Ерина Богоева ја доби наградата „13 Ноември“ за монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963 ‒ 1990)“ во издание на „Арс Ламина“

Добивај вести на Viber

На свечена церемонија во Национална опера и балет, вчеравечер (13 ноември) на фотографката Ерина Богоева ѝ беше врачена престижната награда „13 Ноември“ за монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963 ‒ 1990)“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Одборот за доделување на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, за 2019 година, ја наградува Богоева во областа на публицистиката за изработка и издавање на монографијата со фотографии од постземјотресно Скопје. На манифестацијата, со која беше одбележана 75-годишнината од ослободувањето на Скопје, наградата им беше доделена на 11 добитници коишто со својот труд и творештвото дале свој придонес за развојот на градот и за неговиот севкупен напредок.

Ова престижно признание е голема чест за издавачот „Арс Ламина“ и за авторката Богоева.
– Добивањето на наградата „13 Ноември“ искрено многу ми значи. Секоја награда е показател дека она што сме го сработиле било исклучително квалитетно, но добивањето на ова признание од Град Скопје е показател дека, не само што монографијата е квалитетна, туку дека е признаена и од самиот субјект кој таа го прикажува. Книгата беше промовирана минатата година на 13 ноември, токму заради нејзината поврзаност и мојата љубов со Скопје. Оваа година на тој датум ја примив наградата, што навистина претставува убаво затворање на кругот од 12 месеци колку што постои книгата. Љубовта за Скопје ми ја засилуваат и најмалите ситници, а оваа награда и не е баш ситница, така што сигурно само ќе ми го зајакне и мојот личен однос со градот во кој живеам и творам – вели Богоева.

„Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963 ‒ 1990)“ беше промовирана на 13 ноември минатата година во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Книгата содржи осумдесетина фотографии со објекти изградени по скопскиот земјотрес. Модерната архитектура претставува основна тематска преокупација во овој циклус фотографии на Богоева. Во нејзиниот фокус се 30 објекти создадени во втората половина на дваесеттиот век, меѓу кои: Управата за хидрометеоролошки работи, Телекомуникацискиот центар, Градски ѕид (блоковите и кулите), студентскиот дом „Гоце Делчев“, Домот на Армијата, Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, Католичката црква „Пресвето срце Исусово“ и други. Гледано од архитектонска перспектива, Богоева нè навраќа на најважниот период од историјата на развојот на градот – периодот на интензивната постземјотресна обнова.
Проектот „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963 ‒ 1990)“ е поддржан од Град Скопје, како дел од конкурсот за проекти од областа на културата што би го застапувале или збогатиле културниот живот на градот.

Ерина Богоева е родена на 2.7.1988 во Скопје. Има дипломирано на Катедрата по англиски јазик, на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“, при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. Своето образование го продолжува на Универзитетот „Нотингам“ во Обединетото Кралство каде што магистрира на студиската програма за „Филм, телевизија и екранска индустрија“. Напоредно со студирањето таа самостојно се изградува како фотограф при што активно учествува во бројни групни изложби, помали самостојни проекти дома и во странство, учествува во жирирање на конкурси и сл. Има остварено четири самостојни изложби: „Животот на улиците на Европа“ како дел од програмата на Денот на Европа и во рамки на серијата „Културни приказни" на ЕУ-Инфоцентарот на Делегацијата на ЕУ во Скопје; „Небото над Скопје“, во склоп на манифестацијата „Бела ноќ“, во Скопје; „Четири годишни времиња и малку љубов“ е нејзина прва продажна изложба во кафулето „Вондерлуст“ (Wanderlust) во Скопје, додека изложбата „Затемнетиот град“ во Музејот на современата уметност во Скопје е поддржана од програмата „Нов културен бран“ на Министерството за култура. Таа е дел од тимот на предавачи во „Семос Едукација“, каде што предава „Основи на фотографија“ при програмата за графички дизајн.
„Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963 ‒ 1990)“ е нејзина прва книга, која е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“.