Еден клик од рај до пекол!

Добивај вести на Viber

Баба ми велеше дека човек кога ќе почне да тажи по минатото, дефинитивно старее. Не знам дали 48 се веќе навлегување во години кога е природно да се жали по некои времиња во кои сум се чувствувала посмирена и побезбедна, ама токму тоа ми се случува деновиве. Не бегам ни од тоа дека стареам, иако имам многу тоа да кажам и за и против. Нејсе, станувам меланхолична и некако поранлива.

Растевме во други времиња, оние кои беа некако изолирани од се’ лошо што се случуваше во светот. Игравме на плочници до доцна во ноќта, возевме велосипеди низ парк навечер, се враќавме дома во ниедно време, сами. Дури и манијаците беа некако културни. Се знаеше шемата, покажување на пенисот и гитла бегање, немаше напаствување (или барем добро се криело од јавноста), немаше силувања, немаше насилство. Но затоа имаше маалски полицајци кои не’ знаеја сите, па не беше баш едноставно да се шуња човек по други маала. Веднаш се пристапуваше кон легитимирање, па кој си и што си, што бараш навечер на паркинг.

Немав страв од ништо. Ни од црна темница во 2 сабајле по снегови, ниту од кучиња, ниту од случајни минувачи кои беа мажи. Се чувствував безбедно, силна, своја. И после го пуштивме светот на голема врата. Сакавме да бидеме дел од она што се случува надвор. И станавме. И ако до пред неколку децении дознававме за тоа што се случува во светот на главните вести во 19,30 часот, со интернетот дознаваме се’ во моментот кога нешто е објавено и на друг крај од светот. Се престоривме во воајери, влегувајќи во сечиј живот преку оние блуеници од ријалити шоу емисии, станавме судии, џелати, манијаци. Наопаку, многу наопаку.

И да, животот се олесни во многу сегменти. Википедија за информации од секаков вид, порно сајтови за оние кои даваа пари на видео касети, се’ стана достапно со само еден клик. Поблиску до пеколот или до рајот, зависи кој како ги гледа работите. И точно е тоа дека се’ зависи од нивото на слобода кое човек го имал во себе, пред да му е дадено нешто. Оние кои беа како од кафез пуштени, интернетот го сфатија како начин и можност да надоместат се’ што пропуштиле низ животот. Па и појавата на социјалните мрежи беше уште еден додатен бум за и онака раскашавените мозоци на многумина. Слободата да се сокриете позади лажен профил, слика, идентитет за да се извади она најлошото од себе стана хоби.

Па и оние кои се на социјалните мрежи со свој идентитет многу пати помешаа што е демократија, а што лаење, клеветење, злоупотреба. Секој секому може да реплицира како што ќе му текне, да вади од приватни пораки муабети кои служат за потсмевање, да се ставаат туѓи фотографии и животи со цел да се исмева, навреди. Среќа, постои опција блокирање...но, муабетот ми е друг. Дали сме спремни за слободата која ја сакаме и бараме? Оти слободата не е само уживање на правата. Таа сама по себе е и голема одговорност кон себе и светот околу. И искрено, не мислам дека сме созреани за тоа. Еве, читам за позната личност која споделува свое искуство со сипаници кај своето бебе, со еден куп практични совети за мајките кои допрва ќе се соочат со истите проблеми. Коментарите варираат од “супер, фала...корисни совети”, до плукање и мешање баби и жаби, па и спомнување вакцини и триста глупости, оти за тие сипаници НЕМА вакцини.

Следно, мешање политика во се’. Преку глава сте ми! Не може човек да изнесе мислење за филм, музика, живот, кикирики, семки....што и да е, а да не го растргнете дали е од “северџаните” или оние другите. А секако дека сите северџанки се и соросоидни кучки или уште полоши изрази. Искрено, ме заболе уво како ќе ме наречете. Ама едно знам...и од едната и од другата страна што сте, а сте погани до срж...не дај Боже да дојдете на власт или да ви се даде некаква моќ, оти во секој од вас седи стуткан по еден мал диктатор кој едвај чека да види ден. Јаз’к да ви е.

