Епископ Јаков Стобиски: За нас христијаните не постои судбина, ниту пак е точно кажувањето-„Така било пишано“
„Верувањето во „судбина“ нѐ ослободува од личната одговорност и се коси со фундаменталните вистини на нашата вера“- вели во последното видео објавено на социјалните мрежи, поточно на страната Тивериопол.мк
Викарниот Епископ Стобиски г. Јаков .
Делот од говоровот на еписокот Стобиски г. Јаков ви го пренесуваме подолу:
„Верувањето во „судбина“ нѐ ослободува од личната одговорност и се коси со
фундаменталните вистини на нашата вера“.
„Господ знае од што имаме потреба и затоа нашата одговорност е голема, затоа како ќе го одживееме овој живот и каква содржина ќе му дадеме.
Затоа ќе има одговорност, ќе има и суд. И затоа за нас христијаните не постои судбина. Иако во отманскиот период под влијание на исламот се вкоренило такво некое верување дека како што е речено така ќе биде , од суденото не се бега, од судбината не се бега итн. И некако се држиме до тоа како слепи за стап, за тоа, на тој начин оправдувајќи ги своите грешки и промашувања, дека ете така требало да биде.
И зошто остануваме во тоа верување? Затоа што таквото искривено верување не ослободува од личната одговорност. Како е тоа поврзано со денешното Евангелие, конкретно со овој несреќник, со еден талант, ќе објасниме подоцна, но конкретно за судбината апсурдно е да постои такво верување и тоа е една огромна глупост која што се коси со фундаменталните вистини на нашата вера. Меѓу другото тоа е дека чекаме суд, го чекаме Христос, судијата на живите и на мртвите, кој што ќе дојде повторно да му суди на светот. И секој човек ќе одговара за секој збор што го изговорил.
Сега, ако постои судбина, и ако било речено некои нешта така да ги сториме и да ги направиме, тогаш која е смислата на судот?
Зошто Бог да ни суди, да бара одговорност за нешто што сме биле принудени од некаква виша сила да го направиме?
Знаете, судбината и воопшто таквото уверување, искривено, ја поништува целосно нашата слободна волја. Дека сме слободни битија, а ако не сме слободни, тогаш не сме ни љубени. Тогаш Бог не е љубов. Тогаш Бог е тиранин ако постои судбина. Едно што нѐ осудил да живееме живот кој што е однапред предодреден, во кој однапред му е одредена содржината, ние сме оставени без избор, нештата што мора да се случат ќе се случат . Па како да не е доволно тоа што нѐ малтретира и нѐ третира како марионети, па уште ќе бара одговорност и ќе ни суди за нешто што сме биле принудени да го направиме од некаква судбина. Гледате како е тоа во една апсолутна спротивставеност со основните вистини на нашата вера.
И го слушам си повторува, си вергла народот, судбина, така е речено, така било пишано, итн...
Бог ни дал огромни дарови. Тоа се талантите кои што ги добиваат овие тројца слуги, едниот пет, другиот два, третиот еден.
Секој од нив добил сѐ што му е потребно за спасение. И секој имал можност да ги умножи. Првите двајца ги умножиле секако, најголем дар што сме го добиле од Бога е овој живот. Тоа што сме приведени од непостоење , од небитие во битие. Тоа што сме словесни, тоа што се разликуваме апсолутно од другите созданија кои не се словесни. И зададената можност, потенцијалот кој што го имаме во нашата природа e да бидеме Богови по благодат. Да се оствариме по Благодат. Да му станеме слични нему.