Еден ти е животот

Добивај вести на Viber

Не знам што ѓавол не’ тераше, ама деновиве со една другарка фативме да муабетиме за психичките, но и физичките промени кои ни ги носат годините. Седнати на пијачка, прво се распостеливме на долго и широко со спомени, почнувајќи од времето на дедо Ное. Ги евоциравме случките од ЗЗ Топ и незаборавните журки организирани од Вера и Бајо, ноќите во Ван Гог (во времето на Бане) кога некогаш не можеше ниту да се стаса до кафичот, па дремевме на улица. Збеснувавме на “нашите песни”, пиевме колку да се каже оти сме пробале алкохол, а поентата на излегувањето беше да се изнаиграме а не да сме видени.

Потоа на ред дојдоа симпатиите кои останале само желба...бившите ги скокаме редовно во муабетот, оти ги имаме раздробено сите поминати ситуации до повраќање. Башка, некако и двете сме имале бивши кои биле фини и со кои сме останале во убави сеќавања едни на други (освен еден мој бивш кој џигерот ми го изеде, ама по моја вина). Е, ама симпатиите се сосем друга приказна. Секогаш имале посебно место во мојот живот, ми будат некое чувство кое ми е дури и необјасниво, но е на граница на копнеж и мисла “што би било кога би било”. И најинтересно е кога ќе ги видам после векови, не ги гледам какви се реално, туку пред очи ми е нивната слика која ја имам зачувано во себе.Знаете, сакајќи или несакајќи секогаш потсвесно правиме споредба меѓу тоа време (кога сме биле млади) и ова сега (во кое сме веќе возрасни), поттикнати од некоја чудна носталгија. Дали носталгијата е по тие години или по слободата која сме ја имале, не знам.

И така, низ времепловот (а им се смеев на моите кога го правеа тоа што јас сега го правам) дојдовме до тоа колку сме се смениле во изгледот и во карактерот. Прво почнавме со спондилозата, пропратена со тину-нину во глава и желбата да ти помине ваљак низ цело тело за да те искрцка. Потоа на дневен ред ни беше менопаузата со оние неподносливи топлотни бранови од кои за 5 секунди се правиш жива вода од глава до петици (сосе гаќи дами и господа...нема достоинствена менопауза), па како се менува квалитетот на косата, ноктите, тенот. Си признавме оти најстрашни се промените во расположението, кои редовно (барем мене) ме носат од “супер сум” до “не ми се станува од кревет”. Да, да, и тоа е дел од менопаузата и некогаш се фаќам оти ни пубертетот не ми бил толку хаотичен како овој стадиум од животот. Убавото е тоа што навистина важи она дека “во овие години, не можам да ги вовлекувам ни стомакот ни јазикот”, па доживувам една катарза бидејќи си кажувам се’ што не ми е по ќеф. Како тип на човек кој секогаш бил доволно мек и емпатичен за да премолчи и тогаш кога некој го прави будала, сега некако тоа не ми успева. Или како што рече другарка ми “абе јас сакам да премолчам, ама додека си повторувам дека треба да ќутам, се слушам себеси како го кажувам тоа што ми е на ум”. Па, јас сум во понапредна фаза, не ни сакам да ќутам оти ако молкот е половина здравје, да си кажеш што те мачи е цело здравје.

Нормално, дојдовме до килажата и она што е сега ИН, естетската хирургија. За килажата кревам бело знаме, се помирив со тие 5+ и сега единствено што можете да ми кажете е “создравје да си ги носиш”. Да, ми пречат ама бидејќи решив дека нема да пијам хормони, барам други алтернативи за тоа како да ги симнам. Со нејадење не оди бидејќи ниту е здраво, а за мене ниту е возможно оти гладна и климактерична е убитачна комбинација (како темпирана бомба сум). Решив дека посериозно ќе продолжам со вежбање, оти едно време забушавав (признавам дека се вадев на немам време или претопло е), па ќе ви кажам до каде ќе стасам. Ме изнасмеа другаркава кога ми кажа дека тоа простирките за вежбање редовно и’ маваат на дремка.

И за крај, го фативме муабетот за естетската хирургија. Јас сум коркач и не легнувам под нож дури ни ако ми ветат дека после ќе личам на Анџелина Џоли. Тоа во мојот мозок му иде ко да си ја барам бељата, а на овие години ич не ми требаат бељи. Значи, да скратам. Самата помисла да ми се брцка со игли под кожа на лице ми е страшна и тука не станува збор за тоа дали одобрувам или не (на крајот на краиштата, која сум па јас да давам мислење за туѓи одлуки) туку за чист страв и нелагодност. Едно време си го матев умот дека целулитот се решава со липосукција, додека не изгледав видео за тоа како се врши липосукцијата (одвратна сум, знам) и буквално ми се слоши, ми се снеможе. Знам дека секоја одлука за или против естетска хирургија, си има своја цена. Тоа што ме плаши е дека се’ повеќе и почесто станува тренд кој обзема и кој станува опасен од аспект на тоа дека не сите имаат финансии за да си го приуштат најквалитетниот таков третман, па одат во странство и во болници кои се со сомнителен квалитет.