Следно е она што најмногу ме извади од ум, а тоа е последната афера со апликацијата Телеграм, односно формирана група од над 7000 членови, со цел да се даваат телефонски броеви од малолетни девојчиња, нивни слики или клипови. Девојчиња кои имаат години колку ќерка ми, плус или минус година или две. Ми се крена коса на главата. Ми се потслоши од прелетување со поглед на содржината на пораките. После ми се потслоши од сите експерти кои едвај ко да чекаат некоја ваква гнасна работа да се појави за да извадат кантарите и да премерат кој е лош родител, чија ќерка е со сомнителен морал, дали некое од девојчињата “сама си го барала”. Срамота! Имаме проблем на повисоко ниво од вашите плитки размисли. Имаме проблем дека живееме во мизерија која бара да работиме од утро до вечер, дека надоместуваме време со децата така што ќе им купиме мобилни телефони, дека заборавивме да ги прашуваме, да комуницираме со нив, да ги едуцираме за основни работи.

Не се за осуда родителите или институциите...туку целото општество. Пак ќе речам, смејте се за мојата носталгија, ама на времето соседите се грижеа за оние деца чии родители мораа да работат во смени, или кои функционираа со само еден родител од било која причина. Не се фаќаше сеир, туку се помагаше. Не се осудуваше, туку имавме емпатија кон се’. И не знам зошто многу работи ги направивме на погрешниот начин, не знам зошто ги изгубивме конците од раце. Само знам дека се затрчавме по кисела бонбона завиткана во светликава хартија. Дека ги користиме сите придобивки на многу, многу погрешен начин. Дека не извлекуваме поука, туку само стануваме се’ повеќе и повеќе злобни кон околината.

И страв ми е за оние кои доаѓаат после нас. Страв ми е за генерациите кои ќе бидат оштетени од овие модерни времиња во кои лепењето етикети, осудите и потсмевањето се како на времето “добар ден”, ”благодарам”, ”извини” и ”те сакам”. Неподносливата леснотија на плукањето на малограѓанштината која купува образование и дипломи ми носи само немир и страв.

Минувајте време со своите деца. Минувајте време да им го знаете животот, дилемите, размислувањата. Ова не се веќе оние времиња во кои улицата ги учеше младите да бидат мангупи. Во овие времиња, виртуелните “улици” ни ги јадат децата. Неповратно. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Ми недостасува она време

Кога луѓето еден крај друг со насмев минуваа

Како со години да се познавале

И многу лаф муабети меѓу нив поминале

Кога плочниците полни детски џагор беа

Без да се плашиме од лошите чичковци

За кои раскажувавме измислени приказни

Кога во ниедно време низ улици сме шетале

Со леснотија и мир во градите

Без да заобиколуваме темни ќошиња

Ми недостасува воздух

Оној порано кој го жед го голтавме

И слободата која во умовите ја имавме

Без грижа што ќе донесе новиот ден

И без тескоба од ноќта што доаѓа

Веројатно стареам

Барем баба ми така велеше

Дека штом почнува да ти фали минатото

Годините веќе те навјасале

Та си бараш утеха во нештата кои минале

И кои веќе нема да се вратат

Ех, ми недостасуваат луѓето

Оние кои повеќе ги нема

Кои заминале во некоја друга димензија

Кои веќе живи не се

А и оние кои патот далеку од мене ги однел

Та сега само буквите си ги гледаме, наместо очите

Ми недостасува мирот

Кој младоста со себе го носи

Иако од годините не се плашам

Ама некако ме разжалостуваат и осамена ме прават

Ми недостасува искреноста во муабетите

Без меркање под око и брза проценка

Кога беше сеедно кој од каде е

Дур има душа во себе, дур чоек е

И колку повеќе му се мислам

Толку повеќе сфаќам дека ми недостасува

Ох

Ми недостасуваат луѓе на кои сево ова им недостасува

Па да седнеме на чаша вино

Да се расприкажеме и поднапиеме

Да се смееме на минати случки

И да живееме нови, со секој изминат ден

Да пееме до зори и од следниот ден да сме ко што сме биле

Да се смешкаме на непознати по улици

Да ги поздравуваме и да посакуваме убав ден секому

Без лоша мисла во главите

И без товар на суетите

Да се родиме одново

Или да се вратиме назад

Па повторно да дишеме ко првпат да ни е

И поинаку да замирисаме

На чисто

На убо

На нов почеток

На себе