кариерата тешко се соочувале со искажаните невистини за нив. Со искуството, научиле да ја применуваат познатата мисла на Фјодор Достоевски: „Ако на својот пат до целта фрлате камен на секое куче што ќе лае по вас, тогаш никогаш нема да стигнете до целта.“

Елена Ристеска потенцира дека многу работи кои се објавувале за неа се шпекулација и плод на нечија фантазија. Еден или двајца ги измислуваат сите лаги и ја вметнуваат во секоја „каша“.

- Тоа што ќе го објавам и изјавам како официјална информација, единствено е вистина. Најчесто вистинските приказни во мојот живот никој не ги дозна, ниту ги објави, а никогаш не сум ги криела. Во последно време почнаа да ми ги извртуваат рецениците во интервјуата и да вадат од контекст многу зборови. Сето тоа резултира со мојот досегашен став за екстремно ретко давање на интервјуа. Неколку пати ме правеа бремена, за внука ми пишуваа дека ми е ќерка. Да не зборувам за луѓето кои не ги ни познавам, а велеа дека ми се момчиња – вели Ристеска и дополнува дека во еден период се шегувала на своја сметка дека веќе не постои нешто што не е измислено за неа.

Огнен Здравковски, уште на почетокот на кариерата се соочил со озборувања кои го разочарале.

- Најголемата лага беше таа дека моите родители ме форсираат и цело време ми помагаат во кариерата за да успеам. Само Господ ми е сведок дека се’ правам сам, со мој труд. Со текот на времето тоа го увидоа и прекинаа да зборуваат – вели поп пејачот и открива дека најнов трач за него е дека е во врска со неговата колешка Ноне Неделковска.

Во својата 13 годишна водителска кариера Јелена Спенџарска се соочила со информации за неа кои немаат врска со суштината или реалноста.

Секоја чест на исклучоците, на новинарите кои лично ќе ти се јават за интервју. Најсвежа лага за мене е дека сум бремена од мојот колега Ване Маркоски, на која слатко се изнасмеав. Но, многу луѓе ми пишуваа честитки, без да ја прочитаат целата приказна и да дознаат дека некој таму рандом лик си правел забава на својот ФБ профил со вакви дезинформации – посочува Спенџарска.

Во изминативе години Благоја Грујоски за себе изнаслушал безброј лаги и неверојатни измислици што не би му текнале ни на барон Минхаузен.Но,навикнал на нив и одамна не го допираат. Пејачот го загрижува друг феномен.

- Една од лагите е дека поранешниот премиер ми е брат. Генерално македонската естрада во целина трпи многу неправди и бесмислени обвинувања, особено во изминативе месеци. Фрапиран сум од степенот на цинизам и презир кон многуилјадната бранша што главно е поттикнато од некои евтини портали, кои на мизерен начин со лажни вести за естрадата се борат за внимание. Јавноста не знае со какви предизвици се соочуваат стотици семејства во земјава кои егзистираат од трудот на естрадните уметници,исто како и поголемиот дел од народот – потенцира фолкерот и додава дека оваа криза покажа дека не постои емпатија ни човечност во ова морално руинирано општество.

Соња Алексоска Неделковска