Драги дами, ако веќе сакате да менувате било што на себе, одете онаму каде што здравјето ќе ви биде нечачнато. Ако треба и почекајте, соберете доволно пари ама немојте заради изгледот да си го доведете животот под знак прашалник. Имате интернет, испитајте каде и кај кого заминувате, под чија рака и нож ќе легнете. Ова го пишувам и како апел, оти во последно време се вртат разни приказни (вистински и реални) за брзите решенија кои имаат долгорочни последици.

Како мајки на женски деца кои се во тинејџерски години, со другарка ми бевме малку загрижени за делот кој опфаќа естетска хирургија. Е сега, апсолутно сум за зафати кои ќе допринесат за поарно здравје, сеедно дали физичко или психичко. Секако, првенствено во консултација со психолози, оти не ретко кај помладите луѓе желбата за корекција на лицето е заради искривената слика која ја имаат за себе. Ние дома имавме една таква (за среќа многу кратка) фаза во која Нина не си го сакаше носот, па како би било брадата ваква или онаква да и’ биде. Признавам, тоа беше краток, но страшен кошмар за мене. Времето и муабетот кој го водевме си го направија своето и некако таа идеја ја остави зад себе. Веројатно, таа фаза на неприфаќање себе во целост мора да се мине во време на пубертетот. Не се колебајте да барате стручна помош ако потрае кај вашето дете, особено што тоа што им се “продава” на тв, списанија и реклами е нереално. Имаше една статија за бивша манекенка која се бореше со анорексија и низа психолошки проблеми затоа што морала да живее со едно јаболко на ден и вода.  

Нејсе, имам скоро 52 години и не знам уште колку ќе бидам тука. Единствената (до крај) непредвидлива работа во животот е смртта. Немам време, а некако немам ни желба да ми помине овој период во мозгање дали брчкава ми стои вака или онака или дали кога се смешкам, околу очите имам “лепеза”. Имам денови кога сум терсене до степен што се карам со сама себе, имам денови кои ми се како песна и ги врвам со енергија на 25 годишна девојка. Имам денови кога светов можам да го свртам наопаку без напор, ама имам и денови кога отворањето на очите наутро ми е ко да сум чистела цел ден низ дома. Имам денови кога можам буквално со секој што ќе го сретнам (познат или непознат) да муабетам со часови, имам и денови кога ми е мака што дишам. Ама сите денови, и оние убавите и оние никаквите...среќна сум што сме тука, вие и јас. Ете, среќна сум дури и сета ваква кенкава со спондилозата и со целулитот, со старечкиве пеги на рацете и свесноста дека допрва доаѓаат сите промени. Среќна сум што сум жива и здрава, што ми се тука саканите, што сте ми на број. Не заборавајте дека еден ви е животот и дека најважната работа што треба да ја направите е да го живеете во љубов и слога со себе.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Уба’а жена да бидеш

Ама не да се натокмиш

И црвило на образите да клајш

Ниту руба нова свилена

Ниту пак чевли светнати ти требаат

Биди уб’а жена

Биди среќна жена

Која однатре ќе свети

Ѓоа душата од сонце ѝ е послана

И низ очите сјајот да ти излегува

Та ко’ ќе го опулиш чо’ека

Да му го згрееш срцето

Уб’а жена

Таква да си

Своја и нечија

Местото за себе во себе да си го најдеш

И во креветот да не си наполу

Чо’ек да имаш

А пак да ми си ти – ти

Да знаеш оти љубиш

Ама да не се заборавиш себеси

Оти еднаш ако се загубиш

Појќе враќање нема

Ојш негде кај ш’о зад тебе трага не останува

И не мојш дури ни к’о во приказните трошки да оставиш

За да се вратиш дома, на себе

Зато уб’а да си

Жена уб’а на себе да си бидеш

И ко’ ќе се очаклиш в огледало

Да не го тргаш погледот

И да не ја веднеш главата

Оти после тешко нагоре се крева

Не ќе можеш да ја додржиш

К’о без коски

К’о во своето тело гостин да си

И нигде не те збира

Нигде не ти чини

Нигде смеа не слушаш

Ниту пак убости гледаш

Оф бе пиле

Да можам

Само да можам в гла да ти турам ум

За да не далдисаш

Оти ти усул немаш

Ќе дајш појќе од ш’о ќе можиш да крепиш

А тенко си пиле

Не ми држат плеќите

А душата ми ти е к’о вода

Та се прелева

Појќе нему ќе му дајш од ш’о за себе ќе имаш

Та покрај вода, од жед ќе згаснеш

Оф бе чупе

Оф пиле мое

Уб’а жена да си

Таква да дочекам да ми те видам

Да светиш

Да живееш

Среќна да си ми

И уб’а

Ама тоа не се учи

Нема книга за тоа да бидеш

И темелот на душата не се менува

Та ако сакаш дворец изгради врз неа

Затоа страв ми е

Оти убај жени на лик многу ги има

Со дупки место очи

И уста полна земја место насмев

Тие убај жени без убост

К’о тебе пиле мое

К’о тебе