Една за сите, сите за една

Добивај вести на Viber

Душата ми се полни секогаш кога ќе видам како жена на жена и’ станува потпора, утеха, грб, заштитничка. Во овој машки свет во кој живееме, жените едни со други се гледаат како конкуренција уште од мали нозе. Како растеме, таа компетитивност само се зголемува и продлабочува. Која е поубава, позгодна, која поубаво знае да готви, па која е подобра сопруга или мајка. Аман, олабавете! Зошто да не се натпреваруваме во тоа која ќе помогне на друга жена да просперира во било кое поле, без малото ѓаволче кое ни седи на рамениците да не’ труе со тоа дека ТАА (некоја си таму) не е ништо подобра од нас?!

Веќе еднаш имам пишувано за синдромот “жена на жена и’ е волчица”, шокирана од тоа што се’ сме спремни да кажеме (шепнеме) една за друга зад грб. Пак ќе повторам, за мене е сосем нормално да кажам на жена дека е убава, дека ми се допаѓа како и’ стои фустанот, дека се воодушевувам на начинот на кој знае да чекори во високи потпетици...и сето тоа да е искрено и од срце кажано. Сосем нормално ми е дури и на продавачката што ја гледам секој ден, а не ја познавам да и’ посочам дека баш ми се допаѓа новата фризура и дека таа нијанса и’ прилега на тенот повеќе и поубаво.

Човек секогаш и за се’ поаѓа од себе. Така и јас. За мене е сосем нормално да ја дадам мојата мисла и поддршка на секоја жена која со својот ум и работење има постигнато нешто во животот. Она што ме зачудувало било тоа дека секоја од нив ми се заблагодарувала како да сум направила којзнае што! Од тоа сфатив дека толку малку се поддржуваме едни со други, што во првиот момент кога некоја од нас подава рака, тоа се третира ко да сме спасиле живот (а кога поубаво ќе размислам и така е). Сепак, тоа ми е оној наш синдром на врвен сељачизам кога напатените пешаци ќе ми климнат со глава кога застанувам на пешачки премин, ко да сакаат да ми кажат фала што не сум ги згазила и што не сум прошишала покрај нив за да имаат траума 3 дена. Знаете, на овие години веќе ми е малку заморно да ги преџвакувам цело време истите фори. Не сакам кога ме меркаат под око и не го правам тоа. Не сакам кога ќе чујам комплимент кој не искри од очите и не ги давам таквите никому. Не сакам зборување зад грб (додуше се’ помалку сакам било какво зборување, или О-зборување) и не го правам тоа.

Зборот си го арчам тогаш кога имам да кажам нешто убаво некому или некому за некого. Се научив џабе да не ломотам, оти ме уморува. Дали оваа или онаа имала дома ваков или онаков мебел, ич не ме интересира. Дали накитот кој го носела вредел онолку или оволку, ми е бадијала фрлен муабет. Тука ставам и муабети од типот дали мажот и’ бил ваков или онаков, дали летувањата им чинеле 10 или 15 илјади евра. Значи, не ме интересира. Ама ич. Никого не трујам и не сакам да ме трујат со информации кои немаат никакво значење за мене.

И на сета оваа ситуација, кога сфаќаме дека ниту еден маж не може ни со мисла ниту пак со дело да го направи она на што е една жена спремна да направи на друга жена колку да се покаже пред светот дека е подобра, се случува НАПРЕД РОЗОВО!

И оваа година таму. Градски парк, Школката веќе нашминкана во розови балони, флаери, еден куп Борки веќе таму, маиците спремни, кутиите со донации отворени. Сите жени комуницираат како да се познаваат една со друга. Дури и јас, интроверт, се чувствувам опуштено и смирено. Шеткам, промуабетувам, се гледаме очи во очи и се’ си читаме таму. Знам зошто сум присутна, чувствувам дека знаат и тие. И возвраќаат со сето срце. Облекувам маица и дел сум од семејството на Биба и Борките кои се борат секој ден со сите предизвици кои ги носи болеста со кои се соочуваат. Ниту една нема намуртена, тажна. Насмеани се затоа што освен борбата со својата болест, тука се со насмевката да ги мотивираат оние кои се соочиле наскоро со истата дијагноза. Жарот со кој се посветени во она што го работат, грее околу.

Толку многу жени на едно место. Различни по години, ама со иста цел. Да дадат поддршка, да се таму за да чекорат за оние кои ги изгубиле, а воедно и да дадат дел од себе и надеж за оние кои се борат. Денес (недела) ич не беше важно која е поубава. Не беше важно која каква фризура има, како е облечена. Не беше важно ниту која што има во животот постигнато од кариера. Сосем неважно. Денес не бев Ана, онаа што пишува. Денес бев жена која беше таму за другите жени. Секоја една беше таму за останатите. Секоја една која ќе земеше шишенце вода оставаше пари во кутијата за донации, иако шишенцата беа бесплатни. Денес бев горда што сум жена и тоа една од оние со две срца.

И се прашав...зарем не треба вака секој ден? Зарем не треба да сме сите тука за било која и било која од нас за сите останати? Зошто да не си ставиме во умовите по една мисла дека животот е проклето краток за да го оптоваруваме со суети и натпреварувања кои никому не донеле ништо добро.

Не сакам да ме паметат како убава жена. Не сакам да ме паметат како “поетеса”. Не сакам да ме паметат дека сум имала џиш црвена коса или преубави зелени очи. Не сакам да ме паметат дека сум знаела да правам одлична лазања или дека од првата чашка алкохол се кикотам ко да имам 15 години. Не сакам да ме паметат по тоа каде сум работела или што кола сум возела. Дури не сакам ни по книгите и насловите по нив да ме паметат.

Сакам да ме паметат по тоа дека сум била УБАВ ЧОЕК. Дека сум знаела да подадам рака, да премолчам и простам, да помогнам колку можам. Сакам да ме паметат дека сум оставила аманет на ќерка ми да си го варди образот и да е чесна. Сакам сите да не’ паметат по тоа дека сме кренале некого од калта со збор и дело и дека сме биле благи и нежни со зборовите.

И како што велам...сакам да се сакаме дур сме тука, дур живи сме. Оти после, после веќе се’ е залудно. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтескa

има жени

кои магија во очите носат

и со нив ти зборуваат, приказни раскажуваат

дури и тогаш кога тишината е најгуста

има жени

раскошни и сладострастни

чии тела мамат воздишки и болни ерекции

за кои вреди и војни да се водат

има жени

кои можат светот да го обликуваат

со усни од кои тече мед

и раце кои топат олово

има жени

полулуди уметници

во паралелен универзум кои живеат

несвесни и ранливи во овој, земски свет

има жени

мајки

сестри

љубовници

сопруги

пријателки

осамени

со страотен пмс

пресметани

наивни

цинични и дрски

секакви не’ има

и...

има жени

ете тие се најретки

жени со две срца

едното во градите им чука

а другото на мегдан го носат

на челата

на усните

и во очите

во стисокот на дланките

во воздишките

кои несебично срцата ги раздаваат

сета љубов во нив што се збрала

која ако им остане, сигурно ќе ги убие

ете тие жени

тие жени се раѓаат и умираат од љубов

живеат за неа

се хранат и дишат од неа

тие прекрасни, прекрасни

несреќни жени

жени со две срца