Експлантацијата на коскено ткиво од починат донор е револуционерен чекор: Интервју со д-р Виктор Камнар
Во текот на викендот, за прв пат на Клиниката за ортопедски болести е направена експлантација на коскено ткиво од починат дарител. Придобивките од коскените трансплантанти се огромни, вели во денешното интервју за Фактор, доц. д-р Виктор Камнар, специјалист по ортопедски болести. Нашиот соговорник истовремено потенцира дека и покрај загубата на човечки живот која е ненадоместива во секој поглед, станува збор за револуционерен чекор во македонското здравство, бидејќи коскените ткива од еден донор, покрај анатомска (морфолошка), овозможуваат и механичка и функционална поддршка на дефекти, болести и оштетувања на скелетот кај пациенти со бенигни и малигни тумори, состојби после трауми, последици од акутни и пропаднати ендопротези, како и други заболувања кои го оштетуваат скелетот.
Што е тренд во трансплатацијата на коскено ткиво поврзано со настанот од пред неколку дена кога се изврши пресадување на неколку органи од починат дарител?
Д-р Камнар: Процесот на коскена трансплантација кај нас е започнат пред четири децении, конкретно во 1984 година кога благодарение на ентузијазмот на Клиниката за ортопедски болести е започнат проект за формирање на коскено-ткивна банка, односно термин што се дефинира како место во кое што се преземаат активности на процесирање, презервација, зачувување и/или дистрибуција на коскени ткива за човечка апликација. Периодот кој следи, во наредните две години, односно во 1986 година, е набавен првиот специјално дизајниран фрижидер кој овозможува длабоко замрзнување на коскените ткива и мекоткивните тетивни препарати. Она што е ново и за прв пат, е дека коскеното ткиво и мекоткивните (лигамненти и тетиви) се добиени од починат дарител. За да се разбере подобро коскената трансплантација треба да се разјаснат неколку термини, а тоа се: автологен коскен графт, хомотрансплантат или алографт и веќе исфрлениот од употреба, ксеногравт. Првиот се дефинира како коскено ткиво кое се отстранува од еден дел на скелетот каде што не предизвикува функционален недостаток и се пренесува на друга локализација во истиот организам. За разлика од овие графтови, коскените алографтови се добиваат од сроден организам (од човек на човек). При одредени состојби каде што е возможно да се отстрани дел на коскеното ткиво (пр. имплантација на тотална протеза на колк) и истиот тој коскен графт преку посебна припрема се употреби како коскен трансплантант. И едниот и другиот начин имаат еден недостаток, а тоа е ограничената количина на донираното ткиво. Сега е импонзантно што имаме можност за добивање коскен алотрансплантант во неспоредливо големи количини кои по отсранувањето од донорот поминува низ метод на физичка подготовка. Тоа значи детално чистење на ткивото, потоа отстранување на микроорганизмите и инактивација на вируси преку патохистолошко и микробиолошко тестирање и пред нивно пакување и складирање за презервација, одредување на квалитетот на одредените графтови.
Целото интервју читајте го на Фактор , тука.