„Шумската дружина: кога сите сме заедно“ - едукативна игра што внесува нов живот во насочувањето на детските емоции

Добивај вести на Viber

Минатата недела, во „Млади Хаб“, во присуство на многубројна публика од педагози, психолози, воспитувачи и учители, се одржа промоција на едукативната игра од Христина Стефановска: „Шумската дружина: кога сите сме заедно“. Интерактивната едукативна игра е дел од едицијата „Железница на чувствата“ во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

„Благодарност до Арс Ламина што го препозна овој труд и задоволство ми е што се создаде простор за ваков вид алатки и психолошко творештво за деца на нашиот пазар. Во ракопис имам уште терапевтски бајки што чекаат на ред за да придонесат до подобро ментално здравје кај децата. Едицијата ’Железница на чувствата‘ е препознаена и од соседните држави и ќе биде преведена на други јазици, за што сум особено горда“, изјави авторката Христина Стефановска во своето обраќање.

На промоцијата се обратија доц. д-р Ана Чучкова, професор на Факултетот за психологија при МСУ, и Цветанка Бурзевска – лиц. психолог/гешталт арт терапевт, кои во своето обраќање ја истакнаа потребата од ваквиот тип на едукативни игри што внесуваат нов живот во насочувањето на децата да се посветат на своите емоции.

„Комуникацијата е целосна кога умееме да ги разбереме емоциите на другиот. 'Шумската дружина: кога сите сме заедно' e oдлична џебна алатка за да си позборуваме како се чувствуваме.“, истакна Чучкова.

„Јазикот на визуелната уметност – боите, формите, линиите и сликите во картиците – ни зборува на начини на кои зборовите не можат. Преку имагинативна игра, децата и возрасните лесно им припишуваат чувства и идеи на овие ’животни‘ и ги користат за да се изразат, да истражуваат и да ги разработуваат сопствените идеи, мисли и чувства“, објасни Бурзевска.

Со своето присуство, значителен придонес и признание даде и психологот и универзитетски професор Олга Мурџева-Шкариќ.

„Шумската дружина: кога сите сме заедно“ е сет од 40 картички со различни прашања, илустрации и сцени со ликовите од четирите психолошки прирачници на Стефановска, шумската дружина: Мешко, Ушко, Летко и Сончка, со чија помош можат да се научат вештини, техники и здрави уверувања за ослободување и самоконтрола на емоциите лутина, страв, тага и среќа. Сетот е наменет за деца над пет години, за развивање на емоционалната интелигенција кај децата.

Христина Стефановска е автор и на четирите интерактивни психолошки прирачници за деца и возрасни: „Кога Мешко се лути“, „Кога Ушко се плаши“, „Кога Сончка е среќна“ и „Кога Летко е тажен“. Целта на овие изданија е да им помогнат на децата да ги препознаат четирите доминантни емоции кај себе и кај другите, да научат да се справуваат со нив и да ги канализираат на креативен начин. Книгите се дел од едицијата „Железница на чувствата“.

Стефановска е лиценциран психолог со многубројни сертификати за техники во психотерапијата со деца и адолесценти и врши онлајн-психоедукација на јавната свест на теми поврзани со детска психологија, родителствување, воспитување итн.

Едукативната игра „Шумската дружина: кога сите сме заедно“ и четирите интерактивни психолошки прирачници за деца и возрасни се достапни во поголемите книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн преку следниот линк: 

https://www.literatura.mk/link/ihCwn3QkRk
Пр обајава