(ГАЛЕРИЈА) ЕМОТИВЕН И ВОЗБУДЛИВ КОНЦЕРТ НА АКТЕРОТ БОСИЉЧИЌ: Иван и посвети песна на сопругата Јелена
Српскиот актер Иван Босиљчиќ и посвети песна на својата сопруга, поп-пејачката Јелена Томашевиќ, на синоќешниот концерт во Скопје, во МОБ. Пеејќи ја песната „Дали знаш да те волим“ од Дадо Топиќ, Босиљчиќ погледна во својот венчален прстен, смени мал дел од стиховите и го покажа прстенот.
Пред секоја песна, Босиљчиќ рецитираше стихови кои ја најавуваа. Публиката во полна тишина, особено жените, му го голташе секој збор додека рецитираше, а беше гласна додека пееше
Но, не само овој гест измами овации кај публиката. Актерот ги заслужи сите што ги доби, во текот на целата музичко-поетска вечер, насловена „Неколку стихови за нас“. Вечерта почна театрално, со бендот, но без Иван на сцената. Тој публиката ја поздрави рецитирајќи љубовни стихови од зад завесата, па весело истрча на бина, пеејќи го евергринот „Звиждук у осам“ од Ѓорѓе Маријановиќ. Пред секоја песна, Босиљчиќ рецитираше стихови кои ја најавуваа. Публиката во полна тишина, особено жените, му го голташе секој збор додека рецитираше, а беше гласна додека пееше, најмногу затоа што репертоарот е составен од познати хитови. Кемал Монтено, Оливер Драгоевиќ, Џибони, Драган Стојниќ…, па за крај дури и Харис Џиновиќ се оригиналните пејачи на овие песни, кои во изведба на Босиљчиќ се мевлем за уши. Во двочасовното дружење слушнавме и руски и цигански романси проследени со вешти танцови движења, и секако, песната без која не поминува ниту еден негов концерт, „Тајно моја“ од Тоше Проески. Освен што е емотивен и театрален додека рецитира, и е докажан актер, тој е и одличен пејач. Еден мал доказ за тоа е токму изведбата на „Тајно моја“, квалитет кој публиката лесно го препозна.
По она што го понуди, и двата стоечки биса беа малку.- публиката полуде по Босиљчиќ
Особено симпатичен е македонскиот на омилениот гостин од Белград. Босиљчиќ не поздрави на одличен македонски јазик, трудејќи се да го запази акцентот, кој успешно го владееше и во „Џипси меџик“ од Влатко Стефановски.
По она што го понуди, и двата стоечки биса беа малку. Настапот на „Ранетиот орел“ (прекар кој го доби по серијата во која глумеше) е уживање, релаксација, но и возбуда. Вечерва, Иван Босиљчиќ повторно е во МОБ, на вториот закажан настап, од 20 часот. Музичко-поетските вечери ги организира „Нова травел“ од Струмица.
Милица Џаровска