Гаќите на Финецот
Голема еуфорија владее во Хрватска пред утрешното евровизиско финале, кое ќе се одржи во Малме, Шведска. Скромното момче од Умаг, Марко Пуришиќ или Бејби Лазања со заразниот рефрен на „Рим Тим Таги Дим“ го обедини хрватскиот народ. И во Хрватска се случија избори, политички препукувања, афери, но во вторникот вечерта народот се собра пред градскиот плоштад да го гледа на видеобим настапот на нивниот претставник во првото евровизиско полуфинале. На Бејби Лазања му успеа тоа, што не може да го направи ниеден политичар и партија. Млади и стари, лево или десноориентирани, на исто место се радуваа и пееја во еден глас. Тоа е целта на музиката, во случајов на Евровизија – да ги обедини луѓето.
Ние разделени, двете полуфиналиња ги следевме на телевизор. Останавме подзинати од некои сценски настапи и главна тема ни беа гаќите на пејачот од Финска и магијата, клетвата што ни ја фрли пејачката од Ирска. Утревечер е финалето. Верувам дека и најтврдокорните ќе се изневерат себеси, ќе се откажат од популарното шоу или турската серија и далечинскиот ќе го насочат кон програмата на македонската телевизија. МРТ која ја има лиценцата за учество на Евровизија. Таа која се откажа од овој натпревар бидејќи нема пари.
Во ред тешка ситуација, но дали некој се обиде да го реши проблемот „немање пари“.
Не. На поискусните автори и пејачи им ја треснаа вратата на Европа пред нос. Им ја зедоа шансата и надежта да застанат на големата евровизиска сцена, а можеби и да победат.
Им ја скратија можноста на некои млади, талентирани автори и изведувачи да добијат шанса да ја претставуваат својата земја на најголемиот музички натпревар. Низ песна да порачаат нешто за својот идентитет и вредностите зад кои стојат. Кој не бил таму не знае колку тоа е голема работа. Да, има шунд, кич, „бљувотина“. Патем, ништо чудно, каков што ни е и животот овде.
Ако на годинешнава Евровизија учествуваат 37 земји, за тоа постои причина. Зошто на Германците, Италијанците или на Британците им е битно да се појават на овој настан? Плаќаат и поголема сума за учество на организаторот Европската радиодифузна унија, за да им се осигури финалето. Зошто нив им е тоа толку важно, а нас не? Ние не сакаме да се дружиме и да купуваме знаење. Или некому одговара да сме тупи и глупи и да мислиме дека не ни треба култура.
Ние сме мала земја, која не е во можност да се натпреварува со останатите во економија, технологија, но имаме квалитет, талент да се натпреваруваме на полето на уметноста – музика, филм, мода. Штета е што тоа не го користиме.
Најлесно е да се откажеш, што е релевантно за сфаќање на нашата етика за успех. Можеби никогаш сме немале ни приближно толку голем буџет како повеќето земји учеснички на Евровизија, но сме успеале да бидеме во трката.
Докажавме со Тамара Тодевска дека Европа може да го запознае нашиот авторски и изведувачки квалитет. Голема е трагата што ја оставија и Калиопи, Тоше, Каролина, Елена.
Затоа, по две години пауза, треба повторно да се вратиме на евровизиската сцена. Изборот би бил најрелевантен кога би се возообновил Скопски фестивал. Бидејќи јавниот емитер во изминативе децении ја уништи продукцијата и оркестрите, тоа ќе биде тешко изводливо. Нека се направи избор по примерот на соседите – Србите. Во МРТ има стручни, креативни луѓе и големи професионалци. Треба да им се даде можност тоа да го покажат.
Стручњаци, продуценти и уредници да одредат кои песни од тие што пристигнале на конкурсот да влезат во конкуренција. За победникот да решава публиката и жири. Но, не од странство. Може ли барем во музиката да не зависиме од странци? Наши, еминентни музичари и изведувачи, да се појават на ТВ-екраните и да гласаат. На тој начин ако се плука, а сигурно така ќе биде, зашто сме „клети“, плунките ќе завршат на главите од жирито, а не на луѓето од МРТ задолжени за организацијата.
Една од причините за откажување од Евровизија верувам дека е и постојаното негодување на народот и критиките упатени до нашата евровизиска делегација. Поголем дел од нив не се ниту основани, ниту конструктивни. Туку се чиста глупост. Како предлогот, со парите што ќе се потрошат да учествуваме на Евровизија, да се купат комбиња за Итна медицинска помош. Да, тие комбиња ни се многу потребни, но обврска за нивна набавка има Министерството за здравство.
Пред многу години бев сведок на многубројна македонска делегација присутна на Евровизија. Што резултираше и со огромен трошок на МРТ. Не можев да ги добројам луѓето кои секој ден се појавуваа пред мене, а немаа никаква обврска околу настанот. Живци изгубив и со женската задолжена за пиар, на која најбитно и беше да и кажат дека е убава и со кого од учесниците да се фотографира. Имаше Евровизии и со големи кавги меѓу македонската делегација и некои новинари. Не се изземам од тие ситуации.
Сепак, тие времиња одамна завршија. Во изминативе години, членовите на нашата делегација се броеја на прсти, иако нивниот ангажман на настанот е навистина обемен. Секојa минута, час и ден е испланиран до ситница од организаторот.
Дојде време на промени. Ако на претходните им „пукнал филмот“ од се, на нивно место треба да дојдат други со поголем ентузијазам. И со нова филмска лента на која ќе продолжат да ја испишуваат евровизиската историја на Македонија.
П. С Да ја разрешиме дилемата – Финецот имаше гаќи, во таканаречената „месо боја“. Ќе го гледаме и во финалето.
Соња Алексоска Неделковска (директен известувач од 10 Евровизии)
Фото: Еurovision.tv